Климатските активисти не го даваат селото Лицерат
11 јануари 2023Во воздухот се чувствува оптимизам, решителност и надеж. Во селото Лицерат, во близина на Келн, минатата недела на протестен марш и на спонтани демонстрации со концерти, се собраа меѓу 5.000 и 7.000 луѓе.
Давид Дресен, портпарол на граѓанската иницијатива „Сите села мора да бидат сочувани“, која се залага за опстојување на селата во Германија кои се во близина на рудници за јаглен и почитување на границата на глобално затоплување на максимално 1,5 степени Целзиусови, е одушевен и длабоко трогнат од мобилизацијата од толкави размери: „Неверојатно добро е чувствувањето поддршка на големо движење. Овде се луѓе од цела Европа и добиваме изрази на солидарност од цел свет“, рече Дресен во неделата- (8.01), по големата прошетка низ Лицерат.
Покрај селото е двесте метри длабоката дупка на моментално најспорниот европски рудник за јаглен. Површинскиот коп Гарцвајлер потсетува на пејзаж од Месечината. Огромните багери тука се уште од 1983 година и ископуваат лигнит на површина од околу 100 квадратни километри. Уништени се 19 села и исклучително плодно земјоделско земјиште. Во наредните неколку месеци би требало да биде збришан и Лицерат.
Поголем дел од теренот го поседува енергетскиот концерн РВЕ, но еден дел уште недостига. Тој и натаму му припаѓа на даночниот советник Курт Класен, кој за Дојче веле вели дека и натаму не сака да го продаде имотот на концернот.
Последниот земјоделец од селото, Екард Хојкамп, се почувствувал принуден да го продаде својот имот и пред неколку недели се исели. Сега повеќе од 1.000 активисти активно се спротивставуваат на уривање на селото. Живеат во празните куќи, а во последните две години изградија и бројни куќички на дрвјатаи подигнаа климатски камп на старата ливада на Хојкамп.
Како дојде до таква одлука?
Спорот околу тоа дали селото воопшто смее да биде уништено посебно се заостри во 2021 година, по првата студија на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) за придржување кон ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, како и сите неопходни мерки кои треба да бидат преземени во Германија во склоп на заштита на климата.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек и покраинската министерка за економија и заштита на климата на Северна Рајна Вестфалија, Мона Нојбаур, со концерот РВЕ на 4 октомври 2022 година претставија спогодба за напуштање на производството на јаглен до 2030 година – осум години порано од она што го планираа претходните влади. На површинскиот коп Гарцвајлер со тоа би можело да се спасат пет села, но селото Лицерат мора да „биде урнато, иако би сакала да не е така“, изјави Нојбаур.
Во време на донесувањето на одлуката владееше голема загриженост поради сериозниот недостиг од гас во Германија за наредната зима поради забраната за увоз на руски гас. „Војната во Украина и енергетската криза како последица на тоа вршат голем притисок врз европскиот енергетски систем“, изјави тие денови Роберт Хабек. „Сходно на тоа, една од најитните задачи на нашето време е да ја ускладиме енергетската сигурност, можноста за плаќање и одржливоста. Во краток рок мораме да преземеме вистински работи за да го осигурање снабдувањето.“
„Роберт Хабек и Мона Нојбаур врз основа на сомнитени податоци склучија валкана зделка со РВЕ, која на крајот му помага само на тој концерн за производство на јаглен“, вели Линда Каструп, портпаролка на движењето за заштита на климата „Петоци за иднината („Fridays for Future").
Експертката за енергетика од Германскиот институт за економски истражувања, професорката Клаудија Кемферт смета дека тогашната одлука е тешко разбирлива. Според нејзино мислење, требало да постои транспаретен процес на дијалог со сите учесници. Не, вели Кемферт за ДВ, „нашата, но и други студии јасно покажуваат дека Лицерат не мора да биде уништен. На постојните површини има доволно јаглен.“
Покрај сето тоа и без оглед на недостигот од гас, за Германија е посигурно и климатски поприфатливо снабдување со енергија преку ширење на обновливите извори на енергија, нагласува Кемферт. Но, темпото на ширење на тие извори на енергија би морало да биде барем „трикратно ако не и четирикратно зголемено.“
Каде е излезот?
На носителите на одлуки Клаудија Кемферт им препорачува итно воведување мораториум на јаглен. Мора да се овозможат нови преговори, потребна е „размена со оние кои се погодени, демонстранти, компании, стопанството и цивилното општество.“
Климатските активисти во Лицерат и еколошките организации имаат слично мислење. „Сега е потребно во последен момент запирање на уништувањето на Лицерат, покраинската влада мора да повлече кочница“, вели Кристоф Бауц од граѓанското движење „Компакт“.
Климатските активисти се свесни колкаво е значењето на Лицерат ширум светот. „Светот следи што се случува овде, зашто ние се бориме и за него“, порача во неделата на протестот во Лицерат познатата климатска активистка Лиза Нојбауер, членка на движењето „Петоци за иднината“. И додаде: „Овде некој мора да подвлече линија. Ако сакаме еден ден да има помалку кризи, ова уништување мора да прекине.“