Кој ќе одговара за крахот на здравствениот систем?
27 мај 2024Наталожени проблеми во инсталацијата за кислород и во компресорската станица доведоа до крах на здравственот систем на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде повеќе од една недела се затворени хируршките сали. Листата на лица кои треба да се оперираат секојдневно се зголемува, но засега решение нема. Итни, неодложни и комплицирани операции се вршат на клиниката, додека полесните случаи се препраќаат во ГОБ „8 Септември“ и Градската општа болница - Хирургија „Св Наум Охридски“.
Додека не се санираат системот за довод на кислород до салите и компресорската станица - ситуацијата останува статус кво. Дополнително, министерот за здравство Илир Демири побарал да бидат направени и анализи во Германија за квалитетот на кислородот. Веќе се испратени мостри, иако проверките од две независни институции во земјата покажале дека тој е со задоволителен квалитет. Но, поради чудната миризба која што била почувствувана пред една недела во дистрибуцијата на кислород, одлучено е повеќето операции да бидат ставени на почек, а итните случаи се оперираат со надворешни компресори коишто биле набавени.
Во меѓувреме е исклучена од употреба и хипербарната комора на Клиниката за пластична хирургија.
„Хируршките сали на Клинички центар се стари околу 30 години и ќе се користат надворешни компресори додека не се добие валиден документ за исправност“, изјави на прес-конференција министерот за здравство, Илир Демири. Станува збор за шест надворешни компресори кои ќе се користат за неодложни и покомплицирани интервенции.
Кој ќе одговара за крахот на здравствениот систем?
Досега ниту еден од директорите на Клиниката за хирургија нема поднесено оставка по крахот на здравствениот систем. Министерот за здравство, којшто е на функцијата два месецa, од Јавното обвинителство бара помош за лоцирање на одговорноста. Демири вели дека компресорската станица е на Општи служби, а тие пак се државна институција под ингеренции на Владата. За состојбите на Клиничкиот центар тој најави дека денеска (27.05) ќе го информира актуелниот владин состав. Во меѓувреме рече дека ги ангажирал сите ресурси и дал налог да се санира системот и да се стави во функција.
Ситуацијата на Клиничкиот центар веќе ја испитува и јавен обвинител. Се вршат проверки и се разговара со надлежните во здравствените институции околу настанатиот проблем.
За состојбите на клинички центар викендов на прес-конференција реагираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој рече дека цела недела трае проблемот со системот односно цевководот за кислород до операциски сали, како и дека во меѓувреме, со потпис со лична согласност, луѓе се оперираат на сопствен ризик.
„Дали Кома-центарот и КАРИЛ функционираат и дали пациенти се приклучени на истиот систем за воздух, заради кој пак систем се затворени салите за операции на трауматологија? Ако системот за компримираниот воздух се користи за пациентите во Кома-центарот и КАРИЛ, зошто не би бил добар за операциските сали, и обратно, ако салите се затворени поради системот за воздух, зошто работи кај пациенти во Кома-центарот и КАРИЛ? Дали причината за затворање на салите навистина е системот за воздух и климатизацијата, за што цела недела нема зафат за надминување на проблемот или се работи за сосема нешто друго? Дали тоа друго можеби е појава на бактеријата МРСА?“, праша Стоилковски.